Press "Enter" to skip to content

СЕММ: Порталите кои ја бранеа „Аџибадем Систина“ и се обидоа да го дискредитираат „ИРЛ“ известувале тенденциозно

Порталите „Весник“ и „Експрес.мк“ го прекршија Кодексот на новинарите, одлучи Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите. До Комисијата за жалби за овие два интернет портали стигнаа жалби за нивни текстови поврзани со брзите тестови на Аџибаден Систина за КОВИД 19.

Порталот „Весник“ на 3 април објави текст со наслов „Кому му треба војнава на Филипче против Аџибадем Систина?“. Во еден дел од текстот кој не беше потпишан од автор пишуваше:

„Порталот irl.mk за кој е јавно познато дека е од кампот на невладини и медиуми на СДСМ, како поддршка за Филипче ја нападна Аџибадем Систина со квалификации без издржан стручен извор, а министерот веќе наредните два дена само ја продолжи таа акција и прогон откако партиските портали му спремија терен. Видено многу пати досега“, напиша непознат автор на 3 април во порталот „Весник“.

Членовите на Комисијата на СЕММ, пишува во одлуката, во текстот препознаа извесна тенденциозност во насока да се одбрани нечиј став или интерес, а со тоа се прекршени членовите 13 и 16 од Кодексот на новинарите.

Член 13: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

Член 16: „Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различностите на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги своите колеги“.

На истата тема, брзи тестови во Аџибаден Систина, Комисијата за жалби одлучи дека и порталот „Ескпрес.мк“ го прекрши членот 13 од Кодексот на новинари. Текстот насловен како „Зошто Аџибадем Систина стана цел на напад“ е објавен на 2 април и не е потпишан од автор. Членовите на Комисијата и во овој текст препознаа извесна тенденциозност и вешт обид за манипулација со јавноста, во насока да се одбрани нечиј став или интерес.

„За упатените во бизнисот, нападот врз Систина се случува затоа што болницата со резултатите од тестирањата ќе покаже дека тактиката на властите е со мал број на тестирани да се скрие вистинскиот број на заболени или носители на вирусот за да не се создава паника ниту простор за критика на институциите. Со вакви брзи тестови, како единствено разумно моментално решение, бидејќи како и сите земји зафатени од пандемијата се во трка со времето започнаа и Бугарија и Србија“, напиша порталот „Експрес.мк“ на 2 април.

Овие текстови на порталите „Весник.мк“ и „Експрес.мк“ беа објавени по првото истражување на ИРЛ за квалитетот на тестовите за КОВИД 19 кои почна да ги прави болницата „Аџибадем Систина“. Освен на посочените два портали, следуваа серија написи во одбрана на „Аџибадем Систина“ на повеќе медиуми финансирани со унгарски пари кои се во сопственост на блиски луѓе на премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Целта беше да се спречи натамошното истражување на ИРЛ, а менаџментот на „Аџибадем Систина“ најави и кривични пријави против новинарите на ИРЛ. „Весник.цом“ и „Експрес.мк“ не се членови на Регистарот на професионални онјалн медиуми и не одговориле на жалбите доставени до Комисијата за жалби во СЕММ

Нашите истражувања продолжија, а минатата недела заедно со партнерите од OCCRP објавивме меѓународно истражување за брзите тестови кои ги користи болницата „Аџибаден Систина“, во кое докажавме дека тестовите кои се промовираат како холандски се всушност од кинеско производство.

Прочитајте ги нашите досегашни истражувања за квалитетот на тестовите за КОВИД 19

Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ

Пеколниот пат низ тестирањето од КОВИД-19 или како умре Р.З. (2/2)

Од Филипче до Жан Митрев: Сè што треба да знаеме за кризата со тестови за КОВИД-19

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »