Во осум фирми во Италија и две во Македонија изминатиов период биле извршени симултани претреси за да се обезбедат докази за компаниите кои биле инволвирани во злоупотребите со ИПА фондовите што се случувале во Министерството за информатичко општество и администрација од 2014 до 2016 година, дознава ИРЛ од извори во истрагата.
Во Италија претреси биле извршени во осум компании од групацијата Латанзио која беше најавувана од Иво Ивановски, поранешен министер за администрација како една од компаниите која требаше да спроведува обуки на јавната администрација. Ивановски во 2013 година имаше состанок со претставници на групацијата Латанзио, предводени од директорот Џовани Мастрандреа и од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
„Во следните 18 месеци, за зајакнување на институционалните капацитети и за обуките што ќе се спроведуваат во администрацијата, ќе бидат доделени средства во висина од 1,1 милион евра, обезбедени од Европската Унија. Во ИПА проектот се вклучени експерти од компании од Австрија, Шпанија и Италија. Со нивна помош, во наредните 18 месеци очекуваме да бидат спроведени голем број обуки предвидени со Стратегијата за реформа на јавната администрација, која Владата ја донесе пред неколку години”, изјави Ивановски по состанокот во 2013 година.
Во Македонија, претреси биле извршени во компаниите „ГСИ Производство“ и „ГСИ соработници“ кои се формирани со странски капитал. Двете компании се формирани во 2015 година од британски државјани. Сопственик на „ГСИ Производство“ е Ентони Џејмс Лоренс Стјуарт, а прокурист е Денис Капстик, додека на „ГСИ Соработници“ сопственици се и двајцата.
За овој случај осомничени се две лица од МИОА. Неофицијално се работи за Јахи Јахиу, државен секретар во МИОА од редовите на ДУИ и Јасмина Гелеска од Скопје која била раководител на сектор во министерството.
Од Обвинителството денеска соопштија дека за Јахиу побарале притвор, додека второосмничената била надвор од државата.
„Осомничените како службени лица, во периодот од јуни 2014 година до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин советник во правното лице и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат. Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите за работење на правното лице – апликант на тендерот, му овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка осомничените иако знаеле дека споделувањето на информации со апликанти или потенцијални апликанти во тендерски постапки е противзаконито, го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на правното лице му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра. Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерство за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконито службено дејствие првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од правното лице во два наврати примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, со што се стекнало со значителна противправна имотна корист. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари и се стекнало со поголема противправна имотна корист“, пишува во соопштението на Обвинителството.
Во претресите одземени биле повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.