Press "Enter" to skip to content

ИРЛ не ги прекрши етичките и професионалните стандарди во сторијата за Љубисав Иванов Ѕинго

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја отфрли жалбата на Горан Ивановски, директор на РИК Силекс, донесе одлука дека Истражувачката репортерска лабораторија Македонија не ги прекрши етичките и професионалните стандарди. Жалбата на синот на Љубисав Иванов Ѕинго беше поднесена по објавената сторија на ИРЛ со наслов: „Локален шериф Љубисав Иванов Ѕинго: Национални богатства, приватни раце“.

Локален шериф Љубисав Иванов Sинго: Национални богатства, приватни раце

Советот за етика е орган за саморегулација на медиумите и се залага за одржување и унапредување на етиката и на професионалните стандарди во медиумите. Жалбата до Советот за етика во медиумите во Македонија ја поднесе Горан Ивановски, син на Ѕинго и сопственик на Сител Телевизија, медиум кој не е член на СЕММ.

Во жалбата Ивановски наведе ИРЛ известувал непрофесионално, неетички, субјективно и тенденциозно и дека во содржината се наведени навредливи и девалвирачки фрази и бројни невистини за компанијата АД Силекс и за Љубисав Иванов Ѕинго. Тој вели дека сторијата се обидува да направи спин и лажно да претстави дека водоводот во Кратово бил приватизиран, иако, како што наведува, бил даден под концесија во согласност со сите законски прописи во државата.

Во образложение на одлуката Комисијата на СЕММ наведува дека содржината произлегува од јавниот интерес, зашто проблемите на граѓаните, во случајов, недостигот на вода за пиење на кратовчани и евентуалната злоупотреба на политичката моќ не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста треба да биде информирана.

„Авторот преку ретроспективен и хронолошки след на настани автентично се обидува да ги отслика предизвиците со кои се соочуваат граѓаните од една, и случувањата околу трансформацијата на јавниот водовод во водовод под концесија на компании во Кратово, од друга страна. Фокусот на содржината е високо позиционирана јавна и политичка личност, која самата по себе е легитимна новинарска цел. Оттука, Комисијата цени дека остриот и, на моменти остар јазик на авторот, сепак, е дозволен и не излегува од рамките на слобода на изразување. Имено, во согласност со Декларацијата за слободата на политичката дебата во медиумите, политичарите, јавните функционери и јавните институции прифатиле да бидат поставени под јавна критика за нивниот домен на работа. Новинарската слобода вклучува и искажување на гледишта до степен на претерување, дури и провокација, сѐ со цел да поттикне јавна дебата на конкретна тема. И покрај тоа што авторот можел, но не побарал став и од други засегнати страни во новинарскиот производ, Комисијата изгради став дека новинарот, сепак, објавил доволно релевантни податоци и согледал повеќе значајни аспекти на темата, со кои обезбедил објективна информација. Во текстот се употребени повеќе извори. Авторот веста ја базира на документи и ставови на анонимни граѓани, користи архивски изјави и материјали, обезбедил став од Општина Кратово, ја контактирал Антикорупциската комисија, а побарал одговори и од надлежно Обвинителство и од надлежни министерства и институции“, пишува во одлуката на Комисијата.

Во образложението пишува дека се работи за обемна анализа, во која, меѓу другото, се изнесени и мислења, коментари и вредносни судови на самиот автор, што е дозволено во новинарската професија ако се оформени врз основа на веќе апсолвирани факти или информации. Вредносните судови кон политичарите изнесени во медиумите спаѓаат во слобода на говор и нападот врз таквиот вредносен суд може да се смета за форма на притисок и ограничување на слободата на говор, особено ако медиумот
не задира во приватниот живот на политичарите и не користи навредлив и непримерен јазик.

При своето одлучување, Комисијата за жалби ги зела предвид и:

Член 3 од Декларацијата за слобода на политичката расправа во медиумите (Комитет на министрите на 872 состанок од 12.12.2014), каде се вели дека:

„Одлучувајќи да апелираат на довербата на јавноста, политичките личности прифатиле да бидат предмет на јавна политичка расправа, па со тоа подлежат на постојан јавен надзор и потенцијално жестока и силна јавна критика преку медиумите во однос на начинот на кој ја извршувале или ја извршуваат својата функција“.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот Lingens Vs Austria 1986.

„Границите на прифатлива критика се пошироки во однос на политичарите како такви, отколку во однос на приватните лица. За разлика од приватните лица, политичарите неизбежно и свесно се изложуваат на остро испитување на секој нивни збор и дело, како од страна на новинарите, така и од страна на пошироката јавност и, според тоа, мора да покажат поголем степен на толеранција.”

Пресудата на ЕСЧП во случајот Dichand and oth. Vs Austria 2002, според која, Судот прифати дека дури и многу остри зборови не ја поместуваат критиката надвор од границите на заштитата од член 10. Така, Судот го смета следново:

“Член 10 ја штити не само суштината на идеите и на информациите што се искажани туку и формата во која тие се пренесени. Слободата на новинарите, исто така, вклучува и можно движење до степен на претерување, па дури и провокација.”

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »