Press "Enter" to skip to content

Државен секретар во МИОА, кадар на ДУИ приведен за примање поткуп

Јахи Јахиу, државен секретар од редовите на ДУИ во министарството за информатичко општество утрово е приведен поради сомнение за примање поткуп при избор на правно лице за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите. Обвинителството за Јахиу побарало тој да биде задржан во притвор.

Покрај Јахиу осомничена во случајот е и Ј. Г. (52) од Скопје, поранешен раководител на одделение во Мнистерството за информатичко општество, која според Обвинителството моментално не е во државата.

„Осомничените како службени лица, во периодот од јуни 2014 година до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин советник во правното лице и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат. Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите за работење на правното лице – апликант на тендерот, му овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка осомничените иако знаеле дека споделувањето на информации со апликанти или потенцијални апликанти во тендерски постапки е противзаконито, го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на правното лице му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра. Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерство за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконито службено дејствие првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од правното лице во два наврати примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, со што се стекнало со значителна противправна имотна корист. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари и се стекнало со поголема противправна имотна корист.

Во спроведување на акцијата, полицијата извршила симултани претреси во Македонија и воИталија и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Во претресите одземени биле повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.

Јахиу во 2005 година бил гонет за кривично дело Злоупотреба на избирачкото право и бил осуден на парична казна.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »