Press "Enter" to skip to content

Осудените за модуларната болница во Тетово надеж гледаат во германското вештачење

Двајцата поранешни директори, осудени за пожарот во модуларната болница во Тетово побараа да бидат ослободени од вина. Причината за смртта на 14 ковид пациенти според нив треба да ја открие вештачењето на германските експерти кои утврдија дека пожарот избувнал и брзо се проширил поради лошата изведба на модуларните контејнери – доказ кој никогаш не се изведе додека им се судеше. Пред Апелациониот суд во Гостивар обвинетите порачаа: „Почитуван судија, пред Вас не се вистинските виновници за пожарот“. 

Известува: Маја Јовановска

Десет месеци по првостепената пресуда за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 луѓе, денеска во Апелациониот суд во Гостивар се одржа јавна седница. На првостепената пресуда се жали вишото Јавното обвинителство од Гостивар и обвинетите директори на Клиничката болница во Тетово, Флорим Бесими и Артан Етеми, кои се осудени на условни затворски казни. Обвинителството бара повисоки казни за директорите и повторно судење за докторот кој беше ослободен од вина. 

Во судницата беа присутни сите тројца обвинети со нивните адвокати, а обвинението го застапуваше вишата обвинителка од Гостивар Деса Пауноска. За докторот Бобан Вучевски, обвинителката Пауноска бара да се укине провостепената ослободителна пресуда и предметот да се врати на повторно судење. 

Обвинетите директори пред судијата Абдулбари Рамадани изјавија дека не се чувствуваат виновни и побараа Апелациониот суд да ги прифати нивните жалби и да ги ослободи од вина. Нивните адвокати рекоа дека судењето во тетовскиот суд не било фер и правично и дека во јавноста обвинетите биле осудени уште пред да се донесе пресудата. 

„Почитуван судија, пред Вас не се наоѓаат вистинските виновни за пожарот во кој загинаа 14 лица“, рече адвокатот Илчо Гавровски.

Адвокатите рекоа дека целото судење во Основниот суд во Тетово се базирало на околностите кои се случиле ноќта на 8-ми септември 2021 година. И главното прашање било дали во моментот на пожарот имало или немало противпожарни апарати. Во жалбата нагласуваат дека на судењето не било дозволено да се прочитаат и анализираат суштинските докази поради кои се случил пожарот. А, тоа се вештачењето на германските експерти кои утврдија дека пожарот избувнал и брзо се проширил поради лошиот квалитет на изведбата на модуларните контејнери.

„Обвинителството не понуди анализа за причините и брзото ширење на пожарот. А, тоа се должи на други причини, односно несоодветни материјали од кои е изградена болницата и несоодветно инсталирана електрична мрежа“, изјави адвокатот Јосиф Филиповски, бранител на Артан Етеми. 

Судечкиот совет во Апелациониот суд Гостивар го предводи судијата Абдулбари Рамадани, а заедно ќе одлучува со судиите Емине Мурати и Александар Милошевски. Судот треба да одлучи дали ќе ги прифати жалбите на обвинетите и ќе ги ослободи од вина, дали предметот ќе го прати на повторно судење во тетовскиот суд или ќе ја прифати жалбата на вишото обвинителство и ќе досуди поголеми казни. 

Атмосфера од денешното рочиште во Апелациониот суд во Гостивар каде единствен медиум беше ИРЛ?Фото ИРЛ

Пожарот се случи на 8-ми септември 2021 година. Болницата целосно изгоре за неколку минути, а починаа 14 луѓе кои се лечеа од Ковид во модуларната болница во Тетово. 

По вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Судењето почна на 7 декември 2022 година, а првостепената пресуда беше донесена лани на 5-ти јуни. Поранешните директори на болницата Бесими и Етеми се гонеа бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. На докторот Вучевски, пак, му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби.

Кои се вистинските виновници

Паралелно со истрагата на тетовското обвинителство, предмет отвори и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал кое ја истражува тендерската постапка за набавка на модуларните болници за време на пандемијата. Од оваа истрага се очекува да се докажат причинско – последичните врски за пожарот. Случајот и по речиси три години се уште е во фаза на предистрага. 

Пред еден месец шефот на обвинителството, Ислам Абази, на брифинг со новинарите изјави дека обезбедена е документација од Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика и Проектната единица на Светска Банка. 

Случајот го води обвинителката Елизабета Јосифовска, која во меѓувреме беше прераспоредена во обвинителството во Гостивар. На прашање на ИРЛ, Јавното обвинителство одговори дека предметот е во фаза пред носење на јавнообвинителска одлука. 

„Јавно-обвинителската одлука ќе биде донесена по реферирање на предметот пред Јавниот обвинител на ЈОРСМ и стручниот колегиум во ЈОРСМ.“, соопштија од обвинителството.

ИРЛ лани во август го објави документарниот филм „Убиство во Тетово“, во кое истражување беше откриено дека причината за пожарот е поради низа на грешки во дизајнот на проектот од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци. Во предистрагата на Основното обвинителство во Тетово беа повикани да дадат искази тогашниот министер за здравство Венко Филипче и претставник на компанијата „Брако“ која беше изведувач на модуларната болница во Тетово. Но, во обвинението се најдоа само медицинскиот и економскиот директор на тетовската клиника и дежурниот доктор. 

Во продолжение документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »