Доктор Рамис Мерко на последните локални избори во 2017 година по трет пат ја доби довербата од стружани. Првиот мандат го освои во 2003 година кога за прв пат влегува во политиката. Дотогаш имал фамилијарен бизнис и бил директор на земјоделска аптека. Граѓаните го гласаат, а поддршка и логистика добива од неговата партија ДУИ. За себе вели дека е одличен менаџер на општината и оти сите одлуки ги носи заедно со советниците.
Најмногу советници во Советот на Струга има Алијанса на Албанците кои се вкупно 8. Заедно со ВМРО-ДПМНЕ (3) и Движењето БЕСА (2), тоа се 13 советници кои се опозиција. Градоначалникот Мерко сепак успева да протурка многу од своите одлуки и покрај тоа што од коалицијата ДУИ и СДСМ имаат по 6 советници или вкупно 12. Двајца иако се декларираат како независни советници, едниот отцепен е од ДУИ, другиот е од социјалистичка партија, тие најчесто гласаат ЗА одлуките на позицијата и Мерко.
Еден таков случај е дозволата за изградба на отворени и покриени спортски игралишта покрај самиот брег на езерото. Советот на општината во 2015, во време кога градоначалник беше Зијадин Села, донел одлука за изградба на овој спортски комплекс на површина од 1500 метри квадратни. Потребно било да се јави приватен инвеститор кој би ги изградил објектите. Планот почнува да се реализира во мандатот на Мерко, кога во јули минатата година фирмата Њу вижн од Охрид поднесува програма и геодетски елаборат кои предвидуваат изградба на спортски игралишта и гардероби. Документите добиваат потпис од градоначалникот Мерко, но планот на хартија не се спроведува и на теренот. Наместо одбојка на плажа и спортски терени, на локацијата има ресторан за веселби.
Со објектот стопанисува фирмата Аморе 6 од Струга. И ние како и спортистите на Мерко се освеживме со еден пијалак и го побаравме сопственикот на ресторанот Аполонија да го прашаме како наместо спортски комплекс изникна ресторан за веселби. Кога се преставивме, газдата нељубезно ни рече „Оставете ме на мира“. „Прашајте во општината“. Цела Струга знае дека ресторанот работи на локација која е наменета за спортски објекти, но ни инспекциските служби, ниту советниците не можат да го спречат самоволието. Ако сопственикот некогаш реши да го пренамени, локалната власт ќе го разгледа барањето. Засега според Мерко се е чисто и законски.
Долж целото крајбрежје во градот, од Евро хотел до Аквариус, нема плажа која не е запоседната. Поставени се лежалки, шанкови, а има и цврсти градби од кафулиња. За ниту една од плажите нема концесија за работа, освен за оние кои се наоѓаат пред хотелите и кои имаат склучено договори со непосредна спогодба. Останатите работат на диво, велат за ИРЛ од Министерството за транспорт и врски. Мерко го тврди спротивното. Тој не само што вели дека нема диви плажи, туку според него тие не постојат.
Последните договори за концесија на плажите биле доделени во 2011, а истечени се во 2015 година. Оттогаш, не само во Струга, туку во целата држава – во Охрид, Дојран, Преспа, за ниту една плажа нема дозвола за работа. Општините не распишуваат нов оглас, Министерството за транспорт со месеци подготвува нов закон за да им ги одземе ингеренциите на локалните власти, но и оваа сезона хаосот со концесиите ќе остане нерешен.
Пред неколку месеци на седница на Советот, Мерко поднел иницијатива за легализација и изградба на 37 плажи во Струга, но не добил согласност од советниците. Но, сепак, во Струга наместо закон за градба, важи Мерков закон.
Рамис Мерко планира во наредниот период од Министерството за транспорт да побара дозвола за изградба на уште 10 нови хотели, затоа што сегашниот капацитет не бил доволен за сите туристи кои сакаат да летуваат во градот.
Прашањето што останува е – како и кој ќе гради оти цената на безредието кое со децении се одвива на охридско-струшкото крајбрежје го доведе под знак прашалник опстанокот на оваа светска природна и културна реткост – систематски уништувана од добро поврзани инвеститори и партиските локални шерифи.