Кога ќе стане збор за намалување или зголемување на привилегиите на политичарите, тогаш тие секогаш имаат идентичен став. Од позиција на власт или опозиција, и партиите и нивните преставници брзо и тивко се усогласуваат за законите со кои се регулираат нивните права.
Така беше кога во неколку наврати кога во Парламентот се гласаа измени во Законот за пратеници, Законот за финансирање на политички партии, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за кој се водеше борба да влезат и партиите како иматели на информации.
Последната иницијатива за намалување на привилегии на функционери дојде од Антикорупциската комисија, која вчера најави дека ќе побара Собранието да ги преиспита привилегиите кои ги имаат поранешните претседатели на државата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, за ИРЛ изјави дека конкретен став за ова прашање ќе завземе кога ќе ја разгледа иницијативата.
„Предлогот на Антикорупциската комисија ќе го разгледаме од сите аспекти, особено во однос на прашањето за веќе законски стекнати права кои ги имаат поранешните претседатели, рече Митрески.
И од нивниот коалиционен партнер ДУИ велат дека предвреме не можат ништо да кажат, иако прашањето на ИРЛ беше дали сметаат дека многу пари се одлеваат за претседатеите кои се во пензија.
„Кога ќе стигне иницијативата од Антикорупциска ќе се произнесеме за тоа прашање. Не можам однапред да шпекулирам“, ни изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими.
Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, не сакаше да коментира бидејќи тоа не било собраниска тема и не упати во Центарот за комуникации во ВМРО-ДПМНЕ. Но, оттаму не добивме ни збор за иницијативата на Анткорупциската комисија, иако во прес центарот на партијата на Христијан Мицковски секој ден има прес конференции и десетици соопштенија за други теми. Само за оваа во ВМРО-ДПМНЕ засега нема став.
За најавените скусувања на парите одбија да коментираат и од Канцелариите на поранешните претседатели Црвенковски и Иванов.
Антикорупциската комисија вчера најави дека ќе побара двајцата поранешни претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов да се иселат од сегашните канцеларии и да се сместат во локации кои се државна сопственост. Секој месец за двајцата од државниот буџет само за кирии се плаќа 4.500 евра.
Во последните 10 години вкупно се исплатени 1.000.000 евра трошоци за кирии, комуналии и службени возила на двајцата поранешни претседатели Бранко Црвенковски и сопругата на починатиот Борис Трајковски, Вилма Трајковска. Во оваа сума не спаѓаат парите за пензија, која и по завршувањето на мандатот на претседателот останува иста до крајот на животот.
Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, рече дека ќе поднесе иницијатива и до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за поранешен претседател.
Како од иста партија
Минатото лето СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во целосно нетранспарентна процедура се договорија наместо 1,8 милиони евра, политичките партии да добиваат 4,5 милиони евра годишно од државниот буџет. Измените во Законот за финансирање на партиите во Парламентот беa изгласани со 101 глас „ЗА“. Сложно гласаа сите, и малите и големите партии, оти кога се работи за пари никој не гласа „ПРОТИВ“.
Токму финансирањето на партиите од државниот буџет беше причина во новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер како иматели на информации да влезат и политичките партии. Оти тие ќе мораат да даваат отчет за што ги трошат парите на граѓаните. Но, наместо транспарентност, овие измени во законот наидоа на отпор кај пратениците. Сепак на крајот под притисок на невладините организации, ОБСЕ и ЕУ пратениците, иако присилени, го одобрија законот сосе пристап на јавноста до дел од нивната работа.
Така беше и со измените кои ги регулираат патните трошоци на пратениците. Требаше да се напишат стотици новинарски текстови дека пратениците се преплатени, а воедно и ги злоупотребуваат патните трошоци што се покажа во случајот „Друмарина“ во кој е осомничена Силвана Бонева, па дури тогаш да почне постапка за менување на овој закон. Минатата година Собранието конечно реши да гласа за законски измени со кои ќе заштедат државни пари, а ќе скусат од својот џеб. Лани од 1 септември пратениците кои не се од Скопје и немаат стан или куќа во главниот град, мораат да одберат дали ќе патуваат секој ден до работа со свој автомобил, за што ќе добиваат надомест за гориво во висина од 20 отсто и за патарина, или ќе закупат стан за што Собранието ќе издвои најмногу до 400 евра, а трошоците за гориво и патарина ќе им бидат покриени само за викенд и за празници.
Поврзани приказни