Press "Enter" to skip to content

Што треба да знаете за швајцарскиот банкарски систем

Со векови наназад откривањето информации за клиентите на банките во Швајцарија е граѓански прекршок. Првите закони што ја регулираат банкарската тајна датираат од почетокот на 1713 година, но во 1934 година, со усвојување на Федералниот акт за банки и штедилници познат како Законот за банкарство, Швајцарија направи откривањето информации за клиентите на банките да биде федерално кривично дело. 

Концептот на швајцарската банкарска тајна потекнува од самонаметнатата политика на Швајцарија за неутралност. Овој концепт на меѓународна неутралност, кој на Швајцарија ѝ носи голем прилив на капитал, формално е воспоставен во 1815 година на Виенскиот конгрес. 

Како резултат на оваа политика, меѓународни организации како Светската трговска организација (СТО), Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународниот комитет на Црвениот крст за свое седиште ја одбраа Швајцарската Конфедерација. 

Богата, но без излез на море, Швајцарија банкарската таинственост што им ја нуди на своите клиенти ја гледа како начин да изгради империја. 

Почнувајќи од 1910-тата година, швајцарски банкари патуваат во Франција и за време на Првата светска војна ја промовираат својата банкарска таинственост. Политичката и економска нестабилност за време на војната предизвикува брз прилив на капитал во Швајцарија. Како што европските земји почнуваат да ги зголемуваат даноците со цел да ја финансираат војната, богати клиенти почнуваат да ги префрлаат своите холдинзи во швајцарски банки за да избегнат оданочување. Французите ги носат во Женева, Италијанците во Лугано, а Германците во Цирих. 

Легалната рамка за да може да се воведе банкарската тајност произлегува од швајцарскиот Устав кој на граѓаните им го гарантира правото на приватност на семејниот живот кој ги вклучува и информациите поврзани за приходот и за имотот.

Тајноста во швајцарските банки ги опфаќа и физичките лица и компаниите. Доколку некој клиент е оштетен, тој може и приватно да ја тужи банката за отштета. 

Намерно или ненамерно прекршување на банкарската тајна е строго забрането. Само клиентот може да ја овласти банката да открива информации за неговите сметки. Не е дозволено ниту да откријат дали одредено лице поседува банкарска сметка.

Исклучок може да се направи само доколку постои сомнеж за недозволена трговија, илегални активности или инсајдерска трговија или, пак, кога швајцарски суд ќе добие барање од странски суд за проверка на банкарска сметка на одредено лице. Но, во пракса исклучително е тешко да се заобиколи банкарската тајна бидејќи, пред сѐ, треба да се докаже пред судот дека таква сметка воопшто постои. Банкарската тајна е ограничена од специфични одредби наложени во швајцарскиот граѓански законик, како и во неколку одредби од јавното право. Банкарската тајна може да се укине доколку одредена банка или компанија банкротира. 

Прекршување на банкарската тајна автоматски се регулира во член 47 на Законот за банкарство од 1934 кој вели дека тој што ќе ја прекрши банкарската тајна може да се соочи со максимум пет години затвор и парична казна од 250 000 швајцарски франци (215 000 евра или околу 250 000 долари). 

Бредли Биркенфелд, кој откри информации за клиенти на швајцарската банкарска групацијата УБС, се смета за криминалец во Швајцарија и е осуден на 40 месеци затвор. 

Од 1934 година досега, освен Биркенфелд, швајцарските закони за доверливост биле прекршени од уште три лица. Кристоф Меили (1997), Рудолф Елмер (2011) и Ерве Фалчиани (2014). Во сите четири случаи на „свиркачите“ им биле доставени федерални налози за апсење и парични казни од Швајцарија. 

Намерното прекршување одредени одредби се казнува со парична казна која може да биде најмногу 10 000 швајцарски франци. 

По ова, затворската казна за прекршување на банкарската тајна се зголемува од шест месеци на пет години. 

Во март 2018 година швајцарското Министерство за правда објави дека откривањето податоци на клиент за време на судски процес, во кој е вклучена швајцарска банка, може да стане предмет на федерални обвиненија за шпионажа и изнуда, покрај обвиненијата поврзани со законите за банкарска тајна.

Законодавството на финансискиот пазар што ги регулира банките произлегува од еден федерален акт, четири закони на Федералниот совет и еден ФИНMA (Швајцарска управа за надзор на финансискиот пазар) закон: 

Член 47 од швајцарскиот Федерален закон за банки и штедилници (изменет во 2016) (Закон за банкарство): „На секое лице што е вклучено во банкарскиот сектор му е строго забрането да открива податоци за клиентите.“ Според Законот за банкарство, само клиентот може да ја овласти банката да открие податоци за својата сметка. Намерно или ненамерно прекршување на банкарската тајна е строго забрането во Швајцарија. Тој што ќе го прекрши законот може да плати казна во висина до 250 000 швајцарски франци. Ако непријатноста е предизвикана од невнимание, максималната казна е 30 000 швајцарски франци. 

Член 69: Законот за финансиски институции наложува дека притвор до три години и парична казна не повисока од 250 000 швајцарски франци ќе се изрече за секое лице што намерно ќе открие тајна која му е доверена во својство на директор, службеник, менаџер, застапник или ликвидатор на финансиска институција.

Член 398 на швајцарскиот Облигационен кодекс: „Застапникот е одговорен пред налогодавачот за вредно и верно извршување на работата што му е доверена“. Ова ја обврзува банката да ги чува доверливите податоците на своите клиенти.

Федералниот акт за заштита на податоците (19 јуни, 1992 година, ФАДП) и Правилникот за Федералниот акт за заштита на податоците (145 јуни 1993 година).

Член 43: Швајцарскиот Федерален закон за берзи и тргување со хартии од вредност им наметнува обврска за тајност на поединци и ентитети кои ракуваат со податоците добиени од берзите или тргување со хартии од вредност.

Член 147: Швајцарскиот Федерален закон за финансиски пазарни инфраструктури и пазарно однесување во тргувањето со хартии од вредност и деривати ги обврзува директорите, службениците, вработените, агентите или ликвидаторите на инфраструктурата на финансискиот пазар да не откриваат доверливи информации.

Член 148: Швајцарскиот Федерален закон за шеми на колективни инвестиции им наметнува обврски за тајност на членовите на извршното или раководното тело, вработените, агентите или ликвидаторите на друштвата за управување со фондови.