Press "Enter" to skip to content

Став на нобеловецот Џозеф Стиглиц

„Се чини дека земјите кои најмногу страдаат од банкарската таинственост се земјите во развој. Истражувањето ‘Швајцарски тајни’ го потврдува она што експертите долго време го зборуваа: Швајцарија се согласи на автоматска размена на податоци со други развиени земји, но не и со сиромашните земји, а особено со оние кои би можеле да бидат дом на овие нелегални активности како што се клептократијата и корупцијата и можат да продолжат да цветаат и да растат.“ 

„Со истражувањето ‘Швајцарски тајни’ можеме да забележиме два алармантни факти. Меѓународниот новинарски тим имаше увид во само мал дел од банкарските документи. Ако во толку мал дел има толку многу проблематични клиенти како диктатори и нивните семејства, воени злосторници, разузнавачи, корумпирани менаџери, трговци со луѓе, познати политичари, богати бизнисмени и прекршувачи на човекови права, тогаш што ли ќе видевме ако прозорецот беше поголем?“

„Жално, но не и изненадувачки е што ниеден швајцарски медиум не можеше да се приклучи кон ова меѓународно новинарско истражување поради потенцијалните тешки правни последици што би следувале доколку објават податоци што ја прекршуваат банкарската тајна. Но, треба да им се оддаде пофалба и на новинарите од другите земји кои се изложија на ризик и можно гонење од страна на швајцарските власти. Швајцарија сигурно ја разбира моќта на своето законодавство. Целта е несомнено да се зачуваат овие бизнис-модели што е можно подолго со цел да се обезбеди безбеден и таен склад, а за возврат да се земе мал дел од тие незаконски стекнати придобивки.“

„Кредит Свис“ е најновото бомбастично истражување објавено од голем број меѓународни медиуми, кое ја продолжува значајната работа од „Панама“ и „Пандора документите“. Тоа е всушност едно продолжување на истата приказна преку која новинарите ни го прикажуваат тајното работење на финансискиот сектор, мрежата на корупција и подли активности, која вклучува сомнителни лица и блиски роднини на диктатори со навидум угледни политичари од светските демократии. 

Но, овој пат не се работи за некој мал, далечен остров или, пак, некоја земја во развој која се труди да пронајде алтернатива за бизнисот со дрога. Се работи за позната банка во центарот на Европа, во една од најбогатите земји во светот. Тоа е земја каде што се мисли дека преовладува владеењето на правото. Уште поразочарувачки е тоа што истата таа банка неодамна вети дека ќе биде потранспарентна, иако долго време свесно овозможуваше даночна евазија и затајување. Тоа е всушност и поентата: без транспарентност не може да се сноси одговорност. 

Швајцарија има една дволична политика чиј правен систем ги казнува тие што ќе пробаат да ја пробијат нејзината таинственост. Земји во светот имаат закони што ги заштитуваат „свиркачите“, а воедно и афирмираат колку е тешко да се обелодени ваквото однесување. На пример, откритијата за злоделата во „Фејсбук“ на Френсис Хејген веројатно не би биле можни без силните американски закони за „свиркачи“. Но, се чини како Швајцарија, една од најстарите демократии во светот, да ја удвои својата заложба за тајност со закани до новинарите и другите што имаат пристап до документите кои прикажуваат што точно се случува во сенките на нејзиниот финансиски сектор. 

Охрабрувачки е да се види дека новинарите навистина веруваат во својата работа и се борат за правото на знаење на тие што не се свесни што сѐ се крие во Швајцарија. Политичарите од развиените земји сакаат да ја осудуваат корупцијата во странство. Но, токму вакви земји како Швајцарија се тие што ја овозможуваат оваа корупција со обезбедување безбедно засолниште кое потоа им носи константен прилив на средства. Да бидеме јасни: не се работи само за Швајцарија. Таа со право се жали на фактот дека ако се искоренат овие активности во Швајцарија тогаш ќе се појават на некое друго место како Мајами, Лондон и слични центри за перење пари. Има нешто морално одвратно кај оние во САД, Велика Британија или Швајцарија, кои живеат од пленот украден од многу посиромашните. А, пак, оние земји како Швајцарија кои имаат правен кодекс, кој му овозможува на ваквиот систем да цвета, треба да бидат особено засрамени.

Колку приказни, колку истражувања, колку откритија се потребни за Швајцарија, САД, Велика Британија и други земји да ги променат своите закони на банкарска тајност и недвижности кои го олеснуваат перењето пари, а воедно и ги промовираат криминалот и корупцијата? Додека овие документи покажаа дека Швајцарија има корист од протокот на пари од сиромашните земји, треба да се напомене дека самиот систем корумпира. Валканите пари го расипуваат сето она со кое ќе стапат во контакт. Ова најјасно го видовме во САД каде што главниот командант (претседателот) беше и главниот перач на пари, со што самата демократија се доведе до опасност. 

Се надеваме дека истражувањето „Швајцарски тајни“, како големо достигнување на чесното новинарство, ќе ги засрами оние што се спротивставија на создавањето потранспарентен финансиски и економски систем.

Џозеф Стиглиц е Американски економист и аналитичар за јавни политики. Професор е на Универзитетот Колумбија и добитник на Нобелова награда за економија.