Press "Enter" to skip to content

Како се стокми тендерот од пет милиони евра за учебници во основното образование

Реформите во образованието актуелната влада ги почна пред пет години со кадар на СДСМ, ги продолжи министер од ДУИ, а од нив годинава профитира бизнисмен од ВМРО-ДПМНЕ. Жртви се учениците кои оваа учебна година се уште немаaт учебници. Во земја кандидат за Европската Унија, 100.000 ученици од прво до петто одделение лекциите ги учат од брошури. Учебниците ќе им бидат поделени дури во второто тромесечие. Тендерот за печатење и на учебниците и на брошурите го доби конзорциум предводен од печатницата „Европа 92“ на поранешниот градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски. Парите за изработка на привремените учебници не се од државниот буџет, туку министерот Јетон Шаќири решил да пренамени дел од заемот на Светска Банка и да ја пополни дупката во првото тромесечие. 

Основците од прво до петто одделение на 1-ви септември наместо учебници како материјал за учење добија брошури. Во секоја брошура се вметнати лекциите за првото тромесечие од четири наставни предмети. Учебниците официјално доцнат поради сложени процедури во изборот на автори и недостиг на рецензенти. 

Министерството за образование во јули распиша тендер за печатење на вистинските учебници за сите основци. Но, во меѓувреме тендерот претрпи две измени поради технички грешки во тендерската документација, па се изгуби време за да почне постапката за доставување на понуди од заинтересираните фирми за печатење. Отворањето на понудите се спроведе на 12 август. За тендерот вреден 4,5 милиони евра конкурираа печатницата „Европа 92“ заедно со „Бранко Гапо“, а понуди доставија и  „Полиестердеј“, „Серафимовски“, „Просветно дело“ и „Арбериа дизајн“. 

Условите пропишани во тендерот уште од самиот почеток го надѕираа епилогот. Министерството за образование предност даде на печатницата која има отпечатено тираж од најмалку 500.000 монографски публикации во последните две години. При бодувањето цената носи максимални 70 бода, а квалитетот односно претходно отпечатениот тираж носи максимум  30 бода. 

„Европа 92“ е една од најстарите и најголемите печатници во државава. Сопственик е поранешниот градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски. Неговата печатница победи на тендерот, а конкурентските фирми поднесоа жалби до второстепена комисија. Жалбите им беа одбиени како неосновани. А, жалбената постапка го успори потпишувањето на договорот со победникот „Европа 92“, па мораше да се бара решение за учебници во „пет до дванаесет“. 

Министерот Јетон Шаќири одлучи да нарача брошури за да ја пополни дупката додека да стасаат учебниците и истите да ги плати со пари кои се заем од Светска Банка за проект за унапредување на основното образование. И оваа зделка ја доби „Европа 92“ и зеде дополнителни 500.000 евра за печатење и испорака на брошурите за еднократна употреба. 

Најважно е непреченото одвивање на наставниот процес“ – велат од Министерството за образование, оправдувајќи ги дополнителните трошоци. 

Министерството два месеци криеше од јавноста која фирма ги испечати брошурите. Образложението беше дека не биле должни да го објават договорот затоа што се работи за пари кои не се од државниот буџет, туку заем од Светска Банка.

Освен договорот за печатење на брошурите, Министерството за образование не го сподели ни договорот за печатење на вистинските учебници кои се купуваат со пари од буџетот. Оттаму веќе три недели за ИРЛ велат дека во најкус можен рок ќе го објават договорот, но тој се уште не е достапен ни на веб страната на Министерството, ниту на Електронскиот систем за јавни набавки. 

„Не знам колку точно учебници треба да се испечатат и колку пари е договорот. Ова е сукцесивна рамковна спогодба. Обратете се во други служби за одговорот“ – рече Фидан Селмани, вработен во МОН кој e надлежен за информации за јавната набавка на учебниците. 

Последната информација од Министерството за образование е од 8-ми ноември кога соопштија дека оваа и следната недела ќе се испечатат најголем дел од учебниците. ИРЛ побара точна информација од министерот Јетон Шаќири за вкупен број на потребни учебници и динамика на испорака до училиштата, но бараните податоци тој не ги достави.

Сопственикот на печатницата „Европа 92“, Ратко Димитровски, вели дека досега се испечатени 40.000 примероци. Застојот го прави Министерството за образование кое не му испраќа материјали за печатење.

„Ние имаме договор за печатење до 25ти ноември. Завршено е само тоа што го имаме добиено. Проблемот е подготовката кај нив пред учебниците да стигнат кај нас. Дополнително ќе се печатат уште учебници по 10, 15 илјади сукцесивно. Ние само ги печатиме, откако ќе биде завршена процедурата во МОН“, изјави Димитровски за ИРЛ.

Не победи најниската цена 

Бодувањето на понудите на тендерот за учебници на Министерството за образование се вршело според два критериуми. Цената носи максимални 70 бода, а квалитетот односно тиражот носи максимални 30 бода. На тендерот се пријавиле и печатниците „Серафимовски“ и „Полиестердеј“ од Скопје, но не успеаја да го победат Ратко Димитровски.

Во техничките спецификации на тендерот е наведено дека еден од условите е печатницата да има испечатено најмалку 500.000 монографски публикации во последните две години. Под монографски публикации се подразбираат единствено книги.

Печатниците „Серафимовски“ и „Полиестердеј“ на дневно ниво печатат повеќе изданија на весници, брошури, списанија и друг вид на публикации и имаат капацитет да испечатат голем број на тиражи за брзо време. Но, според вака поставените услови не се конкурентни пред големите печатници. 

„Како ние ќе ги добиеме тие 500.000 монографски публикации во рок од три години кога секоја година не исклучуваат и не ни даваат шанса? Условите на Министерството за образование и наука се скроени за фаворити, а на овој начин се прави штета врз буџетот и државата е таа што плаќа дупло“, вели сопственикот на печатницата „Серафимовски“, Живко Серафимовски.

„Полиестердеј“ и „Серафимовски немале 500.000 монографски публикации, но сепак конкурирале на тендерот. Според начинот на бодување, освен условот за 500.000 монографски публикации постои и бодување на публикации во боја. Бизнис стратегијата на овие две печатници била да добијат помалку бодови за монографските публикации во боја, но да настапат со пониски цени и така да бидат конкурентни.

„Европа 92“ тендерот го доби со дупло поскапа цена од таа што јас ја понудив, а дури и од таа цена заработувам, замислете колку повеќе заработуваат они“, вели  Серафимовски.

Од фирмата „Полиестердеј“ велат дека начинот на кој што се утврдени критериумите во тендерската документација е сомнителен.

„Дали некоја институција ќе отвори постапка за подетално разгледување на оваа срамна и сомнителна јавна набавка?“ – прашува Филип Спасовски од „Полиестердеј“. 

Двете печатници испратиле жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но од таму се одбиени.

Печатницата „Серафимовски“ случајот со тендерот за печатење на учебниците за основно и средно образование го пријавила во Антикорупциска комисија. 

Клучниот детал кој беше пресуден тендерот да го добие „Европа 92“ од Кочани

На донаторот на ВМРО-ДПМНЕ му се посреќи и со СДСМ

Сопственик на печатницата „Европа 92“ е Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО – ДПMНЕ. Неговата печатница е една од најстарите приватни во државава, основана во 1990 година. 

Печатницата беше донатор на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт. Димитровски беше и пратеник, а „Европа 92“ беше ангажирана во мулти-милионскиот проект на владата на Никола Груевски „1.050 книги“.

Димитровски вели дека неговата печатница има најголеми капацитети за печатење и дека е избрана затоа што министерството се довело пред свршен чин непосредно пред почетокот на учебната година. 

„Јас не познавам никој од Министерство за образование, ниту од Светска банка. Не сум го пречекорил прагот на министерството. Капацитетите на „Европа 92“ се колку на сите други печатници во државата заедно“- вели екс градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски во разговор со ИРЛ. 

Сопственикот на „Европа 92“ во 2018 година беше приведен заедно со уште осум лица во случајот „Поштенска Банка“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Имотот на печатницата беше замрзнат, а тој доби обвинение за перење пари и нелегално стекнување на пет милиони евра. Судењето се уште не е завршено. 

„Штедливото“ министерство за образование и наука 

Проектот за унапредување на образованието во Македонија преку заем од Светска банка почна во 2020-та година кога министерка беше Мила Царовска. Целата сума на заемот е 21,5 милиони евра. Заемот е со рок на отплата од 11 години, вклучува и грејс период од три години и време на спроведување од пет години. 

Проектот се состои од четири компоненти – подобрување на училишната инфраструктура, развивање на програма за државно тестирање, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и мониторинг и управување со проектот. 

Со парите се предвидени големи инвестиции во образованието и во училиштата. Дел од парите, односно 500.000 евра, сега се повлечени за изработка на брошурите. Нивната намена според договорот со Светска Банка била да се вложат во реновирање на училишните објекти, набавка на ИТ опрема, дидактички материјали и наставни помагала.  

ИРЛ се обиде да добие одговори од десетина директори на основни училишта во државава, што е финансиски приоритет за училиштето и за што би искористиле 50.000 евра доколку добијат од Министерството за образование. 

Одговор добивме само од две училишта.

Старите врати колку што е старо училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје

Директорот на скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“, вели дека училишниот инвентар е во делумно добра состојба. Дел од клупите и столчињата се заменети пред пет години. Но, има некои работи кои не се сменети уште од кога постои училиштето. 

„Доколку би добиле 50 000 евра би ги замениле вратите од училниците кои се стари од основање на училиштето со нови врати заради енергетска ефикасност и безбедност“, рече директорот Маријан Јовановски.

Директорката на училиштето „Владо Тасевски“ од Скопје, Викторија Коцевска, вели дека ова училиште кубури со простор, а училишниот инвентар редно време е да се смени. 

“Доколку нашето училиште има повеќе пари, пред се би доградила нови училници за да може сите деца да одат во прва смена, затоа што имаме паралелки што мораат да одат само втора смена поради тоа што немаме капацитети. Исто така би го сменила училишниот инвентар и би набавила нови клупи и столици за децата“ – вели директорката Коцевска.

Парите кои министерството ги повлече од заемот на Светска Банка наместо во подновување на училиштата сега се потрошени за брошурите кои се направија за една употреба. 

Училишен инвентар во ОУ „Владо Тасевски“-Скопје

Вистинските учебници за прво, второ и трето одделение оваа година ќе бидат без материјалот за првото тромесечие. Учениците од овие три генерации пишуваат во учебниците и за нив секоја година треба да се печатат нови учебници. Учебниците за четврто и петто одделение ќе бидат дуплирани, истиот материјал кој го има во брошурите ќе биде вметнат и во учебниците. 

Експерименти без резултати

Ако образованието е огледало на државата, тогаш Македонија е далеку од убавица. На последното спроведено тестирање на ПИСА (Програма за меѓународни тестирања на учебници) во 2019 година на ученици од 80 земји, ние се најдовме на 68 место. Тогаш учениците учеа според програмата наречена „Кембриџ“.  

Македонија е независна држава веќе 31 година. Во образованието низ годините се спроведени десетици реформи, но ниту една не е завршена докрај. Најголемата реформа во основното образование почна во 2013 година, кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Министерството за образование ја воведе програмата „Кембриџ“ и учениците учеа од брошури според новите стандарди. Власта ја продаде идејата како генијална, уверувајќи дека децата ќе учат од исти учебници како нивните врсници во Велика Британија. Експертите и рецензентите алармираа дека книгите се неквалитетни и дека од истите материјали учат само деца од села во Индија и Гана. 

Меѓународниот испитен центар „Кембриџ“ пред две години во допис со ИРЛ откри дека никогаш не учествувал во развојот на учебниците во Македонија и дека владата инсистирала само за „брзи“ учебници. Проектот „Кембриџ“ овозможи монополски статус само за две издавачки куќи „Арбериа“ и „Арс Ламина“ кои поседуваа екслузивни договори за учебниците за кои министерството не поседуваше авторски права. 

Проектот беше критикуван од тогашната опозициска партија СДСМ, но кога дојде на власт „Кембриџ“ продолжи да функционира уште четири години. Беше укинат ланската година. 

Совет на мудреци ќе го оправа образованието

Министерот Јетон Шаќири смета дека проблемот со доцнењето на книгите е во законите и најавува нивни промени. Во меѓувреме, неговите анализи покажале дека има потреба од формирање на Совет за унапредување на образованието и науката. 

Главен во советот е премиерот Димитар Ковачевски, а членови се и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими. Една од активностите на Советот е да прави меѓународни истражувања за факторите што придонесуваат за ефективна настава за учење. 

Додека Советот ќе ги истражува меѓународните искуства за ефективно учење, нивните ученици во основното образование се уште немаат учебници. Денеска е 63 ден од учебната година.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.