Во шест трансакции во период од единаесет месеци биле префрлени парите со кои поранешниот премиер Никола Груевски ги купил атрактивните плацеви на Водно.
На сметката на „Сирах инженеринг“ од Скопје во периодот од 19 октомври 2012 година до 4 септември 2013 година биле префрлени вкупно 1.299.515 евра. Овие пари, според сомнежите на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал, биле донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ и наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во 11.000 метри квадратни земјиште на Водно. Груевски е првоосомничен за кривичното дело перење пари, а во тоа му помогнале Сашо Мијалков и неговиот кум Ристо Новачевски. Осомничени се и Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ кои, според обвинителството, се обиделе да ја прикријат сопственоста на купените парцели на Водно. ИРЛ објавува договори склучени помеѓу офшор фирма од Белизе, преку која парите биле префрлени на компанија сопственост на кумот на Груевски, Ристо Новачевски. Како и трансакции од банка на Кипар кон крајната дестинација Стопанска Банка Битола.
Белизе Сити, 31 мај 2012 година
На адресата 1/2 Мајлс Нортерн Хајвеј во Белизе Сити се формира нова офшор фирма. Се регистрира под името „Сирах лимитед“, а директор е Ефстратиос Менелаоу од Никозија. Македонскиот контакт се појавува на 25 јуни кога како застапник се впишува Александар Ивановски од Скопје, во јавноста познат како Алек Теранова и бизнис партнер на Сашо Мијалков.
Скопје, 9 септември 2012 година
На 9 септември со седиште во стан во Кисела Вода во Скопје „Сирах лимитед“ формира фирма ќерка „Сирах инженеринг“ со паричен влог од 1,7 милиони евра, на која за управител е назначен Ристо Новачевски. Веднаш потоа почнува операцијата за префрлање на парите од Белизе во Македонија.

Охрид, 19 октомври 2012 година
Почнува Глобалниот инвестициски самит на кој присуствуваат над 350 учесници. Мотото е: „Преку бизнис-дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“. Додека домаќинот на настанот Никола Груевски зборува за зајакнување на соработката меѓу домашниот бизнис и дијаспората, на сметката на „Сирах инженеринг“ во Скопје легнуваат 586.000 евра. Парите се префрлени од кипарска банка, посредник е италијанска банка, а во Македонија стигнуваат на сметка во Стопанска Банка Битола. Неколку денови подоцна од Белизе стасуваат уште половина милион евра, кои според офијални документи од Централниот регистар, се повлекуваат од сметката во Стопанска Банка Битола. Последната трансакција е на 4 септември 2013 година, со која вкупно на сметката на „Сирах инженеринг“ се префрлени 1.299.515 евра.

Според досегашните докази на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал, второосомничен е братучедот на Груевски и тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Тој бил линкот меѓу офшор фирмата во Белизе и македонската фирма ќерка и располагал со печатите и жиросметката во Стопанска Банка Битола.
Читајте поврзани стории: Тајниот план на Груевски за македонски офшор се правел со лондонска фирма која перела пари за Иран
Теренот е подготвен
Според официјални документи од катастарот „Сирах Инженеринг“ го купила земјиштето уште додека тоа било зелен појас односно шума, а не градежна парцела. Историјата на сопственост покажува дека пред да замине во рацете на офшор компанијата, земјата ја поседувале неколку физички лица уште од 1963 година. Во 2012 тогашната градска власт го донесе новиот Генерален урбанистички план за Скопје, со важност од 10 години. Во него дел од шумата на Водно, во која спаѓаат и парцелите кои ги „меркал“ Груевски, од шума добиваат пренамена во градежни парцели. Новачевски преку „Сирах инженеринг“ парцелите ги купува додека се уште се водат како шума, односно пред да им се зголеми цената како градежно земјиште.

Во јуни 2013 година на седница на Советот на општина Центар, позната како судски случај „Шамари во Центар“, со насилни протести се менува Деталниот урбанистички план и Новачевски односно Груевски добива терен за изградба на станбени објекти.
Камчеви влегуваат во игра
По објавениот разговор во 2015 година меѓу Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески во кој се разговара за купувањето на плацевите на Водно, во операцијата за прикривање на вистинскиот сопственик влегува бизнисменот Орце Камчев.

Според документите од Централниот регистар, на 10 август 2015 година фирмата од Белизе истапува од сопственоста. Уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка Холдинг“, а на местото на Новачевски управител станува сестрата на Камчев, Кристина Камчева – Стојческа.
„За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, пишува во соопштението од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во Катастарот во моментов сопственик на парцелите од 11.ooo квадратни метри е фирмата „Лајф кеар центар“, сопственост на фамилијата Камчеви.

Од сите шестмина осомничени во најновата истрага која ја води обвинителството на Вилма Русковска, приведен е само Ристо Новачевски кому судија на претходна постапка му одреди 30 дневен притвор. За останатите осомничени Мијалков, Јосифовиќ, Јордан Камчев, Ратка Камчева, судот веќе имал изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот Груевски е недостапен на органите на прогон.
Груевски не признава
Поранешниот премиер за протестите во општина Центар е осуден на една и пол година затвор. Тој е прогласен за виновен дека бил иницијатор за насилствата на седницата на Советот кога се гласаше новиот ДУП. Ова е втора затворска казна за Груевски изречена во отсуство. Првата беше за случајот „Тенк“, односно за спорната набавка на мерцедесот од над половина милион евра.
Читајте поврзани стории: Мрсно платената орбанова пропагандна машина под истрага за перење пари
За најновата истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал за плацевите на Водно, Груевски вчера се огласи на Фејсбук. Вели дека истрагата е без основа и смислена за негова дискредитација и оти власта продолжува со политички прогон и хајки против него.
„Се што стои во објавата со која отвориле истрага е лага и неточно и еден ден се ќе им падне. Ќе останат само траумите кои ги направиле кон сите кои ги прогонуваат и сеќавањето за времето кога Македонија е држава со најголем број политички прогонувани лица во Европа заедно со лицата прогонувани со намера да се принудат да бидат средство и алатка на власта во прогонот кон политичките неистомисленици“, напиша Никола Груевски на неговиот Фејсбук профил.
Русковска најави дека ќе го отвори повторно прашањето за екстрадиција на Груевски во земјава откако унгарските власти не одговорија позитивно на претходното барање.