Press "Enter" to skip to content

ШВАЈЦАРСКИ ТАЈНИ

„Швајцарски тајни“ е меѓународна истрага за една од најбогатите и најважните банки во светот. Повеќе од 163 новинари од 48 медиуми во 39 земји ширум светот со месеци ги анализираа информациите за банкарските сметки протечени од „Кредит Свис“, вториот по големина кредитор во Швајцарија. 

Протекувањето опфати повеќе од 18 000 сметки на кои се чуваат преку 100 милијарди американски долари. Тоа за новинарите е единственото познато истекување податоци за клиенти на една голема швајцарска банка. Швајцарија е светски најпознатата дестинација за чување пари поради нејзините закони за банкарска тајна. Нема ништо директно лошо во тоа да имате сметка во швајцарска банка. Но, банките треба да избегнуваат клиенти што заработувале пари на незаконски начин или биле вмешани во криминал, а новинарите идентификувале десетици корумпирани владини службеници, криминалци и наводни прекршувачи на човековите права меѓу сопствениците на сметките на „Кредит Свис“. 

Важно е да се истакне дека не е криминал да се поседуваат сметки и сите новинари што работеа на овој проект се водеа од оваа позиција. Во одговорното новинарство не постои оправдување за објавување приватни банкарски сметки доколку не е утврден јавниот интерес. Податоците од Македонија откриваат видни јавни личности кои се дел од најбогатите 0,1 процент во државата, но и странски инвеститор, кои при отворањето на овие сметки прекршиле еден или повеќе закони. Тоа се транзициските бизнисмени Минчо Јорданов и Благој Механџиски и шведскиот инвеститор од коцкарската индустрија Ларс Клинг. 

Што ја прави значајна оваа база на податоци 

Првата меѓународна истрага на која работеа и новинарите кои денес се дел од Истражувачката репортерска лабораторија беше историски најголемата медиумска меѓународна соработка – проектот „Панама пејперс“ или Панамските документи. Овие податоци им помогнаа на граѓаните по првпат да разберат како работи „моторот“ на нелегалните текови на пари во државите во кои е легално тајно да поседувате фирма. Но, протечените документи од проектот „Швајцарски тајни“ одат многу подалеку и откриваат подмолен дизајн на еден паралелен систем кој се крои во адвокатските друштва и финансиските институции во државите во кои е легално тајно да складирате пари, да ги одржува легалните слабости на правните системи на државите низ светот со една цел – богатите да ги направи по богати, а сиромашните посиромашни. 

По „Панама пејперс“, на швајцарските банки не им оди најдобро. Се отвораат илјадници истраги ширум светот. Паралелно, расте граѓанската свест за социјалните неправди и брзорастечката нееднаквост. Како никогаш претходно, сè повеќе граѓани се охрабруваат и тајно им предаваат документи на новинари со цел да ја разоткријат криминалната индустрија за тајниот офшор и банкарски систем. Сè поголемата свест за последиците од неправедната криминална индустрија е глобално видлива и во изминатите десет години сведочиме како расте притисокот врз владите да се криминализира дејствувањето на оваа моќна индустрија. 

Зошто „Швајцарските тајни“ се важни за Македонија 

Во минатите десет години многубројни новинарски истражувања открија како државни службеници, избрани и именувани функционери и лица од нивните блиски кругови ги користеле услугите на глобалната криминална индустрија. Во последната деценија многубројни преземања на компании, јавни-приватни партнерства и отуѓувања на државна земја се правеа преку фирми регистрирани во државите кои се даночни прибежишта, како Белизе, Панама, Британските Девствени Острови и офшор-економските зони во Швајцарија, САД, Британија и Обединетите Арапски Емирати. 

Иако базата на податоци за Македонија е оскудна споредена со онаа за Венецуела, Либија, САД и други, сепак, проектот „Швајцарски тајни“ по првпат ни открива информации за борбата помеѓу олигархијата и транзициската демократијата во малата, но геополитички комплицирана Македонија. 

Најважно, базата на податоци ни овозможува да погледнеме во врските помеѓу дел од водечките бизнисмени во земјава и процесот на трансформација на општествениот капитал во приватен. Процес кој неоспорно остави колективни трауми и можеме преку индивидуални примери да покажеме како неуспехот на општеството да ги победи транзициските бизнисмени ја предодреди мачната судбина на најмалку три генерации македонски граѓани. Капиталот што го стекнаа овие лица во првите две декади од основањето на независна Македонија им овозможи сериозно и штетно влијание врз политичките и економските процеси во земјата. Финансиската моќ и врските со политичките партии им овозможија континуирано да заработуваат од државни зделки и државен имот, а притоа да останат надвор од „радарот“ на институциите задолжени за борба со корупцијата и криминалот. 

Клучни наоди 

  • Минчо Јорданов ги управувал или ги поседувал сметките во Швајцарија од позиција на избран и именуван функционер, но не ги пријавил во својот задолжителен анкетен лист што се доставува во Антикорупциската комисија, со што го прекршил Законот за спречување на корупцијата. За време на мандатот во 2005 и 2006 година, како вицепремиер во владата на Владо Бучковски, тој отворил уште две сметки во „Кредит Свис“, кои исто така не ги пријавил пред надлежните институции. 
  • Благој Механџиски не ги пријавил сметките пред надлежните институции, а немал ниту начин бидејќи не ги исполнувал условите за поседување сметка во странство. Со ова, Механџиски повредил повеќе закони, меѓу кои и Законот за девизно работење и Законот за даночна постапка. 
  • Дел од сметките во „Кредит Свис“ на Швеѓанецот Ларс Клинг, кој го управува казиното „Аполонија“ во Гевгелија, се идентични со сметките што биле дел од повеќе истраги на македонските институции, меѓу кои и истраги за перење пари и даночно затајување. Во моментов тече судски процес против вработени во казиното „Аполонија“ за перење пари и злоупотреба на службената должност. Дел од доказната постапка се сметки идентични со оние што новинарскиот конзорциум ги пронајде во базата на податоци.
  • Сите тројца оперирале со овие сметки во време на транзицијата кога невработеноста во државата е највисока, а буџетот има проблеми да ги сервисира услугите кон граѓаните поради неможноста да се собираат доволно даноци. 
  • Дел од клучните институции надлежни за следење на сметките на македонски државјани во странство немаат средства за да ги вршат своите основни функции. На пример, Државниот девизен инспекторат има само еден инспектор, односно му недостигаат повеќе од 95 проценти од персоналот за да ги врши своите надлежности. 
  • Другите институции, како обвинителствата, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и други никогаш не испратиле барање до УЈП за проверка на имот на избрани и именувани функционери. Од приватните физички лица, УЈП остварува незначајна годишна контрола поради недостиг на ресурси. 

ГОЛЕМАТА СЛИКА

Најчесто поставувани прашања: Што треба да знаете за податоците од Кредит Свис

„Швајцарски тајни“ е проект, односно меѓународно истражување за една од најбогатите и структурно најважните банки во светот – Кредит Свис од Цирих.

Што треба да знаете за швајцарскиот банкарски систем

Со векови наназад откривањето информации за клиентите на банките во Швајцарија е граѓански прекршок.

СТОРИИ

Швајцарскиот сеф на железниот олигарх

Минчо Јорданов го темели својот успех на остатоците од општествените претпријатија и на контроверзни државно спонзорирани зделки. Но, додека ја градел бизнис-империјата, истовремено чувал милиони на непријавени сметки во Швајцарија.

Раѓањето на империјата „Зегин“

Благој Механџиски во јавноста е познат како сопственикот на првиот приватен и најпрофитабилен синџир аптеки во оваа држава. Себеси се нарекува човек од народот. За него и за брендот „Зегин“ во медиумите најчесто ќе прочитате само добри работи. Но, протечените податоци од швајцарската „Кредит Свис“ ќе нè доведат до првите траги на парите што се употребени за градењето на еден од водечките национални брендови – империјата „Зегин“. 

Шведската инвестиција која го изневери македонскиот народ

Швајцарските тајни од базата на податоци на „Кредит Свис“ ќе откријат матни операции на крупни имиња од светската индустрија на обложување кои се одвивале во Македонија повеќе од две децении. Репортерите на ИРЛ и СТВ откриваат дека сметки во „Кредит Свис“ биле користени да се скрие данок од македонските даночни обврзници.

документарен филм

проектен тим

Новинари: Сашка Цветковска, Давид Илиески, Маја Јовановска, Александра Денковска Гоцевска, Ивана Настеска, Бојан Стојановски, Горан Теменугов, Дајана Лазаревска, Лила Караташева, Јана Чолаковска 

Веб дизајн и визуелизација: Елена Митревска-Цуцковска
Графички дизаjн: Лука Блажев
 
Комуникации: Деница Чадиковска
 
Партнери: OCCRP, Süddeutsche Zeitung, SVT
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »