Токсиколошките анализи на Институтот за судска медицина потврдија присуство на водороден цијанид над граничната вредност кај дури 21 од вкупно 59 жртви во пожарот во клубот „Пулс“. Кај пет од нив се утврдени параметри што укажуваат на тешка интоксикација или смртен исход. Трагедијата однесе вкупно 63 животи.
Известува: Александар Јанев
Наодите до кои дојде ИРЛ се доставени како одговор на прашања до Основното јавно обвинителство на 24 февруари годинава, два месеца откако ИРЛ ја објави сторијата „Оган, чад или цијаниден гас – како умреле жртвите во „Пулс“.
Како што објави ИРЛ во декември лани, кај ниедна од жртвите во пожарот во Кочани, обдукциите не покажаа фатални вредности на јаглерод моноксид, а во отсуство на дополнителни токсиколошки анализи до овој момент, непознато беше кои други отровни гасови придонеле во настанувањето на смртта.
„Јаглеродниот моноксид е наведен како основна причина за смрт бидејќи тој го предизвикал најзначајниот патофизиолошки ефект врз виталните функции, заедно со високата температура, чадот и ниската концентрација на кислород и гарежот, додека присуството на алкохол, психоактивни супстанци и други токсични продукти од пожарот го потпомогнало и интензивирало неговото смртно дејство“, пишува во одговорите од Институтот за судска медицина до Основното јавно обвинителство.
Од Обвинителството велат дека овие одговори од Институтот за судска медицина се однесуваат на прашања поставени уште со првичната наредба издадена од јавните обвинители во предметот за пожарот во кочанската дискотека.
„Дадените одговори одат токму во прилог на поднесеното обвинение и истите ќе бидат презентирани од вештото лице во судската постапка, кое ќе го појасни пред Судот и влијанието на водородниот цијанид врз смртниот исход кај жртвите“, одговорија од Јавното обвинителство.
Според објаснувањето на вештаците од Институтот, тоа што кај поголемиот дел од жртвите не е утврдено присуство на цијанид, а кај останатите вредностите се ниски, овој гас не претставувал доминантен фактор за смрт, туку имал дополнителна улога.
Дополнителните токсиколошки анализи се направени откако градежните вештаци утврдија дека на таванот во „Пулс“ бил вграден полиуретански сунѓер за изолација. А кога полиуретанот гори, испушта водороден цијанид. Гас којшто е толку смртоносен што во Холокаустот бил користен за да се усмртат милиони луѓе во нацистичките гасни комори.
Вештаците од Судска медицина, повикувајќи се на стручна литература, во одговорот дообјаснуваат дека „смртен исход најчесто настанува при концентрации на карбоксихемоглобин над 50%, но во услови кога јаглерод моноксид дејствува како единствен токсичен агенс“.
Според податоците од обдукциите, нивото на карбоксихемоглобин во крвта кај жртвите се движи од најниски 4,53% до највисоки 43,72%. Кај најголем дел од нив, нивото на карбоксихемоглобин се движи меѓу 10 и 30 проценти, што медицината го смета за лесна до умерена интоксикација, но не и ненадејна смрт.
Сведоштвата на преживеаните со коишто зборувавме открија дека таа ноќ во Пулс, кратко по избувнувањето на пожарот почнал да се шири невообичаен и интензивен мирис на хемикалии. Во сведочењата тие раскажаа дека почнале да се гушат, некои се чувствувале зашеметено, а други пак не можеле воопшто да се движат. Од запалениот плафон почнале да паѓаат црни капки врз луѓето заглавени во објектот.
Во пожари како тој во Пулс, огнот не е единствената закана. Најголемата опасност се отровните гасови. Со заклучена помошна врата, прозорци затворени со лим и вентилација заѕидана со гипс-картон, дивата дискотека „Пулс“ се претворила во гасна комора исполнета со коктел од смртоносни отрови.
Токсикологот Нико Беќаровски лани во декември ни објасни дека смрт од јаглерод моноксид не настанува веднаш, туку по подолга изложеност.
„При труење со цијаниди, настанува фактички смрт на самата клетка, односно на клеточното дишење и поради тоа времето на појава на смрт е многу пократко. Доколку немало цијаниди, веројатно најголем дел од починатите би биле изнесени живи и не би починале“, рече Беќаровски за ИРЛ.
Судењето за пожарот во „Пулс“ е во фаза на изведување материјални докази. Следното рочиште за кога се очекува да сведочи и директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков за да ги појасни околностите и причините за настанувањето на смртта кај жртвите – е закажано за 4 мај.
„Пулс“ како гасна комора од чад и цијаниден гас – како навистина умреле жртвите во Кочани


















