Press "Enter" to skip to content

Крешник Бектеши ја назначи својата советничка за член на УО на Агенцијата за енергетика

Поранешната новинарка Александра Спасевска во јули стана специјален советник на министерот за економија, а од пред една недела доби уште една државна функција. На предлог на министерот Крешник Бектеши, Владата ја избра за член на Управниот одбор во Агенцијата за енергетика.

Спасевска е дипломиран новинар со 12 годишно искуство во новинарската професија. Но, таа освен што се грижи за ПР-от на министерот за економија, отсега ќе треба да носи одлуки и за спроведувањето на енергетската политика на Владата. Агенцијата за енергетика е надлежна за подготовка на енергетски стратегии и програми, со особен акцент на енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија. Во оваа институција се подготвуваат и закони од областа ба енергетиката со цел побрзо усогласување со регулативата на Европската Унија. Директор на Агенцијата за енергетика е Нехри Емрула.

Спасевски не сакаше да коментира за нејзината двојна функција, зошто токму таа е именувана во управниот орган на Агенцијата за енергетика. Министерот Бектеши за ИРЛ кусо одговори: „Во Управниот одбор требаше да биде назначено лице од редот на вработените во Министерството за економија и јас ја предложив Спасевска“.

Според Законот за основање на Агенција за енергетика, Управниот одбор е највисок орган во оваа институција, а петте членови ги избира и разрешува Владата. Мандатот трае четири години, со можност за уште еден реизбор.

Министерот за економија Бектеши беше еден од функционерите за кој Антикорупциската комисија утврди непотизам и му поднесе прекршочна пријава за вработувањето на неговата сестра во МЕПСО.

Како мери „Мерит системот“

Во студијата на „Институтот за демократија“ на тема „Кој тоа таму управува“ објавена во март годинава анализирани се управувачките структури на јавните претпријатија и државните независни тела. Генералниот заклучок е дека критериумите за избор не се доволно прецизни и недостасува фер и транспарента постапка според заслугите.

„Бројноста и надоместоците на членовите на управувачките структури заедно со непрецизираните критериуми во законската регулатива ги прави овие институции ризични точки за партизација и клиентелизам што влијае врз квалитетот на нивното управување. Така, истите се честа мета на јавноста во однос на практиките при назначување на луѓето во управувачките структури, располагањето со јавните ресурси и нивното работење“, пишува во студијата.

Управните и Надзорните органи земаат надомест како месечен паушал без разлика на бројот на одржаните седници или надомест по одржана седница. Висината на исплатата се пропишува со посебен акт. Месечен надомест кој најчесто се исплатува за претседател на Управен одбор изнесува 12.000 денари, односно 10.000 денари за член на Управен одбор и исто толку изнесува висината на месечниот надомест за претседател односно член на надзорен одбор.

Во Планот 18 за реформи во клучните стратешки области како владеење на правото, безбедносни служби и јавна администрација, една од клучните задачи што си ја зададе Владата е „Деполитизација на јавната администрација – почитување на принципот на заслуги (мерит систем) и прекинување на праксата на времени вработувања“.

Во продолжение може да прочитате повеќе стории на ИРЛ како функционира мерит системот на оваа власт

Кој му дели памет на премиерот: Целата листа на надворешни соработници

Со едвај година искуство во администрација, кадар на ЛДП ќе седи во надзорен одбор на Државна лотарија

Како се мести оглас за државна работа

 

 

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »