Press "Enter" to skip to content

Далеку полесно се станува државен директор отколку обичен референт

Нема закон кој ги обврзува Владата и локалната самоуправа при процесот на членови во раководните структури во државните претпријатија, укажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Ова практично значи дека власта може без конкурс и (ако сака) нетранспарентно да избира свои блиски луѓе во државните претпријатија, освен директорот, за најразличен интерес. Ова се однесува на сите влади досега.

Владата и локалната самоуправа како основачи на претпријатијата, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста на потенцијалните кандидати, ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните членови.

„Потребно е да се донесе подзаконски акт во којшто прецизно ќе се пропише процесот на  селекција на членовите на раководните органи. Притоа, подзаконскиот акт би требало да се однесува на сите претпријатија основани од државата, односно и на јавните претпријатија, и на акционерските друштва. Во подзаконскиот акт треба да се предвиди основачот на претпријатието да објавува јавен оглас за членство во управните и во надзорните одбори, да спроведува административна проверка на пристигнатите апликации, потоа да организира интервјуа со потенцијалните кандидати и на крајот, соодветна комисија да ги евалуира кандидатите и да изврши избор на најдобрите кандидати“, се вели во истражувањето на Центaрот за граѓански комуникации.

Според анализата на раководните струкутри во 30-те најголеми државни претпријатија, каде во некои, годишните приходи изнесуваат и до 800 милиони евра, висината на надоместокот за членовите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до надоместок од 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија.

Најголеми се трошоците за членовите на одборите во скопското јавно претпријатие Водовод и канализација, околу 36 илјади евра.

Меѓу другите, во разни одбори има и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан, професор по англиски јазик, политиколог, стоматолог, секретари на училиште, педагози, психолози, осигурителни брокери и сл.

Имено, Законот за државни службеници пропишува многу прецизна постапка за вработување како државен службеник, а наспроти тоа, Законот за јавни претпријатија и Законот за трговски друштва го регулираат само бројот на членови на раководните органи, нивните квалификации и ингеренции, но не ја пропишуваат постапката за избор на членовите на управните и на надзорните одбори.

Уште еден недостаток кој истражувањето го потенцира е дека потребно е и допрецизирање на термините „афирмиран“ и „познат“ стручњак во областа на предметот на работењето на јавното претпријатие, со цел да не се манипулира со подготвеноста и способностите на членовите.

Треба да се дополнат Законот за јавни претпријатија и Законот за трговски друштва со членови во коишто ќе се предвиди дека постапката за избор на членовите на раководните органи, како и нивната квалификуваност, ќе биде уредена со подзаконски прописи“, препурачува Центарот за граѓански комуникации.

За одлуките на управните одбори известуваше своевремено и редакцијата на ИРЛ. МЕПСО, која е компанија во целосна сопственост на државата, во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше проширена и надградена во барок стил.

Во август 2011 година „Телеком“, кој беше сместен во истата зграда, поради преселба на МЕПСО му нуди да го купи неговиот деловен простор со површина од 2.178 м2 по цена од 3.700.000 евра. Управниот одбор на МЕПСО ја одбил понудата со образложение дека во моментот нема пари за таа намена.

Во меѓувреме деловниот простор што му се нудел на МЕПСО го купува приватна фирма „Дивелоп груп Скопје“, сопственост на Александар Ивановски познат како Алек Теранова, кој беше бизнис партнер во многу зделки со Јордан Камчев и Сашо Мијалков.

По само една година, во ноември 2012 година, истиот управен одбор на МЕПСО донел одлука да објави јавен повик за купување на деловен простор. А, единствен понудувач кој се јавил на огласот била токму „Дивелоп груп Скопје“, но не била иста и цената.

Сепак МЕПСО одлучува да купи деловен простор од 2.225 м2 и гаражи и помошни простории од 525 м2 за цена од 4.812.500 евра. Односно 1,1 милион евра поскапо од првичната понуда на Телеком.

Александар „Кевин“ Димитријоски и Моника Зајкова станаа членови на надзорниот одбор во Државна лотарија во февруари 2019, односно јануари 2019 година под сомнителни квалификации, но за нивниот избор, ниту едниот ниту другиот немаа конкретни одговори туку упатија на прашања до Владата.

Интересот на јавноста кон долгонајавуваната „метла“ на премиерот Заев во јуни годинава и покрај очекувањата на промени во највисоките функции, беа сублимирани на како што рече тогаш Заев, 200 заменици министри, директори на централно ниво, членови на управни одбори, надзорни одбори и директори на локално ниво.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »