Press "Enter" to skip to content

УБИСТВО ВО ТЕТОВО

Зошто ова истражување

Сите несреќи од катастрофални размери коишто се случуваат во Македонија имаат една заедничка карактеристика која била дел од клучните настани кои довеле до катастрофата, а тоа е следново: Сите се случиле поради запоставување на обврските на оние на кои како заедница сме им дале полна доверба да управуваат со нас и заедничките добра. Запоставувањата предизвикале не само оштетувањето на заедничките пари и имот, туку личната корист толку преовладала, што запоставувањето на должностите отишло во такви размери што довело до чести настани со непотребна смрт и страдања на граѓаните.

Што претставува истражувањето „Убиство во Тетово“?

Истражувањето „Убиство во Тетово“ е истрага за една од најголемите несреќи во историјата на државата со масовен број жртви. Репортерите и истражувачите на ИРЛ повеќе од 7 месеци работеа во Скопје и Тетово и ги собираа и анализираа податоците и документите добиени за овој случај. Во пожарот на 8-ми септември 2021 година 14 луѓе загинаа во тетовската модуларна болница за лекување на болни од КОВИД 19 вирусот. Различни надлежни институции случајот го посочија како несреќа, а причините се лоцираа во избивање на продолжен кабел. Ова истражување ги открива вистинските причини за пожарот коишто не водат низ лавиринт од грешки и пропусти направени од обични службеници до високо профилни лица од сферата на политиката, бизнисот и судството. За да ги изградат аргументите во ова истражување новинарите добија пристап до 5,455 страници материјал во којшто се распоредени 585 документи. Работата вклучуваше пребарување и истражување на јавните списи, прибирање на документи со помош на свиркачи, теренска работа, разговор со сведоци, прибирање на експертиза и истражување на јавни архиви.

Што открива пристапот на новинарите до документите

Документите прибрани од повеќе клучни институции како Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа, Министерството за труд и социјална политика како и службените белешки добиени од истрагата во тетовското обвинителство вклучуваат досега необјавени информации во јавноста коишто биле клучни за расветлување на причините за пожарот, но останале скриени.

Преку судските службени белешки, искази и вештачења од истрагата коишто ги добивме од извори вклучени во судскиот процес одблиску и прецизно тимот на ИРЛ исцртува јасна слика за процесот на работа на надлежните обвинители. Овие документи ќе покажат дека врз основа на прибраните докази обвинителството имало јасна слика за причините поради коишто се случил пожарот, а се откриваат и пропусти, непотребно одолговлекување и саботирање на истрагата.

Преку протечени документи и е-маил пораки добиени од свиркачи и преку прибирање на тендерската документација по пат на слободен пристап до информации од јавен карактер, новинарите за прв пат прикажуваат нови докази коишто прецизно ја лоцираат законската одговорност за пожарот во клучните институции како Министерството за здравство, но и кај изведувачот на објектот во Тетово.

Што ја прави оваа сторија истражување од висок јавен интерес

Вината за катастрофата во Тетово од 2021 година на различни начини надлежните ја припишаа на несреќни околности. Ова истражување утврдува голем број грешки во дизајнот на проектот од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци. ИРЛ го испитуваше редоследот на настаните коишто доведоа до катастрофата и утврди проблеми со планирањето и изведбата на проектот, надзорот над проектот и примената на законите – со еден збор огромен број човечки грешки и пропусти се комбинирани во несреќата.

Истражувањето ја нагласува континуираната негрижа на луѓето во институциите на системот, длабоките политички и економски влијанија во државните органи. Особено внимание е посветено на континуираната несоодветност на судската власт да попречат катастрофите од минатото да не се повторат поради неефикасни и несоодветни истраги. Конечно, истражувањето предупредува дека сè уште може да се случи ваква или слична катастрофа.

Пресек на клучните настани и докази

документарен филм

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »