Press "Enter" to skip to content

Жители на Пржино со жив штит и полициско присуство ја бранеа улицата од инвеститорски багер

Жителите на улицата „Пржино“ денеска ги спречија инвеститорите да почнат да го расчистуваат теренот за изградба на четири четирикатници до нивните куќи. ИРЛ го следеше апсурдното урбанистичко решение за малата пржинска улица. Преку неа ги илустриравме контроверзните законски и општински одлуки носени со партиски консензус во Советите, а со кои што од општината Кисела Вода се направи најконроверзната урбанизација на оваа скопска населба.

Градежно – полициска офанзива

Утрово околу 10 часот низ тесната и слепа уличка во населбата Пржино се обиде да влезе багер, но неможеше да се пробие до локацијата на која треба да се градат четири четирикатници. Инвеститорите повикаа полиција која засилена со два пајаци пристигна да асистира да се расчисти теренот и да се отстранат паркираните возила. Со закани со казни ги принудија околните соседи да ги тргнат автомобилите и механизацијата успеа да стигне до средината на улицата. Багерот го запреа жителите кои со жив штит не дозволуваа пристап до локацијата наменета за градба.

Архивско видео на ИРЛ за сторијата “Пржино: Нова жртва на урбаните атентатори”. Ова кратко видео ќе ви помогне подобро ќе разберете каков е проблемот на жителите на улицата со инвеститорот.

Жителите не дозволуваат влез од нивната улица до парцелата, бидејќи според градежната дозвола пристапот е од друга улица „Кара Трифун“. Таму е поставена и таблата на која пишува дека одобрението за градба е правосилно од 16 септември, а инвеститори се фирмата „Топ метал“ и Љупчо Продановски.

Таблата поставена на улицата „Кара Трифун“

Неколку часа жителите стоеја пред багерот, а на терен излезе и градежен инспектор од општината Кисела Вода. Тој му изрекол забрана на инвеститорот за градежни работи за денешниов ден, по што и механизацијата и полицијата заминаа од улицата „Пржино“.

„Неизвесноста продолжува. Не знаеме што ќе се случи утре. Дали повторно ќе се обиде градежната механизација да помине низ нашата улица, каква одлука ќе донесе градежниот инспекторат“, вели Дино Чупески, жител на улицата „Пржино“. 

Пред два месеца ИРЛ објави сторија за начинот како инвеститорите добиле дозвола за изградба на четири згради, а кои во Деталниот урбанистички план се водат како станбени куќи. Објектите ќе имаат вкупно шеснаесет станови и ќе бидат сместени помеѓу две слепи и тесни улички.

„Ние ќе бидеме блокирани и оневозможени да функционираме нормално затоа што и сега не може да се разминат два автомобила. Камионот на „Комунална хигиена“ скоро секогаш има проблем да помине, ги удира терасите на соседите и не може да стигне до крајот на улицата. А, тек допрва што ќе биде со новите шеснаесет станари. Ни брза помош, ниту пожарна нема да може да пристапи.“, алармира жителите во сторијата на ИРЛ објавена во септември.

Претходно на локацијата со години имало само една стара куќа и една градежна парцела. Но, непосредно пред донесување на ДУП-от во мај 2016 година, сопственикот ја поделил на четири дела и наместо една маркица за градба добил четири за изградба на станбени куќи со висина од 10 метри или приземје, два ката и поткровје.

Сопственик на парцелата на која се планира градбата е Љупчо Продановски, сопруг на Мери Проја Продановска – раководител на инспекциски надзор во Државниот пазарен инспекторат. Тој за ИРЛ изјави дека со неговата сопруга не живеат заедно веќе 15 години и нејзината партиска припадност немала никаква улога при носењето на ДУП-от за Пржино.

Продановски процедурата за изградба на четирите објекти ја почнал во 2017 година кога склучил договор за заедничка градба со фирмата „Топ метал“. Жителите на улицата „Пржино“ два пати ја оспорија градежната дозвола со жалба до второстепената Комисија при Министерството за транспорт, но битката со институциите ја изгубија летово. Инвеститорот на 16 септември доби правосилно решение да гради. Денешниот обид за почеток на градбата беше неусепешен.

ДУП-от донесен едногласно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Во 2016 година општината ја водеше градоначалничката Билјана Беличанец, а мнозинство во Советот имаше ВМРО-ДПМНЕ. Во тој период советник во општината од СДСМ беше и Мери Проја Продановска, сопруга на инвеститорот од нашата приказна Љупчо Продановски.

ИРЛ согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер побара општината Кисела Вода да ни го достави записникот од седницата одржана на 31 мај 2016 година кога е донесен ДУП-от за Пржино. Кога на ред дошла точката на која се одлучувало за иднината на десетици илјади жители од оваа скопска општина ниту еден од советниците не се јавил за збор. Деталниот урбанистички план бил донесен едногласно. Гласале и советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советниците на СДСМ.

Записник од седницата на Советот на општина Кисела Вода одржана на 31 мај 2016 година

Поврзана сторија

Бетонизација на Пржино: Итриот инвеститор, кутриот градоначалник

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »