Press "Enter" to skip to content

Шведска инвестиција, македонска пералница: Како „Кредит Свис“ го спаси од даноци казиното „Аполонија“

Швајцарските тајни од базата на податоци на „Кредит Свис“ ќе откријат матни операции на крупни имиња од светската индустрија на обложување кои се одвивале во Македонија повеќе од две децении. Репортерите на ИРЛ и СТВ откриваат дека сметки во „Кредит Свис“ биле користени да се скрие данок од македонските даночни обврзници, а некои од нив се дел и од актуелно судење за перење пари во гевгелиското казино „Аполонија“. Македонските институции, меѓу кои и Управата за јавни приходи, повеќе од 15 години неуспешно се обидуваат да ги наплатат даноците што шведската инвестиција ги избегнала со помош на мрежа од офшор-фирми и швајцарскиот банкарски систем 

Известуваат: Давид Илиески (ИРЛ), Александра Денковска (ИРЛ), Јоаким Дуфвермарк (СТВ), Арис Велизелос (СТВ)

Раните 90-ти години на минатиот век не се лесни за жителите на една од десетте најпросперитетни држави во светот. Шведска доживува економска криза каква што не видела дотогаш: ќе крахираат банките, а државата ќе се соочи со стапка на невработеност каква што немала од 30-тите години. 

Во Европа, падот на железната завеса се слави со ентузијазам, но економските ефекти од долгата Студена војна се катастрофални по посткомунистичките општества. 

Ерата на интеграции и странски инвестиции во регионите во трансформација е далеку од стартот, но групацијата „Чери“ од Шведска веќе ги има преселено своите операции токму во Источна Европа. Причините за ова се во големата шведска реформа која ќе ги забрани слот-машините и, генерално, драматично ќе ги заостри законите за коцкарската индустрија. 

Еден од нејзините основачи, Ларс Клинг, во 1991 година ќе пристигне на Балканскиот Полуостров. Атмосферата е зовриена, а почетокот на постјугословенските војни веќе јасно се гледа. Македонија се мачи да го најде својот пат кон независноста без крвопролевање. Нема ниту устав ниту монетарна политика. Во таква неизвесност, со недостиг на храна и енергија, сечија инвестиција е повеќе од добредојдена. 

Мистериозен опстанок во негатива 

Шведскиот капитал од седум милиони евра ќе биде најавен од страна на премиерот Никола Кљусев, како поттик на економскиот мотор во Македонија. Во центарот на Гевгелија, во друштво на висока државна делегација, Ларс Клинг ќе го отвори казиното „Аполонија“ – првата странска инвестиција во земјава. 

На хартија, оваа инвестиција никогаш нема да му се исплати на Ларс Клинг. „Аполонија“ со години бележи финансиски загуби, но прашањата околу исплатливоста на инвестицијата се чини дека не го мачат и Ларс Клинг. Тој до денес живее на релација Гевгелија-Солун-Монако, а казиното „Аполонија“ ги чува своите врати отворени за расположените грчки гости. 

„Не е за пофалба што првата странска инвестиција во државата е казино“, вели финансискиот експерт Павле Гацов додека новинарите на ИРЛ и СТВ го запознаваат со спецификите на случајот пред интервјуто. Гацов е експерт во областите перење пари, даноци и финансиско известување уште од 89-та година. Бил советник на неколку министри во неколку влади, а денес е претседател на Здружение на даночни советници на Македонија. 

Гацов вели дека е жалосно што некои од првите странски инвестиции во Македонија не доаѓаат во сектори кои може да значат развој туку во бизнисот со казина.

„Ниту сме очекувале, ниту сме можеле, ниту, пак, ќе сме биле некоја сериозна конкуренција во казината, да кажам, ако некој вложил во казино, дека ние не знам каков напредок ќе имаме. Очигледно мотивите се индивидуални, на мала група луѓе, со некакви амбиции, да не кажам, лукративни или можеби насочени на некој друг начин“, вели Гацов. 

Податоците од протечената база од „Кредит Свис“, кои германскиот весник „Зидојче цајтунг“ ќе ги сподели со ИРЛ, СТВ и партнерите, ќе фрлат ново светло врз нелогичните финансиски операции на казиното „Аполонија“. 

Тајните сметки на Ларс Клинг во швајцарската банка „Кредит Свис“ ќе добијат смисла кога трагите на парите ќе нè доведат до судење за организиран криминал и перење пари – процес што трае повеќе од 15 години.

Нелогични загуби

„Триесет и шест години Аполонија“ е првиот билборд пред влезот во Гевгелија, кој недвосмислено ви навестува дека влегувате во балканската „казино-престолнина“. Градот во просек го посетуваат 550 000 грчки туристи, кои годишно трошат по 60 милиони евра – само во казината. 

Казиното „Аполонија“ е сместено во хотелот „Југо“, кој, пак, бил изграден уште во 1982 година. Во архитектонското решение за хотелот била предвидена просторија за игри на среќа, но никогаш не била отворена сè до доаѓањето на шведската инвестиција. 

Долгогодишниот гевгелиски новинар Илија Манолов инвестицијата ја опишува како „период на ренесанса за градот“ бидејќи дотогаш тоа било земјоделски крај.

„Тоа беше македонско-шведски капитал, затоа името му беше ‘Југосвен’. Не беше само казино туку цел комплекс, со хотел и ресторан. Вработија многу луѓе“, вели тој.

По отворањето на казиното, раскажува Манолов, се зголемила фреквенцијата на луѓе во градот, особено на луѓе од соседна Грција кои доаѓале да играат во казиното, а со тоа се развивале и други бизниси. Но, по само неколку години, се покажува дека не било сè така розово.

„Аполонија“ е единствено казино во градот Гевгелија. Другите објекти од оваа индустрија се по должина на автопатот во близина на македонско-грчката граница. Сепак, бизнисот, кој речиси 30 години го води еден од шведските мастер умови за коцкање, работи со постојани загуби и се чини дека тоа никому не му пречи. 

Според анализата што ИРЛ ја направи на годишните финансиски извештаи на компаниите кои ја имале лиценцата за казиното „Аполонија“ – „Југосвен турист и Корнелија“, „Корона интернационал“ и „Фортуна интернационал“ – трите компании во целост имале повеќе загуби отколку добивки. 

Загуби и добивки
Иако фирмата е отворена во 1991 година, податоците за „Југосвен турист и Корнелија ДОО“ се од 2000 година бидејќи фирмите порано беа под Завод за платен промет и тие податоци се недостапни во Централниот регистар на РСМ. Извор: Централен регистар

„Југосвен турист и Корнелија“, или првата компанија со која се отвора казиното „Аполонија“, е основана во 1990 година. Оваа компанија ја имала лиценцата за казиното до август 2007 година. 

Во период од 2000 година, кога е поднесен и првиот финансиски извештај во Централниот регистар, до 2022 година, пријавила вкупно 1 952 157 евра добивка и 10 443 784 евра загуба. Ова значи дека компанијата во дводеценискиот период на текот на целото своето работење имала повеќе од осум милиони евра нето-загуба. 

Она што е впечатливо е дека во клучните години што се опфатени во судскиот случај против „Аполонија“, од 2004 до 2007 година, компанијата пријавила дека немала никаква добивка. 

„Многу е симптоматично да отворите бизнис и постојано да ви прави загуби. Здравата економска логика кажува дека во многу краток рок треба да реагирате. Во контекст дека или треба да го затворите бизнисот или да реагирате со создавање услови да се вратите во оној профитабилниот дел од бизнисот, значи да остварувате профит. Постојаното остварување загуби покажува некои други индиции што контролата треба да ги утврди“, вели Гацов за ИРЛ.

Првиот аларм 

Во 2003 година Ларс Клинг и финансискиот директор на казиното, српскиот државјанин Драган Стошиќ, ќе бидат сопрени од полицијата на граничниот премин со Грција, „Богородица“. Полицијата ќе извести дека двајцата пренесувале 200 000 евра во кеш, пари кои не им ги пријавиле на властите. Не е познато која била дестинацијата на двајцата патници ниту, пак, постојат други пишани записи за овој случај. Според прегледот на архивите на весници од тој период, медиумите единствено го пренеле полициското соопштение во кое е опишано дека сопственик на казино и директор на казино биле приведени на граничниот премин.

Малкумина во тоа време знаеле дека сопственикот е соосновачот на групацијата „Чери“ и партнер на Пер Хамберг, еден од најбогатите Швеѓани и моќна личност во бизнисот со онлајн коцкање, вреден неколку милијарди долари. Неговото име ќе се појави и зад позиција директор во една од офшор-компаниите во сопственичката структура на казиното „Аполонија“, што е и предмет на судење. Но, досега прибраните податоци не се доволни да се разјасни конкретната улога на шведскиот милијардер во случајот „Аполонија“. 

Основачи на Чери групација
Основачите на Групацијата „Чери“: Бил Линдвал, Ролф Лундерсторм, Пер Хамберг и Ларс Клинг

Преку серија контроли, Управата за јавни приходи (УЈП) ќе открие дека казиното води двојно книговодство. Официјалното сметководство во годишните извештаи пријавува загуби, но тајното сметководство покажува профити и регистрира континуирани добивки. 

Во 2004 година започнува судски спор за финансиски малверзации, но ќе заврши со ослободителни пресуди за вмешаните. Причините се во контроверзната одлука на судијата кој по барање на одбраната ќе прифати прибраните документите од обвинителството, кои се запленети од тајното сметководство, да не бидат дел од судењето, а делото да се докажува единствено преку официјалното сметководство. Судот во Велес за ИРЛ го потврди случајот што се водел по настанот на границата. 

Швајцарски банки за избегнување на правдата

По речиси 14 години од првиот случај, во 2018 година започнува нов судски процес за перење пари и злоупотреба на службената должност против одговорните лица во компаниите што стојат зад казиното „Аполонија“. Обвинети се адвокати, судија, нотари, директори и други вработени во фирмите што раководат со казиното. Случајот го води обвинителката Гордана Смаќоска, а на обвинителна клупа има осуммина обвинети за перење пари и злоупотреба на службена должност. Но, не и семејството Клинг, кое било и сè уште е вистинскиот сопственик на овој бизнис преку мрежата офшор-компании во Панама и Маршалските Острови. 

Според обвинението, во периодот од 2004 до 2007 година нелегално биле изнесени повеќе од четири милиони евра од казиното „Аполонија“. Тоа се правело преку склучување фиктивни договори за консалтинг и агентура. Дел од овие пари, според Јавното обвинителство, потоа биле враќани назад како инвестиции во фирмите во Македонија преку сметки во странство. 

Во истиот период, кој е предмет на ова судење, Ларс Клинг отворил четири трансакциски сметки во швајцарската банка „Кредит Свис“ на кои биле ставени десетици милиони швајцарски франци.

Две од трансакциските сметки на Клинг во „Кредит Свис“ се отворени во 2004 година. На една од овие сметки во јуни 2007 година имало повеќе од 12 милиони швајцарски франци. На втората сметка во јули 2006 година имало повеќе од еден милион. 

Сметки на Ларс Клинг во Кредит Свис

Прегледувајќи ги документите во Централниот регистар на фирмите на семејството Клинг, кое управува со казиното „Аполонија“, репортерите на ИРЛ најдоа доказ дека дел од сметките на Ларс Клинг во швајцарската банка „Кредит Свис“ биле користени за да се исперат парите извадени од казиното „Аполонија“. 

Во оној спорен период од 2004 до 2007 година капиталот на една од фирмите што стои зад „Аполонија“, „Корона интернационал“, е зголемен за осумпати. Во компанијата биле ставени 2,7 милиони евра преку сметки во швајцарската банка „Кредит Свис“. Фирмата за секоја уплата од странство морала да достави доказ во Централниот регистар. На една од потврдите стои сметката на Клинг во швајцарската банка „Кредит Свис“ која е дел од податоците на меѓународното истражување. 

Швеѓанецот уште од самиот почеток инвестицијата во казиното „Аполонија“ ја прави преку мрежа од офшор-компании. Во тоа време тој не фигурира како сопственик или управител на компанијата, туку како еден од правните застапници на фирмата „Корнелија оверсис корпорејшн“ од Панама, која е еден основачите на компанијата што стои зад казиното. Ова на Клинг му овозможило да го избегне обвинението. 

Групацијата „Чери“, првата компанија што Клинг ја основа во Шведска, денес е центарот на комплицираната мрежа компании во светскиот бизнис со онлајн казина вреден неколку милијарди евра. Во брошурата објавена на интернет-страницата на „Чери“ пишува дека проширувањето во Источна Европа не го дава посакуваниот резултат и дека групацијата уште во 1992 година планирала да се повлече од овој регион. 

Триесет години подоцна казиното „Аполонија“ сè уште работи со загуби. 

Која била исплатливоста на Ларс Клинг, кој во Шведска важи за крал на коцкарниците, да го одржува во живот ова мало, трошно казино во центарот на Гевгелија во кое воопшто не се вложува, останува нејасно. ИРЛ се обиде да добие коментар и одговор на овие прашања од семејството Клинг. Ларс Клинг и неговите ќерки, кои во моментов се сопственици на фирмите во Македонија, не беа достапни за коментар. 

Ларс Клинг денес живее во Монако заедно со својата втора сопруга од Македонија, Билјана Алексиќ, поранешен управител во „Аполонија“ и нивните две малолетни деца. Веќе има 77 години и не е инволвиран во бизнисот во Македонија. 

Мариа и Ингела Клинг се оние кои, меѓу другото, раководат и со казиното „Аполонија“.

Новинарите на ИРЛ, заедно со партнерите од шведскиот радиодифузен сервис, го посетија домот на семејството на Мариа Клинг во Солун, Грција, како последен неуспешен обид да добијат одговори на овие прашања. 

Документарен филм:

Документи:

ЈУГОСВЕН ГЕВГЕЛИЈА ТУРИСТ И КОРНЕЛИЈА ДОО

КОРОНА ИНТЕРНАЦИОНАЛ

ФОРТУНА ИНТЕРНАЦИОНАЛ

ГОДИШНИ ФИНАНСИСКИ СМЕТКИ

ТЕКОВНА СОСТОЈБА

ОСНОВАЧКИ ВЛОГ

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.