Press "Enter" to skip to content

Фридом Хаус: Корупциските скандали без разрешници го намалија рејтингот на државата

Во извештајот на Фридом Хаус како проблем препознаен е притисокот врз новинарите кои што известуваат за висока корупција. Фридом Хаус го нотира случајот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) со тужбата за клевета од страна на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев. Забележани во контекст на падот на оценката за борба со корупција се и новинарските истражувања како она на ИРЛ за пожарот на модуларната болница во Тетово, истражувањата поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10 Д од страна на Бехтел и Енка како и случајот Онкологија. 

Известува: Бојан Стојановски

Измените на Кривичниот законик, тоа што ниту речиси никој од поранешните функционери не се соочија докрај со правдата, како и неколкуте крупни корупциските скандали придонесоа до тоа Северна Македонија да назадува и во владеењето на правото и во борбата против корупцијата, според извештајот на Фридом Хаус, насловен „Државите во транзиција“ (Nations in Transit).

А, организацијата предупредува и на долготрајната корупција на високо ниво.

Во Извештајот во делот на проблемите со слободата на медиумите се споменува и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во случајот со тужбата за клевета од страна на порашениот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев. Како еден од големите корупциски скандали кој придонел за пад на рејтингот се наведува и пожарот во модуларната болница во Тетово, за кој случај ИРЛ лани објави документарен филм. 

 Фридом Хаус е невладината организација со седиште во Вашингтон, САД, која  спроведува истражувања за демократијата, политичката слобода и човековите права.

Фридoм Хаус оценува седум категории – демократско владеење на национално ниво, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми, локално национално владеење, судска рамка и корупција. Во првите пет, оценката е задржана во споредба со претходно, а падот од 3,25 на 3.00 е забежеан кај судството и кај борбата против корупцијата. Како резултат на тоа, оценката за демократија на Северна Македонија се намали од 3,86 на 3,79.

Судството најкритикувано и со најмала доверба

Падот во делот судството се должи на лошото работење на Судскиот совет и наводите за непотизам при именување на судии и обвинители. Перцепцијата за непотизам дополнително се зацврстува со назанчувањето на нови обвинители и судии со семејни врски со истакнати политичари, се наведува во Извештајот.

Судството останува една од најкритикуваните институции со најмалку доверба, заклучува Фридом Хаус во Извештајот. Според него судството широко се презцепира како неефикасно и подложно на корупција и политичо влијание. Судството и Судскиот совет минатата година беа под лупа и цел на широки критики и од домашна и од меѓународна јавност, по серијата скандали во Советот. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ и амбасадорката на САД го нагласија неуспехот на клучната судска институција да го елеминира несоодветното влијание во судството. 

Лани за помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички иницирана. 

Корупцијата останува главна грижа

Измените на Кривичниот законик и големиот број на наводи за корупција против високи функционери, пак, придонел за пад на рејтингот на борбата против корупцијата. Власта во Северна Македонија, лани во септември по брза постапка и со европско знаменце го измени Кривичниот законик, што носи спас од затвор или пониски казни за многу високопрофилни случаи на корупција. Голем дел од нив веќе застареа. 

Главна грижа и за јавноста и за меѓународните актери ( САД и ЕУ) останува и корупцијата. Меѓународните партнери ја критикуваат Северна Македонија „дека не успеа ефикасно да се справи со проблемот“. Владата на САД минатата година беше активна со ставање на неколку политичари и бизнисмени од земјата на таканаречената „црна листа“ на санкции. Тука се најдоа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од владејачката ДУИ и поранешниот вицепремиер за економија господинот Кочо Анѓушев, кој беше во владата на Зоран Заев.

Во јавниот дискурс во 2023 имаше голем број на корупција на високо ниво и наводи за организиран криминал, стои во Извештајот. Нотирани се откритијата за смртоносниот пожар во 2021 година кој ја „голтна“ привремената болница за болни од Корид 19 во Тетово. Во пожарот изгореа 14 луѓе. ИРЛ лани во август го објави документарниот филм „Убиство во Тетово“, каде беше откриено дека причината за пожарот е поради низа на грешки во изведбата на проектот од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци. 

Фридом хаус наведува дека истрагата тврдеше дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче, јавниот обвинител Бесир Алиу и неговиот шеф Љубомир Јовески, не презеле превентивни мерки по пожарот во тетовската болница за заштита на пациентите во останатите модуларни болници, свесно загрозувајќи ги животите и безбедноста на граѓаните. Тендерот за изградба на овие привремени објекти беше доделен на компанија поврзана со поранешен фукционер во владата на Зоран Заев.

Во извештајот, во делот каде што се споменува ИРЛ, се наведува дека истражувачките новинари, особено оние кои истражуваат високо профилна корупција, сѐ повеќе се соочуваат со вербални напади, особено од влијателни бизнисмени. Овие лица и нивните компании често се закануваат со тужби против новинарите. Токму тука е наведен примерот со ИРЛ, кога лани во октомври, ја загуби тужбата за клевета поднесена од поранешниот вицепремиер задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. Фридом хаус наведува дека оваа тужба од новинарските организации е препознаена како класична „SLAPP“ тужба, осносно „стратешка тужба против учеството на јавноста“.

„Новинарските здруженија тврдат дека моќните интереси користат тужби за клевета за јавно да ги поткопаат новинарите и да го потиснат негативното медиумско покривање на влијателни компании“, стои во извештајот. 

Новинарите лани во ноември протрестираа против пресудата на Судот во случајот на ИРЛ и Анѓушев за клевета, сметајќи дека пресудата е обид за задушување на независните медиуми и обесхрабрување повторно да се истражуваат високо профилни бизнисмени и политичари.

Гнев во јавноста освен овој случај, предизвикаа и наводите за корупција на високо ниво на Државната клиника за онкологија, стои во Извештајот. Лани во септември, по пишувања во медиумите, полицијата упадна во Клиниката за онкологија поради наводите дека организирана мрежа на вработени крадела скапи лекови и ги препродавала на црните пазари во соседството.

Друг случај, кој се споменува во Извештајот, а кој предизвикаа голема загриженост во јавноста во 2023 година е ѝ договорот за изградба на автопат меѓу владата и американската градежна компанија Бехтел и турската градежна компанија Енка за четири автопатски делници од коридорите 8 и 10 Д. Во Извшетајот се пренесуваат наодите на Институтот за демократија „Социетас Цивилис – Скопје“ кој идентификуваше значителни корупциски ризици во проектот. Парламентот и претседателот на државата ги заобиколија правните заштитни мерки, а двете страни потпишаа таен договор од 1,3 милијарди долари без транспарентност и отчетност, а со тоа ја зголеми веројатноста за корупција, стои во Извештајот на Фирдом Хаус. 

Судир за уставни измени 

Во извештајот се наведуваа и судирот на партиите за уставните измени со кои Северна Македонија во Уставот треба да ги вметне и Бугарите, што е услов за да продолжи интеграцијата на земјата во Европската Унија. Опозицијата жестоко се спотивстави на уставните амандамни, велејќи дека „нема да прифати измени наметнати под бугарски диктат“ стои во анализата на Фридом Хаус. За оваа тема, СДСМ ја обвини партијата во опозицијата за анти – ЕУ, а таа го обвини за национално предавство. 

Граѓанското општество „кубури“ со пари, што, според Извештајот, може да го поткопа неговото долгорочно влијание. А со тензии се одбележува и соработката на невладините со Владата. Се нотира и контроверзното противење на Маршот на гордоста, иако четвриот Марш, организаран лани, помина без значајни инциденти. 

Медиуми многу, но поделени

Се почитува слободата на изразување, но медиумскиот пејсаж останува подлен, особено по етничка линија. А новинирите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреби на власт се соочуваат со малтретирање и други предизвици. Тука се наведуваат и законските измени донесени во 2023 со кои напад врз новинар се смета за напад врз службено лице, што доведува до построги казни за сторителите. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) документира три вербални и два физички напади врз новинари во 2023 година.

„Сепак, за време на својата мисија за утврдување факти во Северна Македонија во 2023 година, Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите изрази стравување за перспективата за новинарството во земјата.“, се вели во Извештајот. 

Северна Македонија можеби има мала и слаба економија, но има многу медиуми, а тоа носи финасиски предизвици, забележува Фридом Хаус. 

Граѓаните, според Извештајот за дезинформации и странско влијание од 2023 повеќе се информираат од лични контакти отколку од традиционалните медиуми. Широко распространетата недоверба кон традиционалните медиуми, пак овозможува неконтролираното дезинформирање. Граѓаните сметаат дека Владата не успела да се справи со дезинформациите, за кои велат дека се голем проблем.  

„Во извештајот на Институтот за комуникациски студии од 2024 година се вели дека политичарите се главниот извор на штетните наративи во јавниот дискурс“. Тие користат реторика за поделби и непроверени обвинувања за да ги поткопаат своите противници, а двете големи партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат. Во Извештајот се нотира и загриженоста што големите политички партии доминираат на телевизиите во ударни термини и потенцијално шират штетни наративи. Во него се предупредува и дека  овие практики ги загрозуваат демократските принципи и го поткопуваат јавниот дискурс.

Погледнете го документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“ за пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 луѓе

 

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »