Press "Enter" to skip to content

„Пулс“ како гасна комора од чад и цијаниден гас – како навистина умреле жртвите во Кочани

Обдукциските извештаи откриваат дека ниту една од 50-те жртви од пожарот во кочанскиот див ноќен клуб „Пулс“, кај кои како причина за смрт е утврдено задушување со јаглерод моноксид, немале ни приближно фатални нивоа за да умрат од тоа. Според обдукциските наоди, хемиското и градежното вештачење, како и новата линија на сведоштва на вклучените во настаните ноќта на 16 март годинава покажува дека во воздухот во клубот „Пулс“ гореле токсични материјали како што е полиуретански сунѓер, кој кога гори испушта водороден цијанид. Обвинителите и вештаците по судска медицина го знаеле ова, но за време на истрагата не испитале присуствoтo на цијанид.

Автори: Александар Јанев, Деница Чадиковска, Елена Митревска Цуцковска, Сашка Цветковска; Графика: Лука Блажев

 

02:44

16 Март 2025

Кога Зоран Попов ќе го чуе повикот од 194, нема да очекува нешто повеќе од вообичаеното дежурство во еден мал град во сабота навечер – повредени во тепачка, сообраќајна несреќа или болни стари лица. Возилото на Итната помош со одговорната сестра Александра Кокева, техничарот Зоран Попов, лекарот Дивна Давиткова и возачот Иле Гоцевски веднаш ќе се упати на местото на настанот – градското диско „Пулс“.

Возилата на Итната помош веќе биле таму за околу 10 минути. Болницата била брзо подготвена за трагичниот бран. Во 3 часот и 1 минута, 80 проценти од персоналот е на работа и сите одделенија се отворени.

Од клубот „Пулс“ во брзата помош со Зоран Попов ќе се возат тинејџерите кои успеале да се измолкнат навреме. Но, вистинскиот смртоносен бран Попов ќе го сведочи надвор од „Пулс“.

„Умираа, и во комбе, и пред лифтови, по скали, секаде умираа. Зборуваа, зборуваа, и паѓаа и умираа.“ Ова нема да е ни првата ни последна необична смрт што медицинскиот техничар Зоран Попов ќе ја посведочи таа ноќ.

Зоран се сеќава и на деца кои навидум биле толку лесно повредени што самите си влегувале во комбето. За потоа наеднаш да починат. На точно време не може да се сети, но времето било кратко. „Тоа беше хорор, никој не може да каже за колку брзо умирале децата. Толку, до десет минути најмногу“, вели тој иако додава дека не може да тврди со прецизност. Зоран Попов и неговите колеги не се единствените што ќе забележат чудни настани.

02:35

16 Март 2025, дискотека Пулс

Не гледале оган, а гореле

Само десетина минути претходно, Венко Јовановски со друштвото стоел на шанк на само 15-ина метри од бината. Добро чул како бендот ги предупредува дека има пожар. Одеднаш почувствувал како му горат рацете, а пламен немало никаде, како да бил во фурна. Видел дека капе нешто од плафонот, како „црни саѓи во форма на капки“, а кои паѓале и врз него. Притоа, со рака ги туркал и успевал да ги изгасне.

Фотографија од вештачењето на облеката на починато лице, на која се забележуваат црни капки

Гитаристот на ДНК, Горан Тонев, во исказите пред надлежните опишува дека и тој се сеќава на некакви црни капки кои паѓале од плафонот и на присутните им ги палеле косите, иако немало пламен во близина.

„Осетив дека ми гори косата. Со левата рака се удирав по главата. Многу ме печеше, пржеше и дури во еден момент мислев дека ќе умрам“, изјавила 17-годишната Мелиса Велиова во Обвинителството.

03:05

16 Март 2025

Ангелчо Ангелков, пожарникар доброволец, таа ноќ возел такси. Само што влегол дома, од прозорецот здогледал лавини од чад и оган како се креваат кон небото. Живеел близу и веднаш излегол да помогне во гасењето. Но, таму се соочил со нешто што не го доживеал во друг пожар.

Внатре во „Пулс“, во хаосот Ангелков се сеќава дека не се борел само со чадот, туку и со тежок и остар мирис, толку чуден и стравотен, каков што никогаш не почувствувал.

„Сум гасел многу пожари, но ова не знам на што мирисаше, не можам да го споредам со ниеден друг пожар.“ Тој следниот ден не се чувствувал добро и по прием во болницата во Штип бил упатен на лекување во Државната клиника за токсикологија во Скопје.

05:30

16 Март 2025

Директорката на кочанската болница телефонски и писмено ги известува обвинителите за бројот на мртви и повредени во периодот од 3 до 5:30 часот. Според писмениот допис до обвинителството, примиле 47 починати без никакви знаци на живот и дополнително уште три пеплосани тела.

 „Во нашата болница ниту едно лице не е починато, туку на веќе починатите им е констатирана смрт, а на другите, кои имале и минимални знаци на живот, им е укажана потребната помош“, посочуваат од болницата.

Обвинителот Борче Јанев во дописот прашува и дали имаат сознанија за причината на смртта. Болницата не можела да одговори на ова прашање затоа што тие не починале кај нив. Ова прашање треба да го одговори обдукцијата.

Но, кога грижата за жртвите ја презеле други институции на системот, се појавиле недоследности во утврдувањето на точната причина за смртта.

ИРЛ ги прегледа исказите на сведоците коишто ги испитувало обвинителството. Преживеаните, пожарникарите, медицинскиот персонал и волонтерите – повеќето од нивните искази исцртуваат патерн  – просторот не мирисал на чад, туку на силни, непознати хемикалии кои за неколку минути ги соборувале луѓето на подот, дури и кога имале простор за движење. Дополнителен проблем биле прозорците затворени со лим,  вентилацијата заѕидана со гипс-картон и заклучената помошна врата. На дел им откажувале нозете, паѓале, губеле свест. Некои излегувале живи и зборувале, за потоа ненадејно да умрат без видливи изгореници.

Фотографија од вештачењето на облеката на починато лице, на која се забележуваат црни капки

Во пожарот во дивата дискотека „Пулс“, огнот не бил единствената закана. Најголемата опасност биле отровните гасови.  Документите до коишто дојде ИРЛ, а кои биле дел од истрагата на скопското обвинителство ги зацврстуваат првичните сомнежи – градежното и хемиското вештачење ќе утврдат  постоење на токсични отрови, додека обудкциските наоди отвораат сериозни прашања за тоа што навистина ги усмртило жртвите таа ноќ.

Извадок од хемиското вештачење изработено од страна на Природно-математички факултет, нарачано од Јавното Обвинителство. Според вештачењето доминантно горел полиуретан којшто го исполнил воздухот со цијановодород.

Крвта на жртвите од Кочани институциите ја „переле“ брзо и евтино

Иако дел од жртвите излегле живи, некои и без изгореници или други видливи физички повреди, тие брзо колабирале или биле наоѓани мртви пред објектот, пред болницата, во возилата на Итната помош или по пристигнувањето во болниците. Точното време на смрт кај жртвите таа ноќ никогаш нема да биде утврдено.

Она што лекарите и техничарите од Итната помош го гледале таа ноќ – луѓе кои излегувале без видливи повреди, за потоа ненадејно да починат – подоцна ќе се појави и во обдукциските извештаи. Институтот за судска медицина на 16, 17 и 18 март извршил обдукции врз телата на 59 жртви што починаа ноќта во пожарот. Девет од нив умреле од изгореници на дишните патишта или нагмечување. Дури 50 од жртвите таа ноќ, умреле од задушување. Вештаците како причина за смрт навеле труење од јаглерод моноксид.

Но, податоците врз кои се градени заклучоците на медицинските вештаци, а подоцна преточени во обвинение, отвораат прашања за веродостојноста за причините за смртта кај овие 50 жртви.

Кај ниту една од нив нивото на јаглерод моноксид во крвта не ги достигнува фаталните од 60 до 70 проценти карбоксихемоглобин, кои според медицинската наука се потребни за да настапи смрт. Напротив, кај дел од починатите се утврдени нивоа од околу 5-6 проценти, вредности карактеристични за активни пушачи. Кај најголем дел концентрациите се движат меѓу 10 и 30 проценти, што предизвикува лесна до умерена интоксикација, но не и нагла смрт.

На графиконот е прикажана концентрацијата на карбоксихемоглобин (COHb) – индикатор за изложеност на јаглерод моноксид, кој се користи за проценка на сериозноста на труењето.

Овие наоди не се совпаѓаат со клиничката слика опишана од преживеаните и медицинските лица на терен – ненадејно губење сила, колапс, брза загуба на свест и смрт за кратко време.

„При вакви пониски нивоа на карбоксихемоглобин, морало да има уште еден токсичен гас како причинител на смртта“, вели професорот Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, кој бил дел од тимот што ги следел повредените по трагедијата.

Во деновите по пожарот, професорите од Природно-математичкиот факултет по налог на Јавното обвинителство започнуваат со испитување на материјалите што гореле во дискотеката. Земени се примероци од истопена пластика од сепарињата, сунѓер од седиштата, салонит од кровната конструкција и истопена пластика од просторот пред бината.

Од „Пулс“ лажеле дека вградиле графитен сунѓер, вештачењето тоа го оспорило

Најважниот материјал, сунѓерот за акустична изолација на таванот, кој според видеоснимките прв се пали од искрите на пиротехниката, не можел да биде земен за анализа бидејќи целосно изгорел во пожарот.

Истражителите затоа ги обезбедиле фактурите од кратовската компанија „Силпен“, од каде што во 2012 година бил купен сунѓерот за звучна изолација, во количина од 95 килограми. Од компанијата побарале да им достават ист таков материјал. Анализите покажале дека не станува збор за графитен сунѓер, како што било наведено во проектната документација, туку за полиуретански сунѓер.

Вештаците направиле лабораториски експеримент со горење на сунѓер како оној вграден во „Пулс“. Со примена на инфрацрвена спектроскопија добиен е спектар кој се совпаѓа со полиуретан.

Полиуретанот е материјал без отпорност на оган, кој при согорување испушта густ, токсичен чад и водороден цијанид – гас со исклучително брзо и смртоносно дејство. За разлика од јаглерод моноксидот, кој дејствува постепено и нема мирис, цијановодородот предизвикува нагла дезориентација, губење координација, парализа и смрт во рок од неколку минути. Слични симптоми какви што опишуваат и преживеаните од „Пулс“.

Фотографија од таванот во дискотеката Пулс на којашто се гледа полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација.

По пожарот, по наредба на Обвинителството, Градежниот факултет формира стручен тим од професори за да изготват вешт наод и мислење за објектот и причините за пожарот. Според градежното вештачење, вентилацијата во нелегално изградената дискотека била заѕидана со гипс-картон, прозорците затворени со лим, а помошната врата била заклучена.

Во дискотеката „Пулс“ над просторијата каде што биле гостите, немало класична градежна плоча, туку гипс картонска плоча под која имало налепено полиуретански сунѓер за звучна изолација, и тоа според градежните стандарди се смета за спуштен таван. 

Во делот што се однесува за сите градби од јавен карактер, во кои спаѓа и импровизираното кабаре Пулс, одредбата од Правилникот за мерки за заштита од пожари и експлозии од Дирекцијата за заштита и спасување предвидува „Доколку во просториите има спуштен таван, истиот се проектира и изведува од материјал чија пожарноотпорност е во времетраење од најмалку 30 минути“. 

Ова требало да го види инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување и да нареди негово отстранување. Инспекторите на ДЗС можат да направат увид во угостителски објект во секое време и без најава, доколку сметаат дека е неопходно, и да ја разгледаат документацијата за заштита и спасување

Но, таков инспектор во Кочани немало вработено последните 13 години колку што работеше Пулс. И сè уште нема, ниту до ден денес. 

Чудни биомаркери 

Дополнителна индиција дека присутните биле изложени на цијанид доаѓа и од анализите направени кај повредените на Клиниката за токсикологија. Кај дел од нив лекарите утврдиле невообичаено високи нивоа на лактати во крвта, индиректен биомаркер кој укажува на нарушена клеточна оксигенација, типична за цијанидно труење.

„Кај неколкумина од повредените утврдивме зголемени лактати, што е јасен индикатор дека можело да постои цијанид во организмот“, вели Беќаровски.

И покрај овие индиции, во Институтот за судска медицина не биле направени токсиколошки анализи за присуство на цијанид во крвта на загинатите. Оттаму за ИРЛ не одговорија конкретно дали Јавното обвинителство побарало такви испитувања.

Интегрални прашања и одговори на ИРЛ со Институт за судска медицина и криминалистика

Во кусиот одговор до ИРЛ од Судска медицина посочија дека тие постапиле по сите наредби. Но, не одговорија дали можат да исклучат труење од цијанид и колку се сигурни во наведената причина за смрт, имајќи ги предвид крвните анализи. Сакавме да знаеме и зошто тие самите не направиле други испитувања, иако во обдукциите напишале дека ќе направат дополнителни токсиколошки анализи.

Институционалните пропусти на хартија неспорни, институциите манипулираат во одговорите кон ИРЛ 

Според обдукциските наоди се укажува на можност за присуство на цијановодород во крвта. Но, Македонија во тој момент нема опрема за да испита ваков токсин и за ова обвинителството можело да побара и меѓународна помош или да набави апарат, како што е напревено од скоро. 

Обдукцијата којашто е приложена во судот покажува дека од биолошките материјали е испитувано само присуство на алкохол, на CO (јаглерод моноксид) и HBCO (карбоксихемоглобин). Дополнително, другите вештачења кои ги нарачало обвинителството, а се единствени приложени во обвинителниот акт утврдиле дека во воздухот во „Пулс“ гореле и други токсини, конкретно и цијановодород. 

ИРЛ праша дали обвинителите се сигурни дека кај овие 50 жртви без фатални нивоа на јаглерод моноксид во крвта можат со сигурност да тврдат дека починале од гушење? Прашавме и дали нарачале дополнителни испитувања кога забележале недоследности во однос на можните причини за смрт во самиот обдукциски наод?

Конкретен одговор не добивме и покрај инсистирањата на новинарите на ИРЛ, но според редакциското толкување на овие одговори, обвинтелството признава дека дополнителни тестови за цијановодородот во крвта на починатите не се правени. 

Со тоа, клучното прашање дали дел од жртвите починале од труење со цијановодород останува без одговор.

„Ако немало цијанид внатре, голем дел од луѓето ќе се спаселе. Ваква катастрофа ќе била избегната“, ни рече професорот Беќаровски.

Цијанокит е противотров за акутно труење со цијанид, со активна супстанција хидроксокобаламин. Тој го врзува цијанидот во крвта и овозможува негово безбедно исфрлање од организмот. Иако не е законски задолжителен за сите установи во ЕУ, сепак е стандардно и силно препорачано средство во итната медицина, особено при пожари во затворени простории.

Професорот Беќаровски вели дека овој противотров се дава на луѓе што се затекнале во пожари и каде што гореле пластики, синтетички материјали или полиуретански сунѓери затоа што тие при горење испуштаат цијаниди. Клиничките знаци на труење со цијанид вклучуваат нагла дезориентација, слабост и губење на координација, брзо отежнато дишење и колапс, често во рок од неколку минути по изложувањето.

Во такви случаи, раното давање може да биде клучно за преживување. 

Беќаровски вели дека секоја година постојано праќаат дописи до директорите на Токсикологија и до ресорните министри, но нема слух за набвака на овој противотров.

Цијанидот ги прави виновните повиновни

Ако се докаже дека труењето со цијановодород, а не со јаглерод моноксид било клучна причина за смртта на дел од загинатите, тогаш според правниците што ги консултиравме, се зацврстува обвинението со аргументи кои полесно ќе го докажат делото што им се става на товар на обвинетите. 

Труењето со поопасен отровен гас како што е цијановодородот, го зголемува степенот на вина кај виновните. 

Според поранешната врховна судијка, Вера Коцо, ако се докаже цијанидот како причина што влијаела на смртта на загинатите, обвинението станува неспорно.

„Доколку експертизата покаже дека причина за смртта е труење со цијанид, тоа апсолутно би влијаело на зголемување на вината на оној што придонел до тоа. Тоа е отежителна околност за обвинетите“, вели за ИРЛ, поранешната судијка Коцо.

Тоа што во Пулс уште од 2012 година имало вградено полиуретански сунѓер кој не требало да биде внатре, е голем институционален пропуст и укажува на децениски катастрофален системски надзор кој оди многу подалеку од локално ниво.  

Со заклучена помошна врата, затворени прозорци и вентилација, дивата дискотека „Пулс“ се претворила во гасна комора исполнета со коктел од смртоносни отрови, како цијанид. Гас којшто е толку смртоносен што во Холокаустот бил користен за да се усмртат милиони луѓе во нацистичките гасни комори. 

За жртвите нема ни институционално сочувство, ни обештетување, ни квалитетна правда

Последниот катастрофален пожар во ноќен клуб што го привлече вниманието на светската јавност се случи во Букурешт, Романија, во ноќниот клуб „Колектив“ во 2015 година. Во трагедијата загинаа 64 лица, а стотици беа повредени. Научните испитувања утврдија дека смртта на жртвите не била последица исклучиво на труење со јаглерод моноксид, туку и на цијановодород, кој одиграл клучна улога како фатален агенс. Институционалните истраги во Романија покажаа дека овој токсичен гас, кој настанал при горењето на плафонскиот полиуретански сунѓер, бил една од главните причини за масовниот број жртви. Романските анализи укажаа дека бројот на преживеани би бил значително поголем доколку жртвите не го вдишувале овој отровен гас.

Република Романија презеде повеќе форми на  институционален одговор и обезбеди поддршка за жртвите и нивните семејства. Уште во првите денови по трагедијата, владата одобри итна финансиска помош за семејствата на загинатите и за повредените. Подоцна беше донесен специјален закон со кој се гарантира доживотна државна поддршка за медицинско лекување и рехабилитација на преживеаните, вклучително и лекување во странство.

Судските процеси, иако долготрајни, резултираа со високи материјални и нематеријални оштети, поради утврдената одговорност на државните институции и локалните власти. Присуството на забранети материјали кои при горење ослободувале цијанид имаше централна улога во докажувањето на обемот на институционалната вина. Без да се чека конечна судска разврска, романската влада солидарно им додели на семејствата на загинатите износи од 200.000 до 300.000 евра по жртва, додека на преживеаните со тешки повреди им беа исплатени помеѓу 30.000 и 200.000 евра, во зависност од последиците. Овие износи не ги вклучуваат доживотните трошоци за медицинско лекување, кои ги покрива државата.

Дополнително, во преседан во романската судска пракса, државата беше прогласена за солидарно одговорна и обврзана да исплати вкупно 55 милиони евра како надомест на штета за семејствата на жртвите. Оваа сума е одвоена од почетната итна помош и произлегува од утврдена правна одговорност.

За разлика од овој пример, жртвите од пожарот во Македонија се соочија со систем што одбива да преземе колективна одговорност. Немаше државна финансиска поддршка, институционалната вина сè уште не е утврдена, а во постапките отсуствува клучниот елемент, докажано присуство на цијанид  кој во Романија беше еден од пресудните аргументи за висината на државното обештетување.

 

Повеќе од ПравосудствоПовеќе теми во Правосудство »
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.