Press "Enter" to skip to content

Оливер Митковски, член на комисијата: Потценувачки однос на министерството кон културата

Бурни реакции и обвинувања за селективност и отсуство на разбирање за потребите во културата откако Министерството за култура денеска на својата веб-страницата ги објави резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за  2019 година.

Актерот Оливер Митковски, кој е еден од четирите члена на Комисијата која што даваше препораки и мислења за распределбаа на буџетот во Министерството за култура, доставил издвоено мислење до Министерството поради несогласувања со изборот. ИРЛ Македонија дојде до писмото на Митковски во кое што тој ги лоцира клучните проблеми во распределбата на парите и последиците со кои што ќе се соочат некои од најстарите културни институции во земјава, особено театарската дејност. Издвоеното мислење ви го доставуваме во целост.

„Почитувани,

Со оглед на транспарентноста на која инсистира владата преку достапност на информации од јавен интерес, се надевам дека со овој документ јавноста ќе биде поконкретно запознаена со деловите од извештајот со кои делумно или во целост не се согласувам. Ќе понудам и предлози во вид на конкретни идеи кои се надевам ќе бидат сериозно разгледани од страна на надлежните лица со цел да се воспостави во блиска иднина поправеден систем на одлучување при распределбата на средствата на граѓаните за драмската дејност.

Најнапред, би сакал да информирам дека комисијата е советодавно тело кое предлозите ги носи со мнозинство на гласови а конечниот збор секогаш го има министерот за култура.

И покрај исклучително нискиот буџет одобрен од страна на владата за драмската дејност и генерално потценувачкиот однос кон културата, моите најголеми забелешки се однесуваат на одобрениот износ за работење на националните установи кои во суштина би требало да бидат приоритет на овој ресор.

Ќе наведам само неколку примери во кои сметам дека постои флагрантно отсуство на слух за потребите на институциите и игнорантски однос кон институциите кои квалитетно ја вршеле својата работа и одговорно ги трошеле доделените средства во изминатата година.

Така, МНТ е оштетен за цели четири милиони денари во однос на лани и притоа не се одобрени средства за неопходните материјални трошоци за одржување на објектот, Драмскиот Театар понуди извонредно квалитетна програма но иако е одобрена во целост, не ги доби потребните средства за реализација на истата, Народниот Tеатар од Битола наместо награда за упорноста во одржувањето на високите естетски вредности е казнет со намалување на средствата, одличниот ансамбл на „Марко Цепенков„ од Прилеп е повторно потценет а условно кажано помалите театри покрај рестриктивниот буџет за реализација на проекти, веројатно ќе се соочат и со проблеми во одржувањето на хигиената во објектите.

Поради очигледниот недостаток на законска регулатива во форма на утврдување на критериуми при распределба на средствата а со цел да биде сведен на минимум просторот за „паушално“ доделување на истите, предлагам да се воведе ДЕЛЕГИРАН начин на распределба на буџетот за националните институции. Да се постават јасни критериуми за успешноста, квалитетот и одговорното работење на институциите во текот на една репертоарска година и токму тие да бидат одлучувачки фактор при распределбата на средствата за следната година. Во овој еластичен систем на вреднување, ќе се стимулира квалитетот и одговорноста а во суштина самите театри ќе бидат креатори на сопствената судбина. Директорите ќе имаат поголема слобода но и поголема одговорност во трошењето на народните пари а улогата на стручната комисијата би била сведена на оценување според утврдените критериуми и за проверка на фактите за работата на националните установи. Исто така, предлагам и поголема финансиска стимулација за членовите на комисијата која би значела мотив плус во зачувувањето на сопствениот интегритет наместо досегашното потпирање на нивните морални човечки вредности. Во овој случај сметам дека е неопходно и формирање на внатрешна контрола која би ја следела работата на комисијата и би претставувала пречка за евентуалниот конфликт на интереси на членовите како и за остварување на незаконски профит преку мито и корупција.

Освен горенаведените примери, би сакал да обрнам внимание на уште една нелогичност и тоа во распределбата на буџетот за фестивали од областа на драмската дејност. Имено, сметам дека главниот проблем лежи во новодонесената одлука според која се воведува лимит за финансирање на фестивали во износ од четири милиони денари.

Со оваа одлука која е веројатно ненамерен превид од страна на министерството, му се ускратува можноста на МОТ, единствениот македонски фестивал кој го следи ритамот на модерните светски театарски трендови и е единствен фестивал кој до денар го оправдува своето постоење, да ја добие заслужената поддршка од државата. Уверен сум дека Министерот го дели истото мислење и дека ќе преземе се што е во негова моќ за пронаоѓање начин со кој ќе се корегира оваа неправда.

За крај, неколку забелешки но и предлози за конкурсот на таканаречената „независна“ сцена која во изминатава деценија беше тенденциозно руинирана и претворена во евтин пазар со можност за брза и лесна екстра заработувачка на поединци блиски до партијата на власт.

Ако постои вистинска желба за прекин на злоупотребата и искрена потреба од закрепнување на оваа сцена која е од витално значење за едно демократско општество, ги предлагам следниве чекори:

  1. Поголеми ингеренции на комисијата во однос на соработка со други државни институции со цел утврдување на вистинските носители на проектите.

  2. Воведување на построги критериуми за аплицирање не само во бирократскиот дел туку и во смисла на потенцијал кој понудените проекти треба да го содржат со цел отворање перспектива кон која оваа сцена би требало да се стреми (иновација преку експеримент, потрага по нови театарски изразни средства и тенденција кон сосема нови театарски форми). Измената со новиот начин на бодување и конкретно насочување на средствата за хонорари, костим или сценографија е солидна и ја отежнува злоупотребата но не ја елиминира.

  3. Расплинувањето на малиот буџет во корист на квантитетот не е од ничиј интерес. Неопходно е барем во следните неколку години да бидат финансирани само мал број на проекти од оваа сцена но проекти кои навистина заслужуваат внимание и тоа со одличен буџет.

Искрено верувам дека со воведувањето на ваков тип регулативи полека ќе исчезне создавањето на пара-театри преку аплицирање на „сестрински“ фирми и здруженија како и злоупотребата на средства под параванот на детска едукација, злоупотребата на лица со посебни потреби преку проекти кои ниту вистински имаат за цел ниту можат со својот квалитет да имаат било каков социјален импакт неопходен за надминување на предрасудите кон овие лица и нивна интеграција во сите сегменти на општественото живеење.

Како позитивен пример за ултра значаен проект со извонреден потенцијал да пополни алка која веќе долго време недостасува за правилен развој на драмската уметност кај нас, би сакал да го издвојам проектот на Јована Ѓорѓиовска од Скопје, кој има за цел преку низа работилници и предавања да создаде нови, млади, театарски образувани критичари кои според мене би можеле да бидат од круцијално значење за воспоставување на поинакви вредности и критериуми.

Во некои подобри времиња овој проект би имал приоритет и би добил многу повеќе од мизерна сума со која организаторот може да ги задоволи единствено основните човечки потреби на учесниците во вид на четврт бурек со јогурт.

Со почит,

Оливер Митковски

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »