Press "Enter" to skip to content

Човек на човека му е снимка

Оваа сторија на ИРЛ не е анализа на транскриптите во аудио снимките, туку приказна за улогата на медиумите и јавниот интерес во една подземна политичка игра. Таргети се партиските лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски, а се чини дека и инспиратори се самите тие. Како партиското лидерство завршило на маса со личности како Зоран Милевски Кичеец или Александар Верушевски и како медиумите им овозможија на партиските табори валканата кампања да ја пренесат во јавниот дискурс.

Пишува: Маја Јовановска; Дополнително известување: Лила Каратошева, Дајана Лазаревска
Видео: Давид Илиески, Владимир Владимиров
Графика: Лука Блажев

Ако ги прочитате партиските програми на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, ќе видите многу ветувања за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Дебата во јавноста за нивните предлози или, пак, квалитетни медиумски анализи и информации за прашањата кои треба да им помогнат на граѓаните да донесат информирани одлуки во својот најдобар интерес речиси и нема. Соседитеt и колегите многу повеќе времето ги минуваат во прераскажување на снимките објавени од „Раце лепливи“ или „Рекет“. Така се наречени каналите на Youtube на кои непознат автор ги споделува снимките. Поделени се во два табора. Едните кои објавуваат снимки штетни за рејтингот на Мицкоски, а тоа се „Рекет“, „Fact and figures“ и „Обнова на режимот“ на кои има вкупно 15 разговори. И втората група канали на Youtube кои одат контра Заев се „Бошко Буха“, „АлибабаТредичи“, „Раце лепливи“, „ДонкорлеДонев“, „Зоки истина“ и „Бране капитал“, а денеска и „Вице мафиозо“ на кои има 18 аудио снимки и едно видео.

„Искрено од кампањава досега ги запамтив само негативните видеа за Заев со приказните, потоа Мицкоски на скопскиот Аеродром, но не ми текнува некоја поента од пораките на политичарите. Повеќе со пријателите зборуваме за „бомбите“, зошто тие ни се некако најинтересни“, вели 37 годишниот скопјанец Бојан Петроски.

Нема одговор зошто, но самиот вели дека веднаш отвора вести кои му се појавуваат на социјалните мрежи кога ќе прочита „бомба“.

Во ова видео кое е краток приказ на проблемот во оваа сторија, погледнете што ни одговори Јутјуб за македонските аудио снимки од нелегално снимени разговори.

Кампања во режија на политичката империја

ИРЛ ги анализираше објавите во медиумите во предизборниот период и за време на кампањата кои се однесуваат на нелегално прислушувани разговори. Во секој од деновите кога се објавуваат нелегално снимани и прислушувани аудио разговори има патерн на објави на социјалните мрежи и преземања од страна на медиумите.

Првата преизборна снимка се појави на 8 мај на тогаш новиот канал на Youtube „Facts and figures“ во која се слуша разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и контроверзниот бизнисмен Зоран Милевски – Кичеец. Прв медиум кој ја пренесе снимката беше порталот А1он, по час и половина откако истата беше поставена на Јутјуб каналот основан непосредно пред објавата.

Следниот ден беше создаден контра канал на Youtube, именуван како „Бошко Буха“ каде беа објавени четири разговори меѓу претседателот на СДСМ Зоран Заев и непознат соговорник. Аудио снимките, по кусо време, прв ги презеде порталот Инфомакс. Како овие медиуми дознале за постоењето на овие канали ако се знае дека претходно тие не објавиле никаква содржина. Кој им ги праќа дојавите за каналите и дали на овој начин медиуми им даваат платформа на оние кои сакаат да избегаат од одговорноста или да ги сокријат своите мотиви за објавувањето. Овие прашања ги доставивме до главните уредници на двата портала кои се први во преземање на овие содржини од анонимните Јутјуб канали кои се формираат на секои три дена со нови кориснички профили со цел да се сокријат трагите на корисниците.

A1он, информативниот новински портал, за разлика од Инфомакс е членка на Советот на Етика и важи за кредибилен извор. Историјата и праксата на овие два медиума е различна и Инфомакс често бил предмет на новинарски истражувања кои откриле врски на со српски и руски разузнавачки служби. Во блиското минато публикацијата Инфомакс беше и дел од жестоки информациски војни кои водеа до дестабилизација на земјата. Прв го побаравме уредникот на А1он и долгогодишен новинар Предраг Петровиќ.

Тој за ИРЛ вели дека изворот или начинот на нивно добивање е во рамките на Етичкиот кодекс на новинарите и тој не би можел да го открие.

„Прашањето за тоа како нашата редакција прва доаѓа до одредени информации само докажува дека нашите новинари имаат свои извори, алатки и начини за да стигнат и да добијат одредена информација, која притоа е од јавен интерес“, вели главниот и одговорен уредник на А1он и Макфакс.

Изворот не го открива ни главниот уредник на Информакс, Александар Митовски, каде веднаш по објавата на Јутуб се споделуваат снимките.

„Не е комплицирано како што некој можеби би претпоставил. Добивам дојави за интернет локацијата на аудио-снимките од луѓе кои по се изгледа дека се „прва рака“ во дистрибуција на вакви снимки. Овие лица најчесто се повикуваат на патриотски мотиви како причина за нивната активност, а ја користат и можноста која им ја дава законот за свиркачи да останат анонимни“, изјави Митовски за ИРЛ.

И двајцата уредници тврдат дека сето ова го прават во интерес на јавноста, со цел граѓаните да слушнат она што политичарите се обидуваат да го сокријат.

„И самите веруваме сте свесни дека премолчување и необјавување информации кои можат да влијаат на ставот на јавноста е исто што и нивно намерно искривување, па ние ниту сега ниту пак во иднина нема да ги премолчуваме, исто како што не премолчевме за ниту една од досега објавените аудио-снимки, без разлика дали сме ги објавиле први или не, иако секогаш тенденцијата ни е да бидеме први во објавувањето на информациите“, вели Петровиќ од А1он.

Речиси истиот одговор го добивме и од Информакс. Митовски смета дека очигледен е јавниот интерес за објавување на снимките, во кои „политичари полнат чанти со пари добиени од мито и рекет“.

„Во разговор на кој се слуша како претендент за премиер, а потоа и избран на функцијата објаснува како злоупотребува група на граѓани – Шарена револуција, невладини организации, прераскажува за технологии за манипулирање со изборниот процес, а потоа и тргува со нелегално стекнати аудио-разговори не е јавен интерес, тогаш навистина не знам што би било јавен интерес“, рече Митовски.

По објавувањето од прва рака на А1он и Инфомакс, останатите медиуми се позиционираат претежно секој според уредувачката политика, а често и нескриената партиска пристрасност. Дел од нив ја објавуваат само едната снимка, како на пример „Курир“ кој не ги објавува снимките меѓу Мицкоски и Кичеец. Дел од нив ги објавуваат снимките од двата табора, а ретки се тие кои не ги споделуваат и се оградуваат од содржината.

 

Радио Слободна Европа не ги објавува аудијата на сајтот, туку само пренесува дека се објавени нелегални снимки во кои се слушаат гласови кои „наводно припаѓаат на одредени лица“.

Главниот уредник на Слободна Европа Зоран Ќука вели дека им објаснуваат на читателите на следниот начин: „Непознат извор на нов Јутјуб канал објави дека наводно тој и тој разговарале за наводно тоа и тоа и притоа се дава и поширока слика за да се објасни содржината”.

„Линковите, зад кои никој официјално не стои и не превзема законска одговорност не ги превземаме затоа што се подложни на манипулација. При тоа секогаш се обидуваме да добиеме реакција, коментар од засегнатите страни и политичари, како и од надлежните органи за тоа дали се бара и превзема истрага. “, вели Зоран Ќука.

Тој вели дека јавниот интерес за нелегално прислушуваните аудио и видео разговори, секако дека постои. Политичарите се јавни личности кои се платени од данокот што се собира од граѓаните и јавноста треба да биде информирана за активностите на оние што ја водат, како и за оние што сакаат да дојдат на власт преку избори и да ја водат државата.

„Но, мора да има и одговорно новинарство и информациите кои од непознати извори и се пласираат на јавноста мора од медиумите да бидат пласирани на професионален начин, со водење сметка и за етичкиот принцип“.

Ана Петрушева, извршен директор на Балканската истражувачка репортерска мрежа БИРН Македонија која го води порталот за истражувако и аналитичко новинарство Призма, се согласува дека постои јавен интерес, но под услов медиумите да дадат контекст, да проверат одредени наоди наместо слепо да се приклучат на пропагандната војна.

„За жал, јавниот интерес во многу наши медиуми се почесто се заменува со трка по гледачи и кликови, а не општествена одговорност. Кога се во прашање партиите пак, во чија полза се ваквите бомби и петарди, имам впечаток дека на ниедна страна не и недостасува арсенал на разговори со сомнителни ликови кои во една пристојна земја не би можеле ни да се најдат во близина на партиски лидери, а камоли да расправаат со нив изборни стратегии.“, изјави Петрушева за ИРЛ.

За актерите во снимките, за содржината и намерата, Петрушева вели дека е очигледна.

„Сведоци сме на паралелна кампања со бомбите, дневни дози на парченца од разговори со само прогласени ‘бизнисмени’ и други матни ликови поврзани со криминални или разузнавачки кругови. Јавноста од самите разговори не може многу да разбере, а дозите во кои што се сервираат покажуваат јасна интенција дека крајната цел е да ни се згади од политичарот во главна ролја, без оглед дали е од СДСМ или ВМРО“.

Политичко подземје

Додека медиумите бројат кликови на читаност на нивните објави, во партиите калкулираат со штетите нанесени на противникот. Главни протагонисти во оваа информациска војна се партиските лидери и лица блиски до нив: Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Драги Рашковски, Игор Јанушев итн. Најголем дел од разговорите се снимени од Зоран Милевски Кичеец, но и лица како Александар Верушевски. Едниот се нарекува бизнисмен, а јавноста го дозна откако стана центар на вниманието во истрагата на СЈО “Империја” која што практично згасна откако се отвори истрагата “Рекет”. Другиот е син на поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски којшто ги изнесе нелегално прислушуваните разговори од УБК и ги предаде на тогашната опозиција со цел да се открие висока корупција и криминал.

Во долгите разговори со овие два контроверзни ликови, лидерите на највлијателните партии разговараат за многу суштетствени теми од политиката, бизнисот и партиските финансиски проблеми.

Мицкоски и Заев за ИРЛ: Ќе поднесеме кривични пријави

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ИРЛ вели дека во снимката во која тој разговара со Кичеец нема ништо криминално и затоа немало јавен интерес за нејзино објавување во јавноста. Тој најавува тужба против сите кои го злоупотребиле по завршување на изборите.

„Ќе поднесам кривични пријави против луѓето кои ме снимаа и планирам да поднесам и против сопствениците на медиумот и одговорните кои ги толкуваат и објавуваат овие нелегално снимени материјали. Додека не излезе правдата на виделина нема да се откажам од проста причина што тука нема ништо инкриминирачко, ниту протизаконско. Некому да му дадете еден час нелегално снимен разговор и тој да го сече, лепи и по 15-29 секунди да ги вади парчињата од контекст, тоа е со тенденција и умисла. Тоа не е случајно“, рече Мицкоски за ИРЛ.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев за ИРЛ вели дека следната недела ќе поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство против сите оние кои ги објавуваат снимките на Јутуб, но нема да се занимава со медиумите кои ги споделуваат.

„Пријави во однос на делата  од снимките веќе имаме поднесено против Мицкоски и Јанушев за нелегално финансирање на изборна кампања. Оние кои објавуваат снимки ќе ги пријавиме во обвинителство, некаде на почетокот на следната седмица. Медиумите ја имаат целосната слобода да одлучуваат што ќе објавуваат, а што не“, рече Заев за ИРЛ.

Кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање е регулирано во член 151 од Кривичниот законик. Притоа пропишана е кривична одговорност за тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, за тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана, како и за тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица. Вака од Јавното обвинителство ни ги објаснија легалните аспекти на снимањето. На прашањето дали тие ги следат овие објави и дали постои загриженост поради влијанието врз изборниот процес на нелегално снимените разговори од страна на лица со сомнителен интегритет кои и порано биле кривично гонети и осудувани, тие велат дека будно го следеле случајот. И практично, тоа е се.

Јавното обвинителство ги следи снимките кои се објавуваат во последниот период и доколку утврди дека се исполнети елементите на наведеното кривично дело, ќе постапи во рамките на своите надлежности и ќе поведе постапка против евентуалните сторители. Воедно доколку лицата кои се на тие снимки се сметаат дека се оштетени и им се повредени правата, тие тоа можат да го пријават во Министерството за внатрешни работи или во надлежното јавно обвинителство.По евентуално поднесената пријава ќе се постапува за утврдување на идентитетот на сторителот на кривичното дело и за обезбедување за сите релевантни докази”, велат од Обвинителстово во допис до ИРЛ.

Оние кои снимиле дел од разговорите, Александар Верушевски и Зоран Милевски Кичеец, и самите го признаваат тоа, а Обвинтелството го има и законскиот инструмент да постапува по допрен глас. Тоа досега не е сторено.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.