Телевизијата Канал5 преку правните застапници од канцеларијата Интер Партес побара од новинарката Сашка Цветковска да се извини заради зборовите кажани за директорот на телевизијата Иван Мирчевски. Тие бараат и повлекување на содржината и тврдат дека зборовите на новинарката имале елементи на кривично дело.
Редакцијата на ИРЛ го разгледа дописот упатен преку адвокатот Маријaна Џон Филиповска од друштвото Интер Партес. За појаснување, во недела на 29.09.2019г. Сашка Цветковска направи интервју со министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски. Поводот беше најавената борба на владата со лажни вести, дезинформации и пропаганда во рамки на која што треба да произлезе акциски план, а потоа и стратегија. Во духот на критичното новинарство и принципиелноста и етиката која очекуваме да ја промовираат носителите на јавни функции, новинарката го праша министерот како планираат да се борат со пропагандата ако владините претставници одат да зборуваат во медиуми и со новинари коишто долги години учествуваа со својата работа и известување во креирање на пропаганда и дезинформации во име на приватни интереси, а не интересите на граѓаните. Во еден момент, министерот прашува на кого се мисли, по што новинарката споменува имиња на одредени лица кои што имаа важни и одлучувачки позиции во медиумите во кои што работат во изминатите 10 години, а кои што беа идентификувани од страна на бројни домашни и меѓународни извештаи и истражувања како пропагандистички и пристрасни чие што известување не е во корист на јавниот интерес.
Целото интервју можете да го погледнете овде:
(ВИДЕО)Роберт Поповски: Пазарот ќе одлучи кој е добар, а кој лош новинар
Канал 5 телевизија за проблематична ја наоѓа изјавата “Добро соработува оваа влада и со Иван Мирчевски од Канал5, сега мора злото да го именуваме, не можеме да бегаме од тие работи”. Токму таа изјава адвокатите на Канал5 ја нашле како проблематична од аспект на кривичниот законик. Односно, тие тврдат дека со таа реченица Цветковска “предизвикува омраза, раздор, нетрпеливост по етничка, верска, национална и друга дискриминаторска основа”
Истражувачката репортерска лабораторија не може да се согласи со овие паушални и правно неиздржани аргументи. Оттука, одлучивме да не го повлече интервјуто и да не се извинуваме, а своите аргументи Цветковска е подготвена да ги презентира пред суд, доколку телевизијата се одлучи на таков чекор. Во продолжение прочитајте го одговорот на новинарката Сашка Цветковска
Најмалку три причини зошто нема да се извинам
1. Затоа што Мирчевски ги стави функционерите пред граѓаните…пак
“Ако било режим, мислите се работело во розеви услови. Тогаш ми беа одземени ингеренциите. Сега ми се вратени ингеренциите. Јас се извинувам во името на медиумот. Во името на сите вработени им се извинувам на сите кои сме им нанеле неправда. Тоа е доблест. Канал 5 веќе година е на средина. Дојде момент и ние рековме доста е, од сега сме на средина. Сега немаме никаков притисок, рече Мирчевски во единственото интервју на кое што сме го гледале, а тоа е она со министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски.
Во емисијата “Само вистина” минатата година во мај наместо домаќините на емисијата, се појави токму тој. И на министерот му се извини за манипулативно и пропагандистичко известување. Изостана извинување до граѓаните кои што носеле одлуки и граделе мислења и ставови врз основа на погрешното информирање на телевизијата со години.
2. Затоа што принципите не се растеглива категорија, а вашата историја на подаништво е долга и добро документирана
Оваа телевизија со години беше значаен дел од пропагандната машина водена од партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ. Во 2013 година тие, заедно со телевизијата Сител беа најголеми донатори во изборната кампања на владејачката партија – Сител ТВ со 161.364 евра, Канал 5 со 145.506 евра. За овој малку необичен случај во кој прв пат медиуми се јавија како донатори на партии, се заинтересира и згаснатото Специјално обвинителство и се отвори и истрага. Истовремено, телевизијата добро профитираше од владините реклами и на нејзините сметки се слеаја милиони евра во една од најконтроверзните политики на минатата влада којашто стана средство за влијание врз медиумите. Мониторингот којшто го вршеа институции и граѓански организации, како и меѓународната организација ОБСЕ, покажуваше дека оваа телевизија известува позитивно за власта, додека за опозицијата известува негативно.
Накусо, долги години се нотираше пристрасност и сериозно кршење на стандардите. Од црните хајки не куртулија ни новинарите, ни универзитетски работници, па дури ни студентите кои протестираа. Се броеја предавници, платеници на Албанците, на Грците, на Американците… За на крајот токму Иван Мирчевски да потпише договор со УСАИД за ТВ емисијата Само вистина.
Еден пример од известувањето на Канал5 во кое што оцрнуваа и етикетираа лица
Една од најгрдите хајки во коишто се вклучи телевизијата под водство на Мирчевски беше таканаречената анти-сорос кампањата во 2017 година, водена од домашни и странски медиуми, а кое што колективно известување ја донесе земјава речиси на работ на граѓанска војна. Иван Мирчевски, по смената на Виктор Грозданов, долги години го одржуваше и проектот на Миленко Неделковски поради којшто телевизијата заработи и казна од Советот за радиодифузија поради промовирање и ширење говор на омраза.
Еден пример од известувањето на Канал5 во кое што ги оцрнуваа студентите кои протестираа. Пракса на телевизијата повеќе години беше да се повикува на порталот Курир.
Првото интервју кое што го даде премиерот Зоран Заев по преземањето на функцијата, беше токму во Канал 5 и токму со новата главна уредничка Маја Дамјановска. Додека една од првите одлуки на оваа влада беше поставување на нејзиниот сопруг за член на одборот на директори во Државната лотарија.
Од друга страна, јавноста добро ги памети и разговорите од прислушуваните материјали објавувани од СДСМ. Во дел од нив можевме да го чуеме сопственикот на телевизијата Емил Стојменов како договара какви вести ќе има на телевизијата и други гадости неспоиви со професионалната работа на еден медиум.
3. Затоа што нема демократија без демократски медиуми, а Канал 5 е далеку од сонцето
Иван Мирчевски вели дека работел во режим, па затоа морало да се известува како што се известувало. Но, во режим работев и јас и многу други колеги кои се бореа за подобри состојби во новинарството и не попуштија под притисоците. Демократијата и доброто владеење во една земја директно зависат од фундаменталните права како слободата на медиуми. Плурализмот и слободните медиуми се индикатор дали една држава е демократска и дали во неа владее правото или бандите. За да разбереме зошто имаме вакви медиуми, важно е да знаеме чии се, кои се луѓето што ги водат и какви се нивните интереси. Затоа ќе го споделам овој текст објавен на 8 септември по повод денот на независноста. Се надевам ќе допринесе до разјаснување зошто е важно за состојбите во медиумите да зборуваме искрено и отворено, а одговорноста да се именува.
Од Sинго и Стојменов, до Бојо и Боки
По стекнувањето на самостојна Македонија првиот независен медиум којшто се отвара е сега згаснатата А1 телевизија на бизнисменот Велија Рамковски во 1993, а две години подоцна и Сител телевизија на Љубисав Иванов Sинго, долгогодишен партиски функционер и актуелен пратеник во парламентот, основач на Социјалистичката партија на Македонија. Третата приватна телевизија се отвора во 2000 година и нејзин сопственик станува Борис Стојменов, во тие години министер за финансии во владата на Љубчо Георгиевски, бизнисмен и основач на мала партија ВМРО Вистинска.
Љубисав Иванов Sинго и Борис Стојменов ги одржуваа своите невлијателни политички партии и држеа пратенички места до скоро време. Нивните медиуми беа поддршка и средство на владејачките партии во кои коалицираа, а тоа се и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Нивните бизниси растеа, индициите во јавноста за злоупотреби од страна на овие лица и нивните фирми никогаш не се расветлија, а имеприите ги правеа преку државно спонзорирани зделки и имот.
„Концентрацијата на медиумите во рацете на олигарси е закана за назависноста на медиумите, затоа што медиумите – тоа го има секогаш, но сега се повеќе се заострува – се злоупотребуваат за политички, економски цели на одделни олигарси, ќе предупреди Кристијан Мар од “Репортери без граници“ во интервју за неделникот Глобус пред повеќе години.
Во следните години бројот на медиуми во рацете на такаренечените олигарси ќе расте правопропрционално со создавањето на нови и уште понови олигарси или економски моќни елити. Со секоја нова власт или со секои нови луѓе во партијата на секоја влада во историјата и се припишуваше дека создала свој бизнисмен преку исцедување државни ресурси. Сите овие луѓе во одреден дел од историјата посакаа да имаат и медиум. Најбогатите луѓе во Македонија се и помеѓу најголемите огласувачи, освен во периодот на владеење на Никола Груевски кога Владата е најголем огласувач.
Деведесеттите и почетоците на новиот милениум ќе останат обележани по приватизацијата којашто како процес прва го корумпираше правосудниот систем со стејачните судии и управители. Се создадоа првите големи капиталисти или, низ медиумите и низ годините популарно нарекувани олигарси. Добар дел од нив, како Минчо Јорданов и Љубисав Иванов Sинго и Борис Стојменов коалицираа со сите влади. Купуваа државна сопственост по багателни цени со “уредби од страна на Министерството за финансии” или добиваа разни концесии и тендери со правилници и легислативи кроени по нивни мерки.
Медиумите кои ја следеа приватизацијата, кои што сега за жал во најголем дел не постојат, често пишуваа како моќните ја користеа својата финансиска моќ овозможена уште при процесот на приватизација од страна на владаите на Бранко Црвенковски и потоа и Љубчо Георгиески за да стекнат и политичко влијание. Хари Костов дотера до премиероско столче во владата на СДСМ во 2002. Денеска го имаме Кочо Анѓушев за вицепремиер за економија, човекот чии што бизниси во енергетиката цветаат од времето на владата на Груевски.
“Вистината” на Јордан Камчев
Како што некој, популарно наречен, олигарх ставаше рака на медиум така работите се влошуваа. Тоа беше судбината на “Нова Македонија” кога брендот го купи Минчо Јорданов. Медиум проба да има и Сеад Кочан, и Штерјо Наков и Бојо Андрески. Некогаш најугледните медиуми во земјава, како весниците “Дненик”, “Утрински весник” и “Вест” насилнички згаснаа кога ги презема Јордан Камчев, на пример. И покрај сите истраги за него и неговиот поранешен побратим и партиски функционер Сашо Мијалков, тие успеваат умешно да се држат надвор од затвор, а нивните бизниси денеска растат. За Јордан Камчев и “Империја” речиси и не се известува, единствено се пишува за “Боки Тредичи”, како што медиумите го нарекуваат Бојан Јовановски, лицето на последната трагична бизнис политичка авантура во медиумите на која жртви се вработените и јавниот интерес. Но, компаниите на Јордан Камчев на пример, се рекламираат речиси секаде. Преку одредени медиуми одекна неговата вистина, а преку други едноставно се премолче другата страна. Добар дел од најбогатите компании и лица во земјава немаат свој медиум. Но, затоа имаат пари за реклами кои се делат безпоштедно и често без никаков мерит и критериум. Аферата “Рекет” вклучи и уште едно познато лице од листата на финансиски моќните – Силјан Мицевски. Во меѓувреме, случаите на перење пари кои што ги истражуваше, сега веќе ничкосаното СЈО, ќе чекаме да се префрлат во други раце и прашање е дали некогаш ќе имаат завршница. Се истражуваше улогата на бизнисот, и тоа на крупниот, во перењето пари, финансирањето на пропагандата и на партијата. Истрагите вклучуваа тајкуни и политичари од сите влади и идеологии.
“Веројатно ако се прашуваат овие компании зошто ги финансираат медиумите кога немаат профит од нив, одговорот би бил дека „ги бранат нивните бизниси“. Ова е точно, но само делумно. Преку медиумите, бизнисите кои стојат „позади“ медиумите обезбедуваат и многу поволности на пазарот или пак можат да вршат притисок, но и директно да добиваат финансиски средства од државата”, ќе напише долгогодипниот новинар и универзитетски професор Сефер Тахири во неговите редовни написи посветени на клиенталистичките врки во медиумите во РесПублика.
Денес медиумите се во рацете на истите луѓе и бизниси, а ситуацијата се чини драматично влошена и од аспект на почитувањето на професионалните и етичките стандарди и од аспект на сопственичката структура. Сопствениците на националните телевизии се без исклучок во рацете на бизнисмени со или без формален политички бекграунд, додека на интернетот е вистински хаос каде што дивеат партиите поддржани и спонзорирани од рекламите на компаниите на нивните тајкуни.