Press "Enter" to skip to content

ИРЛ влезе во Пржино: Испорачаниот договор разочара со постигнатите резултати

Договорот од Пржино во 2015 година, требаше да биде почеток на нов политички дискурс и конечна правда во Македонија по можеби најголемата политичка криза во државата.

Од 2013 година наваму, ескалацијата на политичката криза ја наговестуваше се поголемото незадоволство во јавноста, изразено најпрво преку најмладите.

Полициската бруталност, студентскиот и средношколскиот пленум, притворањето на новинарот Томислав Кежаровски, протестите против оданочувањето на хонорарите и кулминацијата со “бомбите на Заев” придонесоа за стриктна интервенција на Меѓународната заедница и конечно седнување на партиите на преговори во Пржино.

Во таква атмосфера, тие денови, новинарската фела исто така имаше една од клучните улоги. Во поларизирана атмосфера и дел од нив се уште политички одработувачи на тогашната партија на власт, чекањето на информации со часови пред фамозната вила во Пржино, сведоците од настаните ќе кажат дека било исцрпувачко.

“Се чекаше со саати и на многу топло и на многу ладно. Некогаш знаевме и сами да создадеме услови да ни минат часовите”, се присетува фотографот Роберт Атанасов пред камерата на ИРЛ.

Со Анета Пешева, која живее во непосредна близина на Пржинската вила и прва комшивка на тогашната евроамбасадорска резиденција, разговараме како сето тоа изгледало однадвор.

Тоа време на својот Фејсбук профил речиси и да била репортерка. Постојано известувала што се случува пред вилата.

Пржинскиот договор се потпиша на 2 јуни 2015 година, но беше афирмиран на 15 јули. Договор кој помеѓу повеќето точки, донесе два новитета – пржинска влада 100 дена пред избори и за прв пат едно Специјално обвинителство кое треба(ше) да ги испита индициите за криминалот на владата на Груевски.

Шарената револуција пост-Пржински стана симбол за потребата да се има СЈО и да се расчисти со стравот и криминалот во Македонија.

Големата надеж растеше градуално со составувањето на СЈО, со првата прес-конференција, со првите случаи, но и со првите притвори.

Но, бегството на поранешниот премиер Никола Груевски беше предвестие за опаѓањето на надежта, а тоа што и по три-четири години подоцна, ниту еден поранешен висок функционер не се најде во залакот на правдата, ги отвори и прашањата за СЈО. Анализите за јавното мнение покажува дека СЈО токму тогаш почна да ја губи довербата.

Наводната инволвираност на Јанева во т.н. случај “Рекет” пак, е шамар за сите кои се надеваат на правда, а за партиите политиката е лесниот излез од одговорноста.

Јанева како беше поставена, така беше и разрешена, со едногласен став на партиите.

Тие пак, или поточно нивните лидери, повторно започнуваат процеси на преговори за надминување на меѓусебните несогласувањa.

Во продолжение погледнете сведоштва од аутсајдерите на “Пржино” кои минаа часови и денови чекајќи го исходот од преговорите во резиденцијата на тогашниот амбасадор на ЕУ во Македонија. Разговаравме со фоторепортерот Роберт Атанасовски и Анета Пешева.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »