Press "Enter" to skip to content

Службеничка од Пошта добила бизнис од Електрани вреден 7 милиони евра

Маја Јорданова склучила три договори во вредност од речиси седум милиони евра за набавка на адитиви за јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во сите тендери поштенската службеничка била единствен понудувач.

Известува: Маја Јовановска/Илустрации: Лука Блажев

Маја Јорданова од Велес пред три години е вработена во АД Пошта. Паралелно со државната служба, 34 годишната велешанка води и бизнис. Сопственичка и управителка е на компанијата „Браинкоде“. Токму оваа фирма е избрана од државната АД ЕСМ да го револуционира процесот на производство на струја во термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Ќе увезува адитив од Италија кој за прв пат ќе се користи во двата енергетски капацитети како замена за мазутот. Фирмата „Браинкоде“ нема ниту еден вработен, претходно тргувала со канцелариски материјали, а откако почнува да работи со хемиски производи лани склучила три договори со ЕСМ вредни речиси седум милиони евра како единствен понудавач.

Седиштето на „Браинкоде“ се наоѓа во семејна куќа во скопската населба Ѓорче Петров.  На истата адреса се регистрирани повеќе фирми, чии сопственици или управители се луѓе од Велес. „Браинкоде“ е основана во септември 2017, како компанија која ќе се занимава со трговија со канцелариски материјали, опрема и хартија. Сопственик и управител е велешанката Маја Јорданова. 

Кога раководството на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) на почетокот на 2023 година ги планирало јавните набавки, предвиделе да купат адитив за РЕК Битола кој би помогнал да се намали создавање на наслаги во котлите каде се согорува нискокалоричен јаглен и мазут. РЕК Битола никогаш не користел адитив како замена за мазут и ваква набавка е планирана за прв пат. Истиот месец кога Електрани го прави планот што ќе набавува за тековната година, фирмата „Браинкоде“ ја менува дејноста и од трговија со канцелариски материјали се пререгистрира во компанија за трговија на големо со хемиски производи .  

На 3 – ти август, осум месеци откако ја предвиделе набавката, тројца директори од РЕК Битола изготвуваат документ на две страници наречен „Техно Економска анализа“ и проценуваат дека набавката ќе чини околу 3,5 милиони евра. 

„Поради формирање на наслаги (згура/троска) доаѓа до оштетување на цевките, односно нивно прскање, а со тоа запирање на блокот. Притоа немаме производство на електрична енергија во текот на санацијата на цевките, а истовремено се трошат и средства за нивна санација. Обично еден ваков застој во просек е околу 72 часа, во кој не се произведува електрична енергија“, пишува во документот кој АД ЕСМ го достави до ИРЛ. 

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ИРЛ од АД ЕСМ го побара целото тендерско досие за набавка на адитивот. Огласот е распишан на 17 август 2023 година, а она што е воочливо е дека ЕСМ не ги поставува вообичаените услови за учество на фирмите што ги користи во тендерските постапки каде вредноста на набавката е од неколку милиони евра. А, тоа е понудувачите да докажат дека во претходните години имале минимален годишен приход што не е помал од предвидената вредност на тендерот. 

Приходи на фирмата „Браинкоде“ / Извор: Централен регистар

Според документите од Централнит регистар, во првите години од работењето компанијата има скромни приходи. Бизнисот почнува да расте во 2022 година кога приходите на годишно ниво се зголемиле осумкратно, на 343 илјади евра и добивка од приближно 100 илјади евра – сето ова без ниту еден вработен. 

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, организација која се занимава со следење на јавните набавки, вели дека е сомнително што овој услов не се користел за тендерот којшто го истражува ИРЛ. 

„Доколку овој вообичаен услов за големите тендери на ЕСМ бил користен, фирмата „Браинкоде“ немала да може ниту да учествува на тендерот. Имено, годишниот приход на „Браинкоде“ во 2022 година бил 11 пати помал од вредноста на првиот договор за набавка на адитиви за згурата“, вели  Факиќ.

Маја Јорданова ја контактиравме на нејзиниот мобилен телефон, но рече дека е на работа во пошта. За прашања од приватниот бизнис може да разговара „после пет часот попладне“. На нејзиниот Фејсбук профил, освен семејни фотографии, Јорданова често знае да сподели активности на СДСМ, фотографии и објави за поддршка на партијата. 

Во писмен одговор за ИРЛ вели дека во хемискиот бизнис влегла уште од 2021 година и дека освен со државни компании соработува и со приватни фирми. 

„Средствата (за набавка на адитивот) ги обезбедивме по различни основи, дел од сопствените приходи, дел од кредите во комерцијалните банки и со договори за одложено плаќање со добавувачите“, одговори Јорданова на прашањето на ИРЛ како успеале да обезбедат пари за набавка на скапиот адитив од Италија кој прв пат ќе се користи во земјава. 

Од април 2023 година директор на АД ЕСМ е Васко Стефанов, кој го замени Васко Ковачевски. Стефанов е кадар на СДСМ, а во Електрани дојде откако претходно беше  генерален директор на други големи акционерски друштва како „Водостопанство“ и „Пошта“. 

Иако првичниот план за јавни набавки не предвидува купување на ваков адитив и за РЕК Осломеј, државната компанија со новото раководство, сепак, во јули прави измени на планот и вметнува нова јавна набавка. Условите во тендерската спецификација се исти како и за тендерот за РЕК Битола. Вредноста на вториот тендер е 2,2 милиони евра.   

Во поголемите тендери АД Електрани вообичаено бара од понудувачите да докажат и дека се носители на одредени стандарди за квалитет или за управување со животна средина. Но, тоа во овој тендер не е предвидено. Во вака големи тендери, вели Сабина Факиќ, од понудувачите се бара и доказ за претходно искуство преку референтна листа на склучени договори во претходните години.

„Доколку овие факти ги поврземе со пререгистацијата која фирмата „Браинкоде“ ја направила во јануари можеме да се сомневаме дека условите во тендерската документација се прилагодени на оваа фирма, односно овозможено и е без претходно искуство во областа да го добие тендерот. Барано е само регистрацијата во дејноста што не е доказ за искуството ниту на фирмата, ниту на кадарот“, додава Сабина Факиќ.  

Кога се отвораат понудите во двата рударско – енергетски комбинати, доставена е само една понуда. Од фирмата „Браинкоде“ на Маја Јорданова, која без конкуренција станува добавувач на адитив за АД ЕСМ и склучува два договори во вредност од 6,5 милиони евра. 

Конекциите на Маја Јорданова со електроенергетскиот сектор не се само преку нејзината приватна компанија, туку таа и фамилијарно е поврзана со луѓе кои биле на високи позиции токму во државната компанија за која таа снабдува адитив. Нејзин братучед е Данчо Стојановски од Велес, кој бил комерцијален директор и член на Управен Одбор на АД ЕСМ од мај 2021 до јуни 2022 година. Данчо Стојановски претходно бил два мандата советник во општина Велес од СДСМ, а четири години од 2017 до 2021 година бил директор за Информатичка технологија во Пошта, токму во периодот кога таму се вработува неговата братучетка, Маја Јорданова. 

Објави на Маја Јорданова за партиски активности на СДСМ / Извор: Фејсбук

На прашањето за политичките конекции со владејачката СДСМ и сомнежите што произлегуваат од блиските роднински врски со луѓе што биле во врвот на Електрани, таа одговори декаСо ова прашање Вие го загрозувате моето право на приватност и заштитата на личните податоци кои се загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на личните податоци.“

Маја Јорданова во април 2022 година, заедно со Дејан Галев од Велес формира уште една фирма „Браин солар“ ДОО Скопје за производство на електрична енергија. 

АД ЕСМ рекордер во тендери со еден понудувач

„Браинкоде“ адитивот го набавува од компанијата „Аквафлекс СРЛ“ од Милано, Италија. Како еден од условите кој е предвиден во техничката спецификација е „Браинкоде“ да ангажира стручни лица и тоа: Тројца хемиски инженери, еден машински и еден електро инженер. Фирмата нема ниту еден вработен, па наоѓа надворешни соработници. Хемиските инженери со кои склучува договор се вработени во фабриката во Италија која го произведува адитивот, електро и машинските инженери Димитрие Данаиловиќ и Тодор Минов работат во ТЕЦ Неготино. 

Системот во РЕК „Битола“ е направен за да користи лигнит, кој го има во околните рудници во пелагонискиот басен, и на македонската, и на грчката страна. Но, бидејќи по долгогодишните ископувања во рудниците околу комбинатот сѐ потешко е да се најде квалитетен локален лигнит, ЕСМ од пред две години почна да увезува јаглен. 

Во техничката спецификација на АД ЕСМ пишува дека „имајќи го предвид влошувањето на квалитетот на јагленот што се очекува во следниот период, што би можело да го зголеми формирањето на згура/троска или останатите нечистотии, како и дополнително влошувајќи ги сегашните проблеми со емисиите, во тој случај е корисно да се додаде средство засновано на мешавина од соединенеија на магнезиум оксид и бакар како катализатор“. 

Според анализата на раководството на РЕК Битола, поради лошиот квалитет на јагленот, во просек од прскање на цевки во текот на годината има минимум 10 испади на блоковите. Пресметаната загуба од еден испад, односно непроизводство на електрична енергија и санација е проценета на 745.700 евра. Поради тоа заклучуваат дека ова е доволна причина за исплатливост на набавката. 

Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Мавровски, кој беше помошник директор за производство во РЕК Битола, вели дека адитив за намалување на згура или троска никогаш досега не бил користен. Според него, проблемите со испадите на блоковите го предизвикува неквалитетниот увозен јаглен кој се користи за производство на електрична енергија. 

„Секој блок во светот е правен за јагленот кој ќе се користи за согорување во него. Сегашната состојба со увозот на јаглен од Грција и посебно Албанија очигледно направија големи проблеми. Да не заборавиме се употребува и проблематичен мазут во поголеми количини од дозволеното, за подржување на согорувањето, и се заедно направија толку проблеми и хаварија“, вели Мавровски. 

Сомнежи за корупција

Државната компанија АД ЕСМ минатата година склучила 907 договори за јавни набавки во вредност од 148 милиони евра. Од нив дури 373 договори во вредност од 76 милиони евра се склучени во тендерски постапки во којшто учествувал по само еден понудувач. Што значи дека повеќе од половината тендери се доделени без да се создаде можност за конкуренција.

„Ние како организација со години наназад изнесуваме докази за слабостите во нивното работење во однос на јавните набавки, критикувајќи ги за честата примена на постапката на преговарање без претходно објавување на оглас, како и за договорите што се склучуваат за ангажирање на механизација и работници за ископ на јаглен, за што немаат економска оправданост. Зад ваквото постапување се кријат сомнежи за корупција.“, вели Сабина Факиќ – програмска директорка во Центарот за граѓански комуникации. 

Од државната компанија за ИРЛ одговорија дека „сите јавни набавки кои ги распишува АД ЕСМ се транспарентни согласно законите и правилата“. 

Фирмата „Браинкоде“ лани во ноември има склучено уште еден договор со АД ЕСМ за набавка на адитив за превенција од замрзнување и топење на мразот за РЕК Битола во износ од 440.000 евра. И на овој оглас компанијата на Маја Јорданова била единствен понудувач.

Во прилог документи од тендерското досие за набавка на адитив за РЕК Битола

ДОКУМЕНТИ

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ

Техноекономска анализа

Образложение

Одлука за избор

Одлука за ЈН

Записник од отворање на понуди

Записник од УК

Извештај од спроведена постапка

Понуда

Изјава за сериозност

Изјава за ангажиран технички персонал

Доказ за квалитет

Димитрие Данаиловиќ - диплома

Мараци Микеланџело – диплома

Паоло Да Меда - диплома

Тодор Минов - диплома

Francesko D_Grazio - диплома

Потврда за посета

Документ за регистрирана дејност

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »