Како одговор на написите објавени од голем број медиуми, „Кредит Свис“ ја објави следнава изјава:
„’Кредит Свис’ остро ги демантира инсинуациите за наводните лоши деловни практики на банката. Објавените податоци се стари, а некои од нив датираат дури од 1940-тите години. Написите за тие сметки се засноваат врз нецелосни, неточни и селективно избрани податоци кои се извадени од контекст што, пак, води до тенденциозни толкувања на деловното однесување на банката. Иако согласно законот ‘Кредит Свис’ не може да коментира за потенцијални клиенти, можеме да потврдиме дека се преземени чекори кои ја усогласуваат нашата политика со регулаторните барања и овие проблеми се веќе решени.
По добивање многубројни прашања од страна на медиумите во последните три недели, ‘Кредит Свис’ прегледа голем број сметки кои би можеле да се поврзани со горенаведените обвинувања. Денес приближно 90 отсто од прегледаните сметки се затворени или беа во процес на затворање пред да ги добиеме прашањата. Од нив над 60 отсто биле затворени пред 2015 година. Можеме со сигурност да кажеме дека преостанатите активни сметки биле подложни на соодветна анализа, инспекции и други слични безбедносни мерки. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата, а доколку е потребно и ќе покренеме соодветни мерки.
‘Кредит Свис’ напоменува дека медиумите се повикуваат на голем број надворешни извори, некои од нив веќе познати, но и на наводно протекување доверливи документи. Ова последно тврдење го сфаќаме многу сериозно и ќе започнеме внатрешна истрага со помош на надворешни експерти. Имаме стабилен систем за заштита на податоци и за контрола на протекување на доверливи документи со цел да ги заштитиме нашите клиенти.
Како водечка глобална финансиска институција, ‘Кредит Свис’ е свесна за својата одговорност, не само кон своите клиенти туку и кон поголемиот финансиски систем, со цел да се осигури дека се почитуваат највисоките стандарди на однесување. Се чини дека овие медиумски обвинувања се заеднички напор да се дискредитира не само банката туку и целиот швајцарски финансиски пазар кој претрпе значителни промени во последните неколку години. Согласно реформите на финансискиот пазар во Швајцарија, ‘Кредит Свис’ презеде повеќе значајни мерки во текот на последната деценија, вклучувајќи значителни дополнителни инвестиции во борбата против финансискиот криминал. ‘Кредит Свис’ продолжува да ги зајакнува своите мерки за усогласеност и контрола и, како што веќе кажавме, нашиот приоритет е управување со ризикот на нашиот бизнис.“