Press "Enter" to skip to content

Направи сам и прогласи се за победник: Вистинските луѓе позади анкетите од партиските фиоки

ИРЛ открива како цели фамилии на членови на ВМРО ДПМНЕ создаваат лажни рејтинзи во лажни институти. Американските пријатели на Виктор Орбан мерат изборен рејтинг во корист на Мицковски. Брима Галуп не е Галуп, а познати агенции играат за партиите наместо за довербата на граѓаните. Медиумите ги кршат законите за објавување на рејтинзи, но поради пропуст во Изборниот законик, ДИК нема механизам да казнува.

Пишуваат:Маја Јовановска и Сашка Цветковска
Дополнително известување: Дајана Лазаревска, Лила Караташева и Давид Илиески
Илустрација: Лука Блажев

Аудио снимките од прислушувани разговори и партиските и навивачки анкети во непримерни коалиции со медиумите станаа белег на една поинаква валкана кампања на големите партии на претстојните парламентарни избори кои што ќе се одржат следната среда (15 јули). Исто како и снимките, тајно подготвуваните анкети од скриени нарачатели, анонимни изведувачи, па дури и пристрасни реномирани анкетари, се водечко средство во новата информациска војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и нивните коалициони партнери.

Денеска секој може да нарача анкета и да се прогласи за победник. Не мора да каже ниту да докаже каква методологија користел, ниту кој е нарачателот, па дури ни кога е правена истата. Иако Изборниот законик ги обврзува и оние кои ги прават анкетите и оние кои ги пренесуваат (медиумите) да ги објават сите податоци кои се клучни за да се разберат намерите и потеклото на анкетите и нарачателите. Презентација според сите правила на овие избори единтвено видовме во анкетата на М-Проспект и телевизијата Телма.

Од почетокот на кампањата, на 24 јуни, до денеска се објавени вкупно осум анкети. Според четири води ВМРО-ДПМНЕ, а четири прогнозираат победа на СДСМ. ИРЛ во првиот дел од истражувањето за информациските војни со сомнителни рејтинзи откри дека првите анкети во полза на ВМРО ДПМНЕ ги правеле видни партиски активисти и функционери. Но, со секој изминат ден во кампањата се јавуваа нови и нови анкетни мајстори, додека на граѓаните им станува се потешко да разберат кому да му веруваат.

Фамилијарни анкетари

Ако на социјалните мрежи ги побарате Петар Калимановски и Ана Гајдова, нема да најдете ништо што ќе илустрира активност надвор од она што вообичаено го прават младите и вљубени двојки. Ниту еден детаљ на нивните фејсбук профили не укажува дека станува збор за ко-основачите на еден од низата контраверзни институти кои оваа изборна сезона продефилираа со изборни анкети по мерка на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ.

Заедно со блиски членови на семејството на Петар и семејството на сопругот на неговата сестра Радмила, тие во декември 2018 го основаат Здружението на граѓани за истражување во областа на безбедноста и демократизација на човековите права и слободи – БИПС.

Има пет основачи: Радмила Миленковска, по момински Калимановска, е претседател на ова Здружение.  Кристина Јовановска е сестра на сопругот на Радмила, Ивица Миленковски. Освен неа, основач е нејзиниот сопруг Петар Јовановски.

ИРЛ направи неколку безуспешни обиди да стапи во контакт со Радмила Миленковска. БИПС немаат веб страница, додека на нивниот профил на Фејсбук нема контакт, седиште или било каков друг податок за сопствениците на Институтот.

Седиштето на БИПС е во Ново Лисиче на домашната адреса на Радмила и Ивица Миленковски

Во Централниот регистер ова здружение нема доставено финансиски извештаи што укажува на тоа дека немале никаква активност односно немале приходи и финансиски трансакции за плати и активности од дејноста.

Навидум ништо во основачкиот одбор на БИПС не укажува на врски со опозициската ВМРО ДПМНЕ иако нивните мерења на рејтинзите прогнозираат победи кај оваа партија. Ништо освен Ивица Миленковски, сопругот на претседателката на БИПС. Тој е член и активист на ВМРО-ДПМНЕ  и важи за близок до градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски. Работи како обезбедување на скопскиот аеродром опериран од ТАВ.

Двојката има и други познати пријатели од кругот на партијата. Фотографија со Владимир Неловски ( десно), член на УМС на ВМРО ДПМНЕ, гостин на нивна семејна прослава.

Од почетокот на кампањата БИПС изготви две анкети. Првата е објавена на 24 јуни, на првиот ден од изборната кампања. Предвидоа водство на ВМРО-ДПМНЕ од три проценти. Оваа недела (среда, 8 јули) објавија уште една анкета во која што прогнозираат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 57 пратенички мандати, додека СДСМ заедно со БЕСА 10 мандати помалку. Анкетите се објавуваат само во одредени онлајн медиуми кои важат за промотори на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, а голем дел од нив имаат сопствеништво во Унгарија кај лица поврзани со унгарскиот премиер Виктор Орбан од сестринската партија на ДПМНЕ.

Целосната содржина од овие анкети не е достапна никаде, иако според законот и оние кои ги спроведуваат и оние кои ги пренесуаат се должни да го направат достапно целото истражување. Нема податоци ниту за нарачателот. Готови табели пристигаат само до адресата на одредени медиуми и потоа се пренесуваат во јавноста како релевантни.

Советникот на Орбан и анкетар на Трамп мерат рејтинг по мерка на ВМРО-ДПМНЕ

Кога на 5 јули групацијата онлајн медиуми во сопственост на унгарските компании објави нова анкета на јавното мислење, навидум се беше како што треба: транспарентен нарачател и наизглед реномирана агенција за мерење на рејтинзи од САД.

„Анкетната куќа која соработува со американскиот претседател Доналд Трамп испратила свои луѓе во Македонија, кои во изминатиот период константно вршеле реални испитувања на јавното мислење на граѓаните за кого ќе гласаат“, ќе напише порталот Нетпрес за агенцијата Mclaughlin & Аssociates која што ја објавува анкетата која предвидува победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ова истражување на јавното мислење дури се одеше во детали, како на пример, носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во изборна единица 2, Владо Мисајловски ќе го победи Оливер Спасовски од СДСМ. Или, пак, дека Зоран Заев ќе биде поразен од Александар Николоски во изборната единица 4. Анкетата беше придружувана од изјава на лица од анкентната куќа. Истражувањето не е објавено во целост, само одредени фотографии од наводната анкета.

„Изминатата година спроведовме анкета во Македонија. Истражувањата покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на претстојните парламентарни избори“, соопштуваат од анкетната куќа McLaughlin.“

Кусо пребарување на интернет ќе ве одведе до веб страницата на оваа агенција. Централна е биографијата на основачот Џон Меклафлин каде се споменати неговите работни ангажмани за премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху, за Конзервативната партија од Велика Британија, а му бил и советник на  унгарскиот премиер Виктор Орбан во изборите за неговиот реизбор во 2018 година. Во дел од американските медиуми се тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп ги користел „Mclaughlin & Аssociates“ за да ја дискредитира анкетата  на Си-Ен-Ен, според која Трамп заостанува зад Џо Бајден.

ИРЛ испрати прашања до основачот Џон Мекклафлин, но и по минати три дена тој не одговори. Нејасно е кога е спроведена анкетата, со оглед на тоа дека во текстовите на македонските медиуми некаде пишува „минатата година“, во „изминатиот период“, изборните листи со кандидати беа објавени на 10 март, а границите во земјава беа затворени на 15 март поради корона вирусот. Ако навистина е правена минатата година, тогаш како ги знаеле носителите на неизготвени листи.

Контра напади со анкети

Проблемот со анкетите не застанува со нивната анонимност. Од анкетите кои одат во полза на владејачката партија, односно коалицијата на СДСМ и Беса, добар дел се презентираат селективно и без да се даде на увид целото истражување. ИРЛ веќе пишуваше дека делови од анкетата на реномираниот швајцарски инстутит ИФЕС веќе се објавија, иако за тоа немало одобрение од сите политички партии, ниту од нарачателот. Важно е да се напомене дека оваа анкета во целост може да се објави само ако се согласат сите заинтересирани страни.

На пример, кога осамнаа анонимни анкети правени од партиски активисти кои прикажуваа водство на Мицкоски уште пред стартот на кампањата, табор од медиуми врзани со партиски членови на СДСМ почна да објавува делови од ИФЕС анкетата именувајќи ја само како „анкета“.

Главниот и одговорен уредник на порталот „Независен“ Љупчо Поповски којшто тогаш прв ги објави делумните наоди од оваа анекта без да именува нарачател и извор, за ИРЛ тврдеше дека анкетата ја добил од свои извори, но го издаде партискиот портпарол на СДСМ Костадин Костадиновски кој во разговор со репортерот на ИРЛ кажа кој ја подготвил анкетата. ИФЕС не се огласија по ова прашање.

Брима Галуп не е Галуп, се објавувааат анкети без транспаренти нарачатели

Брима Галуп е приватна и независна агенција за истражување која прави анкети на пазарот и медиумите. Со повеќе од 500 успешни проекти и тим од професионални аналитичари посветени на квалитетот на информациите. Тие се интернационална групација, а во Македонија правеле истражувања на јавнотот мислење повеќе од 15 години и тоа во клучни политички и историски пресвртни моменти. Брима Галуп Македонија за која што пишуваме во овој текст и годинава правеше анкета, но тие повеќе ја немаат лиценцата на интернационалната агенција иако се уште се нарекуваат Брима Галуп, а така ја пренесуваат и медиумите кои ги објавуваат претежно анкетите кои се поволни за СДСМ. На нивната веб страница стои само името Брима, а извршен директор е Ѓорѓи Кимов.

Последната анекта за овие избори ја објавија на 5 јули и според неа ќе победи коалицијата Можеме на СДСМ и Беса. Оваа анкета го разлути спротивнито табор којшто преку своите медиуми ја дискфалификуваше како измислена. Брима испрати демант во којшто тврди дека анкетата постои и е релевантна. Истражувањето било спроведено од 5 до 14 јуни со телефонска анкета, на примерок од 1174 испитаници. Брима не открива кој бил нарачател, единствено објави дека се појавил клиент кој што ја откупил анкетата.

„Понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување. Наводите дека Брима воопшто не спровела анкета не се точни.“, пишуваше во соопштението од Брима.

Хаос и непочитување на законите

Други анкетни агенции, како Стратум која што вчера објави анкета, си прават анкети самите со цел да стекнеле популарност.

“Анкетата ја направив по сопствена иницијатива, немам нарачател, а целта ми беше да се промовирам. Ние не сме вчерашни на пазарот , Stratum R&D постои веќе 5 години и има успешно учество на повеќе меѓународни форуми . Ја пратив анкетата на повеќе медиуми, но новинарите ги влечат податоците парцијално без да ја читаат целата анкета “ изјави за ИРЛ сопственичката Весна Кузмановиќ.

Во анкетата нема дефинирано конкретен  нумерички процент на грешка, како што предвидвуваат професионалните стандарди.

Закон има, ама нема фиљан институција да ги казнува медиумите за непрописно објавување на анкети

Според Изборниот законик, Членот 77 им налoжува на медиумите како треба да ги објавуваат анкетите односно истражувањата на јавното мислење. Должни се да ја споделат методологијата и да го објават името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.

Овие критериуми засега се исполнети само со анкетата на М-Проспект. Доколку медиумите постапат спротивно на ова, ќе им биде изречена казна од 1,000 до 4.500 евра. Националните телевизии се регулирани и контролирани од страна на Агенцијата за аудио и аудио визуелни уметности. Онлајн порталите пак, се оставени на саморегулација. или, така се толкува во недостаток на добро изречена регулатива.

И да се прекрши законот од страна на онлајн медиумите, што стана и пракса во оваа изборна кампања, а не исклучок, не постои национално тело кое истото ќе го пријави во Државната изборна комисија. Од ДИК за ова велат дека е пропуст во Изборниот законик, затоа што тие не може да постапуваат по овие прекршоци без претходно да добијат пријава за истото.

„Се надевам до следните избори ќе се дорегулира овој проблем и изгради довербата и од јавноста и од самите партии во професионалните агенции, а целосно ќе престане објавувањето на „анкети од фиока“, вели Александар Кржаловски, политиколог и извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС.

Кој е кој на пазарот со истражување на јавното мислење

Еден од најистакнатите инструменти на политичките партии за испитување на јавното мислење во предизборниот период се анкетите. Со обезбедување на информации за намерите на гласање тие имаат пример по кој може да ги креираат своите политики. Но, анкетите на јавното мислење можат да влијаат и врз однесувањето на гласачите. За ова постојат три теории. Првата е „бендвагон“ ефект, станува збор за феномен кој утврдува дека луѓето имаат тенденција да се приклучат и конформираат кон поголема група на луѓе кои веруваат во одредена работа, а немаат јасна причина или рационално објаснување зошто го прават тоа.

Спротивно на „бендвагон“ е „андердог“ ефектот кој се случува кога луѓето од сожалување ја поддржуваат послабата страна.

Третиот ефект „спирала на молкот“ е доста застапен во земји како Македонија, каде што голем број од граѓаните имаат страв јавно да говорат и да се изјаснуваат за својата политичка определба. Тоа придонесува граѓаните да одбиваат учество во било каква анкета, или пак се изјаснуваат како неопределени. Овој слој од населението смета дека откривањето на одреден став може да го одведе до непријатности.

Овие ефекти директно влијаат на исходот од изборите, но она што е од поголема важност е индиректниот ефект на анкетите. Индиректен ефект е оној кој анкетите го имаат врз поважните засегнати страни во изборната трка како бизнис елитата, медиумите, големите корпорации, невладиниот сектор и стручната јавност. Овие групи се доста важни во одредување на победникот. Во Македонија, очигледно е дека влијателните партии се добро запознаени со горе наведените „ефекти“ кои се обидуваат да ги злоупотребат преку анонимни институти и поларизирани медиуми. За ова разговаравме со Александар Кржаловски, извршен директор на угледната организација Македонски центар за меѓународна соработка. И тој констатира дека има „релативно масовна појава на (во најмала рака) проблематични анкети, а некои од нив и целосно „фејк“ односно непостоечки“.

Покрај анкетата на М-проспект нарачана од МЦМС и ТВ Телма, единствени кои ги задоволуваат минимум законските услови за објавување, како и професионалните стандарди за вакви истражувања на јавното мислење, се американските организации ИРИ (Меѓународниот републикански институт) и НДИ (Националниот демократски институт). Уште една американска организација (ИФЕС), која работи на реформа на изборното законодавство, објави своја анкета (откако дел од податоците беа „тајно“ лиферувани до некои медиуми и објавени), но и тие пропуштија да објават која анкетна агенција го спровела анкетирањето (а дополнително, самиот извештај не можеше да се најде на нивната веб-страница), раскажува Кржаловски.

Кржаловски констатира низа пропусти во објавувањето на анкетите.

Добар дел од објавените рејтинзи во медиумите се со големи или огромни пропусти, како на пример БИПС (имаше сосема погрешна статистичка грешка, во однос на објавениот примерок, а исто така самиот институт никаде не може да се најде; или вчерашната објава од американска агенција МекЛафин. Немаше период во кој е спроведена, ниту пак може некаде да се најде самиот извештај од анкетата, а имаше и конфузија со примерокот – во ист параграф има 2 различни бројки), па до вчерашната објава на Брима која крена поголема прашина, а се испостави дека е правена пред еден месец, а е објавена вчера и тоа од клиентот, а не од самата агенција, вели Кржаловски. 

Како се прават професионални анкети

Околу анкетите и критериумите за релевантноста разговаравме со  политикологот Предраг Арсовски.

ИРЛ: Што е репрезентативност на една анкета ?

Предраг Арсовски: Репрезентативност е колку испитаниците на анкетата соодвествуваат на генералната популација во државата . Истата зависи од два главни параметри : Големина на примерок и како примерокот е распореден по така наречени стратуми. Стратуми се социо-демографски категории како на пример место на живеење , пол возраст , образование , етничка припадност , приходи и слично.

ИРЛ: За да една анкета биде по објективна потребно е и примерокот на испитаници да биде што е можно порандоминизиран. Како практично се изведува рандомизацијата?

Предраг Арсовски: За телефонските анкети се користат јавно достапни телефонски именици и компјутерски софтвер рандоминизирано одбира поголем број на броеви од предвидениот вкупен број на примероци. Се заведуваат броеви според листите  генерирани од софтверот, се додека не се пополнат сите предвидени  стратуми и вкупниот број на испитаници. Пример, ако веќе се пополни определен стратум, следните броеви од истиот стратум не се користат понатаму во анкетата.

ИРЛ: Дали постои некаква правна рамка за неопходно постоење на лиценца или институт за меѓународно признавање на анкетарските агенции ?

Предраг Арсовски: Не постои во светот нешто како генерален стандард или тело кое издава лиценци. Анкетите се третираат како научно истражувачка дејност и се релативно нерегулирани од тој аспект. Постојат методологии, но не секоја агенција се придржува до истите.

ИРЛ: Честопати анкетите се прават за определен нарачател. Дали анкетните агенции вршат и тековни истражувања со цел редослено следење на промените ?

Предраг Арсовски: Да, многу кредибилни анкетни агении вршат  свои тековни истражувања како дел од свои анализи

Поврзани истражувања

Мистериозни анкети во функција на партиски информациски војни

Други истражувања

Човек на човека му е снимка

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.