Press "Enter" to skip to content

Отровна вода – отровна земја – отровна храна

Реката Вардар, долга 388 километри од кои 76 се наоѓаат во Грција, и за двете земји претставува значаен извор на вода за пиење и вода за наводнување. За заедничката река и двете земји се одговорни за еколошките проблеми, секоја од државите со различен степен на одговорност.

Известуваат: Лила Караташева, Сашка Цветковска, Давид Илиевски, Тасос Телоглу, Софија Кристофориду; Илустрација: Лука Блажев 

Истражувањето во Македонија откри хаос во ингеренциите на институциите, намерно невнимание, целосен неуспех на постоечките механизми за заштита на водите и злоупотреба на европските фондови наменети за заштита на реката. Во Грција, иако хемикалиите се во границите на ЕУ, еколошката состојба на реката е лоша, слаба или умерена. Поради недостаток на сигурни мерења, главно во Македонија, не може целосно да се одреди степенот на загаденост, со што се отежнува одржувањето на заедничката река во живот. Со оглед на тоа што Вардар, или во Грција позната како Аксиос, е најважната река во Македонија и една од главните реки во Грција, од заеднички интерес на двете земји е да имаат ефективно управување со реките со цел да се заштити.

Не можат многу луѓе да кажат дека се родени во река. Мајката на Никола Стојановски, Петра, го роди синот во реката Вардар додека работела во градината. Во почетокот на 20 век, за многу жители на градот Скопје кои живееле покрај реката Вардар, сè уште било вообичаено да обработуваат сопствени градини и овоштарници на бреговите на реката, а често и на малите островчиња на самата река.

Попладнето на 17 мај 1937 година додека помагала во градината, неговата мајка добила контракции. „За неполни 10 минути додека мајка ми лежела во плитките води на реката, брзо и лесно сум се родил јас“, раскажува 87-годишниот Стојановски. Него и неговото семејство го врзуваат многу радосни спомени со реката Вардар. Со татко му и дедо му тогаш и рибареле во реката.

„Со дедо ми ловевме риби и ракови. Мајка ми готвеше риба секој ден. Моите деца пливаа во оваа река, имаше десетици градски плажи. Реката беше чиста сина, полна и богата“, се сеќава Стојановски. „Сега смрди. Многу смрди“, додава тој. Стојановски сè уште живее покрај реката во Скопје, но неговата стара куќа стана жртва на брзата урбана трансформација на градот и денес е повеќекатница.

 

ФОТО: Приватна колекција: Архивска фотографија од реката Вардар снимена во 40-тите години.Реката некогаш била центар на општествениот и рекреативниот живот во Скопје. Нејзините бели песочни плажи се сметаа за една од најдобрите карактеристики. Речиси две децении реката е забранета за пливање и риболов.

Реката, која некогаш симболизираше просперитет и плодност, денес служи како неофицијална депонија за отпад во градот. Изметот што го произведуваат околу 200 илјади домаќинства во Скопје и околината, се исфрла директно во водата. Една обиколка по течението на Вардар е доволна за да се заклучи колкав е еколошкиот проблем – „автентичниот декор“ на реката го чинат илјадници пластични шишиња, остатотоци од мрши од животни, градежен отпад, телевизори, фрижидери, каучи. Во близина на реката има безброј диви депонии за отпад.

„Луѓето мислат дека отпадот ќе исплива во Егејското Море, еколошката култура е на многу ниско ниво“, на шега коментираат жители на Скопје.

Центарот за јавно здравје во Македонија им забранува на граѓаните да ја користат водата за пливање, наводнување, риболов, пиење, па дури и дишење во близина на реката за време на топлите летни денови кога испарувањата се високи.

Течението на реката Вардар низ Македонија и Грција.

Со оглед на тоа што Вардар е најважната река во Македонија и една од главните реки во Грција, од заеднички интерес на двете земји е да имаат ефективно управување со реката со цел да ја заштитат. Тоа силно зависи од достапноста на редовно прибирани и веродостојни податоци кои ќе им бидат патоказ на оние кои треба да носат одлуки. Пребарувајќи низ јавно достапните податоци, тимот новинари на ИРЛ ги анализираше домашните и европските директиви и мапираше дел од загадувачите. Истражувањата покажуваат дека во Македонија нема веродостојни податоци, додека на двете земји им недостасуваат финансиски и човечки ресурси и соодветна опрема за мерење на загадувањето во полн обем. Проблемот е далеку подраматичен во Македонија каде се наоѓа 80 отсто од реката Вардар.

Неупотреблива река

Според официјалните податоци на Центарот за јавно здравје во Македонија, загаденоста во скопскиот регион на реката Вардар е алармантна.

„Реката е речиси на работ на биолошка смрт“, вели доктор Љупчо Костадиновски, кој е раководител на одделението за хигиена во Центарот за јавно здравје – институција со мисија да ја следи, истражува и проучува здравствената состојба на населението и влијанието на животната средина врз здравјето.

Скопје е еден од ретките главни градови во Европа кој нема пречистителна станица за отпадни води и тоа во голема мера придонесува за проблемот – сиот измет и индустриски отпад слободно да завршат во реката.

ФОТО: IRL/Inside Story, 2024 година. Илјадници пластични шишиња речиси мирно пловат по реката секој ден.

Еднаш во месецот, Центарот за јавно здравје прави хемиски и бактериолошки испитувања на водата за пиење и капење. Резултатите покажуваат дека бактериолошкото загадување на реката Вардар е четврта категорија, додека хемиското загадување е петта категорија.

„Тоа е максимално загадување на водата. Иако е неисправна, луѓето ја користат оваа вода за наводнување. Имаме проблеми и со инспекцијата од различни општини, никој ништо не контролира“, вели Костадиновски и додава дека зелените пазари во Скопје се преполни со зеленчук одгледуван во скопските села кои ја користат реката како единствен извор за наводнување.

Сепак, преку анализите Центарот за јавно здравје ја испитува загаденоста на Вардар само на површинскиот слој на реката. Голем дел од „здравјето“ на реката останува мистерија.

ФОТО: IRL/Inside Story, 2024 година. Предмети од домаќинствата пловат низ реката Вардар.

Воопшто не може да се утврди Хемискиот статус на реката Вардар

Во Македонија, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) има задача да го испитува квалитетот на водата на реката Вардар. За разлика од Центарот за јавно здравје, оваа институција го тестира количеството на хемиски и биолошки парамтери во водата и го одредува еколошкиот статус на реката.

Сепак, поради ограничени ресурси УХМР се соочува со предизвици во спроведувањето на европските регулативи за процена на биолошкиот и хемискиот статус на реката.

Од 2000 година, институцијата е ограничена и оневозможена точно да го утврди загадувањето на реките. Во моментов, УХМР тестира само ограничен број на тешки метали и три биолошки параметри. Поради тоа, хемискиот статус на реката е неодреден. Дополнително, пестицидите, антибиотиците и другите хемиски супстанции од отпадните води на големите индустриски капацитети не можат да се тестираат во лабораториите на УХМР.

Шерибан Рамани, раководителка на одделот за квалитет на вода во УХМР, посочи два неуспешни обиди во 2022 и 2023 година да се набави опрема за тестирање на пестициди. Но, и двата обиди не успеале затоа што понудувачите не ги исполниле условите на тендерот. Рамани објаснува дека и покрај тоа што државата ги усогласува законите и регулативите за мониторинг на квалитетот на реките со директивите на ЕУ, значителни делови остануваат неприменети поради скромните ресурси и недостаток на политичка волја.

Неможноста на УХМР да го процени хемискиот статус на реката остава критична празнина во целосното одредување на квалитетот на водата, особено затоа што големите загадувачи, како што се големите компании, повремено испуштаат отпадни води во реката.

И покрај децениската тревога што ја кренаа професионалци од двете институции, состојбата на реката и понатаму е страшна. Јавниот бес, често изразен на социјалните мрежи и преку протести, ја одразува фрустрацијата на граѓаните поради еколошките криминали. Меѓутоа, во држава која повеќе од две децении се измачува со популистичко и корумпирано владеење гласот на граѓаните честопати не е слушнат.

Европски пари во залуден обид да се спаси реката

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, која локалното население ја смета за клучна, останува незавршена поради негрижа и невнимание од страна на оние кои ги водат институциите. Овој неуспех ја загрозува европската помош и заеми во износ од 206 милиони евра наменети за изградба на пречистителна станица.

Ветувањето дека Скопје ќе ја добие потребната пречистителна станица за решавање на загадувањето на реката Вардар датира од 2004 година. Повеќе од две децении Градот Скопје и државата се обиуваат да обезбедат пари со кои ќе може да се изгради пречистителната станица. Во 2019 година Владата доби заем во вредност од 136 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и Развојна (ЕБОР). Дополнително, неповратна финансиска помош во износ од 69,8 милиони евра додели и Европската Унија преку инвестициска рамка за Западен Балкан.

И покрај финансиската помош, реализацијата на проектот во Скопје претрпе финансиски предизвици, политички пресметки, скандали и бирократски сложености.

Примарната пречка за напредокот беше конфликтот на личните интереси, што доведе до откажување и одложување на изградбата на пречистителната станица. Градот Скопје го иницираше проектот, а јавното претпријатие Водовод и канализација беше задолжено да избире фирма која ќе го реализира проектот. Меѓутоа, политиката ги искомплицира работите. Златко Перински беше назначен како директор на Водовод и канализација во декември 2021 година откако градоначалничката Данела Арсовска доби поддршка од политичката партија ВМРО – ДПМНЕ. Неговиот мандат траеше помалку од една година. Се соочи со обвинувања за фаворизирање на понудувачи за изградба на пречистителната станица и беше разрешен во септември 2022 година.

Тензиите ескалираа. Следеа скандали, па дури и разидинувањето на градоначалничката Данела Арсовска со ВМРО – ДПМНЕ не го смири судирот. Европските банки, загрижени за влијанието од одложувањата на проектот, побараа да прекинат политичките конфликти.

Пред меѓународната помош, Македонија имаше минимален третман на отпадните води, но по изградбата на пречестителни станици низ повеќе градови во државата, покриеноста се прошири на околу 25 отсто од населението. Во најголем дел, напорите за спас на реката беа грижа на европските даночни обврзници. Нивните средства беа потрошени за изградба на пречистителни станици за пречистување на отпадните води. Репортерите на ИРЛ и Инсајт Стори од Грција открија дека од 23 станици за пречистување на отпадните води во Македонија функционираат само 16. Повеќето од нив се соочуваат со проблеми поврзани со високите сметки за струја, недостиг на кадар и застареност на деловите во пречистителните станици кои имаат гаранција од само пет години.

ФОТО: Архивска фотографија на медиумот „А1 он“ објавена во 2019 година.

Загадена вода – загадена земја – загадена храна

Гевгелија е последниот град во Македонија низ кој минува реката Вардар пред да се влее во Егејското море. Пречестителната станица во Гевгелија беше трилатерален проект поддржан од Македонија, од грчката и швајцарската влада. Изградбата чинеше 10,6 милиони евра и беше пуштена во употреба во 2018 година.

Истата година, општина Гевгелија заедно со Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија, општините Пеонија и Халкидона од Грција и грчкиот универзитет Аристотел во Солун учествуваа во прекуграничен истражувачки проект наречен „Аква-М 2“ со буџет од 1,5 милиони евра. Целта на проектот беше да се следи квалитетот на површинските води во Вардар и да се зајакне соработката помеѓу двете држави. Во рамки на проектот требаше да се воспостави и мрежа за заедничко управување со квалитетот на водата.

За потребите на овој проект беа направени испитувања на речните води од двете страни на границата. Резултатите од тестовите што општина Гевгелија ги објави во 2021 година покажуваат дека пестицидите се најголема закана за реката. Со помош на мерењата е утврдено присуство на околу 300 соединенија на различни пестициди во водите на Вардар. По завршувањето на проектот, опремата која е набавена со средства од ЕУ веќе не се користи. Стои во пречестителната станица во Гевгелија. Во општината и во ЈП „Комуналец“ Гевгелија, нема обучен и квалификуван кадар којзнаекако да ја користи.

Професорот Илија Каров, кој е пензиониран професор по фитопатологија и прв декан на Земјоделскиот факултет во Штип, објаснува дека пестицидите во Вардар не се закана само за реката туку и за луѓето. Голем дел од земјоделските површини се наводнуваат со водите од Вардар кои се загадени и на тој начин пестицидите преку храната се враќаат кај луѓето.

„Со загадувањето на која било река и со повторното користење на тие загадени води, ние самите си штетиме и последиците се огромни со појава на канцерогени заболувања, најмногу во органите за дишење“, објаснува за ИРЛ, професорот Каров.

Преку границата

И додека Општина Гевгелија не ја користи опремата купена од проектот „Аква М-2“, на само десет километри од македонско – грчката граница, во општина Пеонија сè уште се испитува квалитетот на водата со помош на опремата која е набавена од истиот проект.

Според Марија Ефтимиу, која работи во хемиското одделение на Општинското претпријатие за водовод и канализација на Пеонија, сите мерења на квалитетот на водата од Вардар биле во границите на ЕУ. „Ја проучувавме варијабилноста во зависност од сезоната и не најдовме значителни варијации“, вели таа. По завршувањето на проектот, опремата е искористена за следење на квалитетот на водата за пиење во водоводната мрежа на општината.

„Ние пумпаме вода подлабоко од реката и нашите анализи покажуваат дека подземните води не се загадени во Аксиос (Вардар). Водата е за пиење и затоа ја снабдуваме водоводната мрежата со оваа вода“, вели Триантафилос Налбантис, советник и директор на општинскиот водовод во Пеонија.

Со финансирање од истиот проект, Универзитетот „Аристотел“ од Солун ја доби најсовремената опрема која се користеше за пребарување не само за супстанции наведени во приоритетната листа на ЕУ за набљудување, туку и за многу други. „Се фокусиравме главно на соединенијата на списокот за набљудување, но, се обидовме да провериме повеќе од 600 соединенија“, вели Димитра Ламбропулу, професор по хемија на Универзитетот Аристотел и научен водач на проектот „Аква М-2“.

Земени се примероци и од македонскиот и од грчкиот дел на реката. Анализата идентификуваше фармацевтски производи (антибиотици кои се користат за човечка употреба и антибиотици за животни), пестициди и индустриски хемикалии. „Концентрациите на овие соединенија се движеа на нивоа кои сеслични на оние откриени во водните тела на другите земји на ЕУ“, рече професорката Лампропулу. Антибиотиците се силен показател за присуство на урбани отпадни води во реката.

Професорката Ламбропулу вели дека сегашните пречистителни станици за отпадни води не можат да отстранат 100 проценти од соединенијата. Згора на тоа, непречистената отпадна вода исто така завршува во реката, или поради тоа што не постојат пречистителни станици или затоа што тие не работат правилно.

Проблемот со малиот број на функционални пречистителни станици низ Македонија, го следи и Владата на Грција.

„Ние не се занимаваме само со нашите проблеми туку и со проблемите на нашите соседи. Не тврдам дека во Грција сите пречистителни станици функционираат совршено, но во Македонија проблемите се многу поинтензивни“, вели Петрос Варелидис, Генерален секретар за води во Министерството за животна средина и енергетика. „Хемикалиите и вештачките ѓубрива од нивите завршуваат во реката, а веројатно и секое индустриско загадување, како и урбаната канализација. Очигледно, би било многу подобро да има пречистителна станица во Скопје“, додава тој.

Резултати од мерењата на реката во Грција.

Тренд на бавно подобрување

Освен „Aква-М-2“, кој беше еднократен истражувачки проект, Грција редовно ја набљудува реката Вардар од 2009 година и ги објавува резултатите во Националната мрежа за мониторинг на води. Грција зема примероци секој мај, октомври и декември за да го одреди хемискиот статус на водата во реката.

„Во минатото имавме мали надминувања – еднаш жива, еднаш олово, тоа е индустриско загадување и два пати ѓубрива. Ако го погледнете во период од 20 години, ќе видиме тренд на подобрување, мало, бавно, но стабилно подобрување. Во последните пет години, сите мерења на сите супстанции се под границите на ЕУ“, вели генералниот секретар за води во Министерството за животна средина и енергетика, Петрос Варелидис.

Тимот на новинари од Инсајд стори и ИРЛ имаше пристап до резултатите од мерењата на седум пречистителни станици долж Вардар во Грција. До 2018 година, мерната станица Евзони, лоцирана близу границата, покажала умерен еколошки статус на реката, но биле откриени концентрации на остатоци од индустриска преработка и фосфор и азот од употреба на ѓубрива. Помеѓу 2018 и 2022 година, квалитетот на водата во Вардар е добар на шест станици, освен на онаа во Евзони која покажала надминување на флуорантен (супстанција која се користи во производството на агрохемикалии, бои и фармацевтски производи).

Споредбата на целокупната ситуација (хемиска и еколошка) помеѓу првата и нацртот на втората ревизија на Планот за управување со речниот слив, реката Вардар покажа стабилност. Од 35 поединечни водни тела на кои е поделен Вардар, оние во добра состојба се намалени од 18 на 16, но во исто време оние со умерен статус се зголемени од 9 на 12.

Зошто биомаркерите се важни

Водата од реката постојано тече и секое загадување може да се распрсне, но остава неизбришлива трага на живите организми на екосистемот; флората и фауната на коритото на реката, како и рибите. Поради оваа причина, додека на почетокот мерењата на квалитетот на површинските води се однесуваа само на присуството на хемиски соединенија, ЕУ постепено посочуваше дека треба да се испитуваат и еколошките показатели за да се одрази реалната состојба на реката. Според новите европски регулативи, доколку еколошките показатели не се добри, статусот на реката се класифицира како „помалку од добар“ или „лош“.

„Тешко е да се забележи интензитетот на штетата што е завршена,“ вели д-р Стаматис Зогарис, главен истражувач во Грчкиот центар за морски истражувања. Тој објаснува дека „загадувањето може да трае само неколку часа или неколку дена“ затоа што во големите количини вода загдувањето лесно се распространува и брзо стигнува до морето. „Потребна ви е сеопфатна дијагноза базирана и на биологија и на подлабока работа,“ вели Зогарис.

Тој ги координира научните тимови кои ги следат еколошките параметри на реката Вардар во Грција. „Од почетокот на мониторингот имаме резулатати кои се под просекот. Тоа се лоши, услови. Овој статус го забележавме на сите мерни станици, од границата со Македонија до Јонско море,“ вели Зогарис.

Вретенар исчезна, а исто така и меандрите

Професорот Зогарис има напишано монографија за слатководните риби во Грција. „Рибите секако се многу добри показатели за загадувањето и промената на речните екосистеми“, вели тој. Во текот на годините кога Грција систематски го надгледуваше Вардар, изумреа некои видови риби. „Исто така, изгубивме вид на дното наречен Вретенар ендемичен вид на сливот на реката Вардар кој го немаше никаде во светот. Овој вид исчезна и во Грција и повеќе не постои во главниот тек и во средниот тек на Северна Македонија“, истакнува Зогарис.

Вретенар не е единствениот вид на риба кој исчезна. Помеѓу 1929 и 1936 година, делтата на реката ја промени својата морфологија. Јаничкото езеро се исцеди, а реката Вардар го поместо природниот тек за да не го затне Солунското пристаниште со талог. Регионалните власти во Грција планира уште еден проект за реставрација на вливот на Вардар за да не се намали длабочината на Термајскиот залив во Солун. Меѓутоа, проектите што ја менуваат морфологијата на реката и ги елиминираат нејзините меандри имаат големо влијание врз нејзината еколошка состојба и исто така го загрозуваат нејзиниот механизам за „самочистење“. „Пребрежните шуми и мочуришта на реката, како и островите, делуваат како филтри, какоалатки за самочистење на реката. Ако овие структури беа поставени, тоа ќе имаше позитивно влијание врз прочистување на реката“, вели Зогарис.

„Битката“ за вода

„Битката“ за вода на грчка територија започнува од местото на браната кај Елеуса. Водата се користи за производство на струја од хидроцентралата, но и за наводнување на рамнината во регионот, каде што се произведува 80 проценти од грчкиот ориз. „85 проценти од загадувањето во сливот на реката Вардар, е од земјоделството“, вели Јоргос Залидис, професор по земјоделство на Универзитетот Аристотел во Солун и директор на Интербалканскиот центар за животна средина, кој вршел мерења во браната Елеуса во период од 2010 до 2017 година.

Институтот за почва и водни ресурси на Грчката земјоделска организација го мери протокот на реката Вардар на влезот во Грција, а потоа во Прохома, околу 25 километри јужно од Поликастро.

„Споредувањето на мерењата на двете станици открива разлика во протокот, поради неконтролираното повлекување вода. Годинава немаше таков проблем, но со текот на времето има проблеми со количината. Некогаш во текот на летото реката нема ни пет кубни метри во секунда, што е еколошки проток. Тој е речиси нула“, вели д-р Вангелис Хациџанакис, директор за истражување на Институтот за почва и водни ресурси. Според него, најголем проблем е што земјоделците користат прекумерни количини вода за одгледување ориз.

Професорот Стаматис Зогарис од грчкиот центар за морски истражувања вели дека неконтролираното повлекување вода од Вардар има цена „Ова секако има сериозни последици, не само затоа што има малку вода, малку простор за живот на животните и растенијата во реката, туку и затоа што ефектите од другите притисоци врз екосистемот енормно се зголемуваат“.

Земјоделците од Грција не сметаат дека наводнувањето на оризовите полиња е најголем проблем за недостатокот на вода во реката Вардар.

„Кога станува збор за количината на вода, работата на хидроцентралата ТЕРНА Енерџи СА игра важна улога во флуктуациите, која во зависност од потребите ќе ја пушти водата да тече низводно или ќе ја чува за користење за производство на електрична енергија.“, вели Христос Ганцарас, претседател на земјоделската задруга во градот Халастра.

Земјоделците секое лето подигнуваат вештачка тумба на местото каде што Вардар се стеснува за да го подигнат нивото на реката и полесно да црпат вода за нивите. Но, водата треба да биде доволна за сите – и за земјоделците и за фламингото и другите птици кои живеат во делтата.

Редок екосистем во неволја

Областа на делтата Вардар е од глобално орнитолошко значење. Речиси 300 видови птици се регистрирани во областа; тоа е 66% од досега забележаните видови во Грција, од кои 106 се гнездат таму. Делтата е дом и на значаен вид на ретки птици, како што се сребрениот пеликан, авоцетот, лимозата, ноќницата, црноглавиот галеб и лунката, остригите и морскиот чорбаџија. Бидејќи се наоѓа на еден од главните европски коридори за миграција, илјадници птици застануваат неколку дена во мочуриштето за да се хранат, додека значителен број водни птици се собираат во зима.

Со климатските промени, намалените врнежи и интензивното наводнување, снабдувањето со вода се намалува и затоа се зголемува концентрацијата на соли во реката. Кога птиците ја пијат оваа солена концентрирана вода, тоа влијае на нивните тела и има верижен ефект врз екосистемот во делтата на реката. „Во устието на Вардар мора да има одредена количина на вода дефинирана како еколошко ниво, за да се обезбеди дека птиците можат да живеат таму. Овде најчесто нивото на реката е задовително, но во случаи на суша, нивото на реката е загрозено“, вели Лиа Пападрага, која работи во јавната агенција задолжена за заштита на локалниот екосистем во Грција.

ФОТО: IRL/Inside Story, 2024 година. Дел од птиците во водите на Вардар.

Слатката вода на реката е неопходна и за одгледувачите на школки во регионот Термаикос, каде што се произведуваат речиси 90 проценти од грчките школки, кои главно се извезуваат во Италија и Франција. „Заливот Термаикос е затворен и во текот на летото, кога температурите се многу високи, ни треба дури и еден кубен метар вода што се спушта по реката, бидејќи ако школката нема соленкава вода, не расте.“, вели Христос Понтикас, одгледувач на школки лоциран во областа Кимина, на делтата Вардар.

Македонија и Грција го делат Вардар и двете земји се одговорни за еколошките проблеми на реката. Разликата е во тоа што Грција е обврзана да ја почитува европската рамка и редовно да ја следи состојбата на реката, додека Македонија сè уште се бори да ја постави инфраструктурата која е потребна за да се третираат отпадните води и и да се оспособат лабораториите за мерење на загадувањето. И покрај испуштањето отпадни води и недостатокот на контроли во Македонија, Вардар покажува уникатна издржливост. Богатиот екосистем на реката сè уште е жив, но зголемените антропогени притисоци во услови на климатски промени создаваат нови предизвици.

 

 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.