Press "Enter" to skip to content

Тинтраниот Мијалков

Органите на правдата го бараа Мијалков два дена, но тој дојде во свое време и по своја волја и на локација која што самиот ја одбра. Во меѓувреме, системот му исполнил и лични барања: Обвинителството се откажало од две жалби. Едната која можела да донесе затворски притвор за Мијалков, а втората која му овозможува притворските денови да ги мине во луксузна куќа на Водно, наместо во неговиот стан во Капиштец.  Иако теренот на Водно е потежок за надзор, Рускоска не се пожалила на ова. Според тандемот Русковска – Јовески неговото доброволно појавување е олеснителна околност заради која што тој не мора да оди во притвор во Шутка. Постапките на надлежните сугерираат дека системот одиграл поволно за премислениот бегалец. 

Тим на ИРЛ: Маја Јовановска, Александра Гоцевска Денковска; Илустрација: Лука Блажев

Мина и првата притворска ноќ на повратникот Сашо Мијалков  во удобноста на неговиот дом во вила во населбата Водно. Обвинителите Вилма Русковска и Љубомир Јовески и министерот Оливер Спасовски се вратија на секојдневните работни обврски да се борат против криминалот и корупцијата. Сите признаа дека системот потфрлил, но никој од нив не презеде одговорност за бегството на Мијалков. 

Ако викендот на 20 и 21 февруари МВР и Обвинителството констатираа дека обвинетиот е во бегство, во следните два дена следувале непристојни понуди и непринципиелни одлуки од првите луѓе на клучните институции кои трагаа по бегалецот.

Вторник, 23 февруари 

Премиерот Зоран Заев во владата на итна координација ги повикува министрите за внатрешни работи и правда, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и Јавниот обвинител Љубомир Јовески.  

Работа на премиерот, меѓу другото, е и да ги координира институциите на извршната власт и да ја обезбеди неопходната соработка со правосудните органи, особено во вакви исклучително важни ситуации како во случајот со бегството на Мијалков. Токму тоа и сите активности што се презедоа во последниве два дена дадоа резултат и правдата е обезбедена“, одговорија од владата на прашањето зошто премиерот ја координира акцијата за пронаоѓање на Мијалков. 

Државниот јавен обвинител Јовески на прашања на ИРЛ зошто бил повикан на средбата кај Заев кусо одговори:

„Заради неопходна соработка на надлежните институции во откривањето на кривични дела и нивните сторители“, беше кусиот одговор на Јовески.

По оваа средба во Владата, Јовески ја повлекува жалбата со која бараат да му се одреди затворски притвор на Мијалков. 

15.00

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржува прес конференција на која изјавува дека најверојатно Мијалков не ја напуштил земјава.

16.50

Сашо Мијалков ноншалантно, облечен само во блуза, дошетува до камерата на Телевизија 24 и новинарот Мишко Иванов кој се наоѓа пред зградата на Јавното обвинителство. Бегалецот по кој се трага со меѓународна потерница се јавува во живо на телевизија и изјавува дека не избегал и тука е за да го подигне решението за домашен притвор. 

17.00 

Заев на фб соопштува дека Мијалков е обезбеден.

17.30

Адвокатите на Мијалков бараат промена на адресата на живеалиштето каде тој ќе ја издржува мерката куќен притвор. Наместо во станот на улицата „Народен фронт“ во Капиштец, бараат тој да биде сместен во стан на улицата „Салвадор Аљенде“ на Водно.

18.00

Кривичен совет во судот го прифаќа барањето на одбраната и се менува адресата на куќниот притвор.

18.15

Вилма Русковска самостојно одлучува дека нема да вложи жалба на оваа одлука на судот. 

18.30

Премиерот на прес конференција, засилен со министрите Спасовски и Маричиќ, објавува триумф на правдата.

„Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друга опција и го стори она што му беше неизбежно. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот домашен притвор“.

20.00 

Мијалков со полициска придружба, но не и во полициско комбе, го носат во домашен притвор во куќа на Водно. 

 20.10 

Вилма Русковска дава изјава за новинарите и соопштува дека се радува што обвинетиот Мијалков решил сам да се пријави и потврдува дека обвинителството се откажало од можноста да се жали на одлуката за куќен притвор и да бара затворски притвор. 

„Самиот претседател н Кривичниот суд  замоли да биде повлечена жалбата. Колку што имам сознанија, разговарале на таа тема и со јавниот обвинител Љубомир Јовески и тој се согласил жалбата да биде повлечена“, изјави Русковска.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, ја негира оваа изјава. Тој вели дека ниту замолил ниту пак дал некакви предлози за повлекување на жалбата. 

Дали има истрага за бегството?

Од Јавното обвинителство за ИРЛ велат дека случајот е во фаза на предистражна постапка и се собираат докази дали Мијалков имал логистика и кој бил кртот кој му дошепнал дека во судот е поднесено барање за притвор.

„По барање на МВР, издадени се повеќе наредби и барања за обезбедување докази за евентуално сторено кривично дело. По наредбите се уште се постапува. Доколку постапувајќи по издадените наредби, Министерството за внатрешни работи обезбеди докази и идентификува сторители на кривично дело, Обвинителството ќе преземе кривичен прогон согласно своите законски надлежности“. 

Вкупно 13 лица досега се повикани на информативен разговор во полиција за бегството на Сашо Мијалков. Во полициска станица беа неговите два сина, сопругата, брат му, осум луѓе од неговото обезбедување и неговиот близок пријател и сопартиец Ивица Коневски. При претресите на три објекти, сопственост на Мијалкови, одземени се мобилни телефони и документација. Мобилниот телефон на Мијалков не е пронајден. Во ниту еден момент не се замрзнати сметките на семејните фирми на Мијалкови, ниту пак личните сметки на Сашо Мијалков и неговите најблиски.

Сметката на семејната фирма „Бест веј инвестментс“ е замрзната пред бегството на Мијалков поради неплатен данок. Исто и сметката на фирмата „Ексико“ која е под истрага во случајот „Империја“. 

Никола Груевски, поранешниот премиер и прв братучед на Мијалков, засега не се јави со никаков коментар на Фејсбук. 

Поврзани стории

Како ви избега?

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »