Press "Enter" to skip to content

Спасовски: Криминалци со меѓународни јаки врски кои можат да наштетат на истрагите судот ги пушта без притвор

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на Националната конвенција „Следејќи го патот на парите-зајакнување на финансиските истраги“, го обвини Кривичниот суд дека криминалци од големи криминални групи со моќни бизниси и врски во и надвор од државата ги пушта да поминат без притвор.

Како што вели министерот овие лица можат сериозно да го нарушат водењето на истрагите.

„Имаме случаи кога интензивно ќе работиме на сузбивање на одредена криминална група. Кога ќе се завршат сите постапки, ќе се приведат овие лица и на крајот некој во судот ќе одлучи, заради не знам кои причини, да бидат пуштени без притвор. Овде не говорам за криминалци од помал обем, туку за транснационални криминалци. Криминалци како дел од владејачките структури кои биле во Македонија или се и сега, криминалци кои имаат јаки бизнис врски и меѓународни врски и кои можат сериозно да го нарушат водењето на таквите истраги“, рече Спасовски.

Министерот најави дека МВР ќе прави ветинг на сите вработени во МВР, но апелираше истото да го направат и другите институции, затоа што како што вели залудно е ваквите луѓе да се детектираат и елиминираат, а во други институции да останат да работат лица кои соработуваат со криминалните структури.

Спасовски вели дека во МВР многу брзо ќе започне да работи единицата за водење на финансиски истраги.

„Од исклучителна важност во борбата за справувањето со организираниот криминал и корупција е да имаме и паралелни финансиски истраги се со цел нелегално стекнатиот имот да не остане повторно во рацете на криминалците. Тоа е основа за ние, како министерство, но и другите институции кои што учествуваат во спроведувањето на законот ги јакнеме своите капацитети токму во финансиските истраги и конфискацијата на имотот“, рече Спасовски.

Неконфискацијата на криминално стекнатиот имотот беше и една од забелешките кои Европската Комисија ги даде во најновиот извештај за напредокот на државата.

„Механизмите кои ги има државата за да менаџира и конфискува имот стекнат преку криминални активности, се уште не се доволно ефективни“, пишува во извештајот.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »