Press "Enter" to skip to content

Како се мести оглас за државна работа

Шура, девер, братаница, баџанак, шурнајка, свеска. Долг е списокот на стеблото на македонските семејства, но моравме да го научиме за да утврдиме до кое колено се „изврзани“ роднините кои  се чинат најподобни за работа во државната администрација. ИРЛ ги истражуваше законските дупки и итроштините на функционерите кои ќе сторат се нивните пулени да ги добијат позициите. 

Колку што е повисоко на семејното стебло, роднина од прво колено, толку и работното место и платата му се „помрсни“. Сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши се вдоми во МЕПСО, синот на заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски, доби вработување во Агенцијата за супервизија на осигурување, синот на пратеничката Мира Стојчевска беше примен во ЕЛЕМ.

Оние од второ колено, вообичаено не остануваат без работа кога „нивните“ се на власт, но не котираат високо на списокот за државна служба. Како на пример бабата на Кирацовски, мајка на неговата сопруга, која нејзиниот зет ја „пикна“ во „Државниот ученички дом Мирка Гинова“ во Битола на позицијата – архиварка.

Како се мести оглас за работа

Ако се следат секојдневните објави за избрани кандидати во Агенцијата за администрација, може да се забележи дека многу често вработување добиваат членови или симпатизери на владејачките партии СДСМ и ДУИ, како и нивните коалициски партнери.

Има неколку начини како може да се намести оглас за работа.

-Пред да се објави огласот се прави простор за соодветен кандидат преку нова систематизација во државната институција.

-Многу често на огласите се јавува само по еден кандидат.

-Последниот филтер при селекција на кандидатите е интервју кое го прават двајца членови од институцијата која го распишала огласот и еден член од Агенцијата за администрација. Тие одлучуваат кој кандидат ќе биде примен на работа

Минатиот месец вработување доби Биљана Петровска на позиција Советник за маркетинг и односи со јавност во библиотеката „Илинден“ во Делчево. Петровска на својот фејзбук профил не крие дека е силен поддржувач на СДСМ, има слики со партиски функционери, а давала отворена поддршка на локалните избори за градоначалникот Горан Трајковски. Година и пол по изборот на Трајковски, Петровска е избрана за Советник за маркетинг и односи со јавноста во локалната библиотека. Петровска за ИРЛ вели дека таа била единствен кандидат на конкурсот, бидејќи условот за образование бил дипломиран новинар.

Биљана Петровска

Она што беше чудно е работното место – Советник за маркетинг и односи со јавност во библиотека во град кој има околу 17.000 жители. Од Министерството за информатичко општество информираат дека ова место е отворено лани според систематизација што ја направила Министерството за култура за сите библиотеки во државата. Па така, новинарката Петровска која претходно работела во пропаднатото Радио Делчево, доби вработување во државна служба.

Преку Агенцијата за администрација работа доби и бабата на Кирацовски. Како течела постапката за вработувањето на Мери Поповска во „Државниот ученички дом Мирка Гинова“? Според документите до кои дојде ИРЛ, работното место Технички секретар/самостоен референт е отворено со нова систематизација која е направена во 2018 година. Оттаму побарале дозвола за вработување, што ја издало Министерството за финансии. На конкурсот се јавиле три лица, меѓу кои и Поповска. Еден кандидат веднаш бил елиминиран поради неуредна документација, а двајца продолжиле во втората фаза – полагање на испит за административен службеник. Кругот повторно се стеснил, па едниот кандидат не се појавил на полагањето и останала само бабата на Кирацовски, која го положила испитот, поминала на интервјуто и со освоени 69 поени од вкупно 100 била избрана за работното место.

Александар Кирацовски – пратеник и поранешен генерален секретар на СДСМ

Освен мајката на неговата сопруга, од семејното стебло на Кирацовски во државни фирми се вдомија и неговата сестра и таткото на сопругата.  За сите тројца, Антикорупциската комисија утврди дека Кирацовски влијаел при нивното вработување, и тие се повлекоа од работните места.

Премиерот Зоран Заев на една од дебатите пред референдумот за името минатата година, соопшти дека 100.000 луѓе барале да се вдомат во јавната администрација. Кога граѓаните го прашуваа кога оваа Влада ќе почне да се однесува европски, тој рече дека тоа прво го очекува од неговата партија, но и од сите граѓани во Македонија.

„Еве јас ќе кажам отворено, во моментот 100.000 луѓе бараат работа во јавна администрација. Сакаат ако може уште утре веднаш да влезат на работа. Нема толку места, нема таква можност“, зборуваше Заев пред референдумот.

Заев во секоја прилика кога новинарите ќе го прашаат за преобемната, неефиикасна и партизирана администрација, често го спомнува „камшикарот“ како волшебно стапче кое треба да ги дисциплинира неработниците во државниот и јавниот сектор и како можност да се исфилтрира квалитетот од неквалитетот.

„Една од желбите што ја имаме сите е со доаѓањето на Европа, со отворањето на поглавјата, со сите овие критериуми кои што ни се ставени е да почнеме европски да се однесуваме. И мојата партија, но пред се и сите граѓани во Македонија. Сум рекол дека ќе дојде камшикар којшто ќе не среди како народ и како граѓани и како луѓе и тоа така навистина го мислам симболично“, вети Заев.

Легални замки

На конкурсот на Министерството за надворешни работи за вработување на 26 млади дипломати распишан лани на 29 декември, на површина излегоа многу административни препреки кои предизвикаа незадоволство кај дел од кандидатите. Откако многу  кандидати со образование и работно искуство беа одбиени поради неуредна апликација, дел од нив се огласија во јавноста за да го искажат својот револт.

За 26 работни места – млади дипломати се пријавиле 819 кандидати. Од нив, само на 96 им биле уредни апликациите, односно 723 беа елиминирани од старт.

ИРЛ со двајца одбиени кандидати поради неуредни апликации– Филип Ивановски и Симон Андов разговараше за нивните мотиви да се пријават на конкурсот, нивните забелешки и препораки што треба да се менува.

Во моментот кога беше објавен конкурсот Ивановски бил во Канада, каде ги завршил магистерски студии по дипломатија на Универзитетот во Торонто и веќе ја добил првата работа.

Филип Ивановски

„После шест години минати во Канада, каде што имав среќа да бидам дел од компанија во која сум одлично платен и да работам со високо квалификуван кадар на луѓе, се решив да се  вратам во Македонија само поради една единствена причина а тоа е желбата за промена. Мојата замисла беше целото мое знаење и искуство стекнато во странство да го ставам во пракса тука во Македонија со цел да ги промениме работите на подобро“, вели Ивановски.

Платата за младите дипломати во МНР не беше примамлива, само 16.699 илјади денари. Но, желбата на МНР да им даде шанса на млади луѓе кои ќе се развиваат во професионални дипломати била пресудна на огласот да се јават дури 819 луѓе.

Освен Филип, еден од нив е и Симон Андов од Неготино. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје со просек 9.20, а потоа своето образование го продолжил на Универзитетот Лорен во Нанси – Франција, а втората магистратура била на Универзитетот во Ремс. Андов не бил невработен кога решил да конкурира на конкурсот на МНР, тој е помлад асиситент во меѓувладина организација, Централно Европска Иницијатива (ЦЕИ).

Симон Андов

„Македонија се наоѓа во клучен период за кроење на својата (нашата) иднина. Јас мислам дека најдоброто место од каде ќе можам да дадам придонес за светот, во овој период, е токму местото каде ме создала природата. Базирано на досегашното академско и професионално искуство, донесов одлука да аплицирам на огласот за млади дипломати.“, раскажува Андов за неговиот мотив да конкурира.

Конкурсот беше ставен во мирување по распишување на претседателските избори, па процедурата продолжи во мај, кога кандидатите беа известени чии апликации се прифатени и ќе продолжат во процесот на селекција.

Нашите соговорници, Филип и Симон, беа одбиени со образложение дека апликациите не им се уредни.

„Главниот проблем во мојата апликација поради кој бев одбиен е застарено лекарско. Притоа, никаде не беше нагласено кој документ е потребен за докажување на општа здравствена состојба и колкав е рокот на негова важност. Со оглед дека живеам во странство (и не би требало да можам да извадам лекарско од дистанца), извадив потврда од матичен лекар (која ја потврдува мојата здравствена состојба врз основа на моето здравствено досие)“, објаснува Симон Андов.

И Ивановски и Андов имаат работно искуство во повеќе институции низ светот. Но, при конкурирање за работа искуството стекнато надвор од земјава не се признава. Согласно Законот за административни службеници единственото работно искуство кое се признава е вработувањето преку Агенцијата за вработување.

„Едноставно законот не дозволува друг доказ за стекнато работно искуство. Во текот на работењето сме се сретнале со кандидати кои имаат работно искуство во странство, но истото не можат да го верификуваат преку Агенцијата за вработување и истите биле неуредни“, вели за ИРЛ директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров.

Спасе Глигоров – директор на Агенција за администрација

Според информациите на ИРЛ на еден конкурс за работа на кој се барал градежен инженер, се јавила кандидатка која имала 10 годишно работно искуство во Либија. Но, и покрај доказ за минатиот труд во Либија, таа не била соодветна за работното место, бидејќи немала стаж евидентиран преку Агенцијата за вработување.

„Едноставно законот не дозволува друг доказ за стекнато работно искуство. Во текот на работењето сме се сретнале со кандидати кои имаат работно искуство во странство, но истото не можат да го верификуваат преку Агенцијата за вработување и истите биле неуредни“ вели Глигоров.

За Филип Ивановски ова беше прво искуство за влез во државна служба во Македонија, прво и горчливо. Вели дека е разочаран од нефункционалноста на јавниот сектор во Македонија и начинот на кој се вработуваат нови кадри.

Се додека не се измени законот за вработување кој е под закрила на Агенцијата за администрација и не се отстранат детектираните небулози, јас немам намера повторно да конкурирам на јавен оглас. До тогаш, јас ќе бидам активен во приватниот и невладиниот сектор во Македонија.

И Симон Андов ќе чека подобри времиња за повторно да аплицира за работа во татковината.  Дотогаш неговото образование и знаење ќе го користат државите кои ги ценат „македонските мозоци“. Тој до Претседателот на државата, претседателот на Владата како и до Министерот за надворешни работи испратил предлог решенија кои треба да помогнат при корегирање на системот, и се однесуваат на следните мерки: Олеснување на постапката за аплицирање за позиција во државен орган во првата фаза, 0 денари за документите потребни за сите фази во процесот на аплицирање, обучување на тим на професионалци достапни за одговори на прашања на кандидатите, олесување на процесот на аплицирање на кандидати од дистанца, воведување на грантови/стипендии за млади професионалци од Македонија во странство при нивно враќање и вработување во државата, формирање на специјализиран државен орган за brain drain миграција.

„Ќе аплицирам повторно и ќе се вратам во Македонија, кога ќе се поништи и повтори конкурост за млади дипломати; ќе се промени Законот за административни службеници и Законот за Надворешни Работи и ќе се воведат грантови/стипендии за млади проевропски умови кои се спремни да ја донесат Европската Унија во Македонија. До тогаш, ќе се обидувам да давам придонес од дистанца“, вели Андов.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по реакциите на Андов и Ивановски рече дека за првата фаза на конкурсот, одлучувачки надлежности има Агенцијата за администрација, која постапува по закон што е премногу ригиден и треба да се менува.

„Конкурсот ќе го спроведеме и ќе обезбедиме еднакви шанси, во рамките на овој закон. Ќе разговараме со оние кои според биографиите се супер квалитетен кадар, но кои не успеале да ги соберат сите потребни документи навремено, односно да излезат на крај со ригидноста на Законот. Конечно, тешко, но сигурно, наоѓаме начин и да го одврземе чворот на супер брзите унапредувањаа, доселениците од страна што стекнале високи звања преку ноќ и другите партиски болести што ги наследивме, додека способни луѓе со години биле држени на најниски рангови“, рече Димитров по реакциите на неколкумина елиминирани кандидати.

Директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров признава дека во Законот за административни службеници треба да се менуваат многу работи.

„Но најбитно и најитно мора да се изменат условите за аплицирање на кандидатите, а самата постапка за вработување треба овозможи поголема конкуренција, а со тоа и поголема објективност при вработувањето“.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за ИРЛ потврди дека се формирани работни групи кои работат на измени на Законот во делот на постапката за селекција, како и признавање на работното искуство стекнато надвор од државата. Со цел да се спречи да се примат „свои луѓе“ се размислува преку авторски договори да можат да бидат ангажирани само 1 процент од вкупниот број на вработени во институцијата, како и да се ограничи бројот на вработувања на определено време.

 

Изработката на оваа сторија е подржана од проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформа на јавната администрација од страна на граѓанските организации“ кој го спроведуваат „Фондација Отворено општество – Македонија“ и „Евротинк – Центар за европски стратегии“, а е финансиски поддржан од Европската Унија.

Содржината е единствена одговорност на авторот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Европската Унија или „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.