Press "Enter" to skip to content

ЕК: Корупцијата се уште е распространета и останува прашање на загриженост

Европската Комисија денеска препорача почеток на преговорите со Македонија. Во годишниот извештај на Комисијата стои дека Советот на ЕУ треба сега да отвори преговори со нашата земја за да се поддржат континуираните реформи, а Комисијата би применила засилен пристап за преговарачките поглавја за судството, правдата, слободата и безбедноста во земјата. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, пред Европскиот парламент нагласи дека Македонија покажала значаен напредок во реформските задачи поставени минатата година од страна на Советот на ЕУ.

„Северна Македонија продолжи да ја исполнува реформската агенда и постигна историски договор со Грција, сѐ ова заедно дава пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта на привлечноста на ЕУ“, рече Хан.

Во извештајот наведено е дека се преземни чекори за зајакнување на демократијата и владеењето на законот. ЕК препорачува владата во отворена и транспарентна политичка атмосфера да продолжи да ги применува реформите.

„Земјата да продолжи да дава конкретни резултати во клучните области идентификувани во Заклучоците на Советот, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација. Културата на компромис во политичкиот пејзаж е подобрена од страна на владата како и напорите да се допре до сите засегнати страни, вклучително и опозицијата и граѓанското општество, на инклузивен и транспарентен начин“, пишува во извештајот.

Од областа на борбата со корупција и организираниот криминал, критика дојде за практичната примена, Комисијата вели дека корупцијата се уште е распространета во многу области и е на загрижувачко ниво

Во институциите кои се клучни за борбата против корупција и организиран криминал, недостигаат компетентни вработени, а во овие области посочено е дека владата треба да направи посилни напори за да покаже дека заложбите за подбрување не се само на хартија.

ДА СЕ ПРОДОЛЖИ СО БОРБАТА ПРОТИВ ВИСОКАТА КОРУПЦИЈА

Иако напишано со поблаги зборови и во овој извештај Европската комисија напоменува дека нивото на корупција се уште е прашање на загриженост и дека власта мора да го засили напорот за да покаже дека борбата против корупцијата е национален приоритет на сите нивоа на владеење.

Во овој дел пофалби има во однос на тоа дека е подобрено законодавството, начинот на кој е избрана новата Антикорупциска комисија и нејзината заложба во оваа борба.

„Комисијата презеде важни чекори за проактивно да се бори против корупцијата, вклучувајќи и функционери на високи позиции од целиот политички спектар. Засега можат да се видат конкретни резултати од борбата против корупцијата, но тие треба да продолжат и понатаму“, пишува во извештајот.

Како препораки, за што понатаму треба да преземе државата во извештајот пишува дека треба поактивно да се спроведуваат новите правила за спречување и борба против корупцијата, но и да се поттикне проактивен однос на сите актери вклучени кои се вклучени во оваа област.

„Власта треба повторно ја потврди својата политичка волја за борба против корупцијата преку поддршка на сите релевантни институции со потребната автономија во остварувањето на нивните прерогативи, како и човечки и финансиски ресурси; Да ги консолидира евиденциите за конечни пресуди во случаите на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискација на криминални средства; Да се осигура дека правната одговорност на прислушувањето се продолжува независно од тековните реформи во рамките на системот на обвинители“, наведено е во извештајот.

КОНФИСКАЦИЈАТА НА НЕЛЕГАЛНИОТ ИМОТ ДА СТАНЕ ПРИОРИТЕТ

Исто како и во борбата против корупција, во извештајот пофалби има за подобрување на законската рамка во делот на борбата против организираниот криминал. Зајакната е соработката во спроведување на законот, а има и значително подобрување на ефективноста во борбата против трговијата со луѓе. Напредок е постигнат на оперативно ниво преку подобрување на ефективноста на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал и учество во заеднички операции со земјите-членки на ЕУ и соседните земји.

„Организираниот криминал и корупцијата како области во однос на вработувања треба и во иднина да бидат приоритет во канцеларијата на Обвинителтвото. Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција нема вработено доволно јавни обвинители“.

Комисијата во извештајот препорачува во борбата со организираниот криминал, високото ниво на корупција и тероризам, во иднина стратешки приоритет треба да биде конфискацијата на имотот кој е стекнат на нелегален начин.

„Механизмите кои ги има државата за да менаџира и конфискува имот стекнат преку криминални активности се уште не се доволно ефективни“, ппишува во извештајот.

ДА СЕ ИСТРАЖУВААТ СИТЕ ПРИЈАВИ ЗА КОРУПЦИЈА ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ

Се уште има многу работа за да се зајакне состојбата со борба против корупција во јавните набавки. Оваа е ранлива област и може да биде подложна на корупција. Во извештајот е наведено дека со носењето на новиот закон за јавни набавки, направен е мал напредок, но потребно е да се преземат понатамошни мерки за да се спречат неправилности и корупција во процесот на јавните набавки. Во тековната година, државата треба да направи усогласување со директивите на ЕУ за јавни набавки, особено за јавно-приватно партнерство, концесии. Исто така треба сите пријави за неправилностите во јавните набавки да се истражат, а оние што направиле прекршок треба да се казнат. Посочено е дека мора да се зајакнат административните капацитети на Бирото за јавни набавки и Државниот завод за ревизија за да можат да ги мониторираат јавните набавки, а Министерството за економија да ги мониторира концесиите и јавните-приватни партнерства.

ПОЛИТИЧКИТЕ ЕЛИТИ ДА ПРИФАЌААТ КРИТИКИ ОД НОВИНАРИТЕ

Во однос на слободата на изразување, постигнат е добар напредок, но се уште треба да се работи за да се подобри состојбата со слободата на изразување.

„Од суштинско значење е јавните службеници и политичките елити да покажуваат повисок степен на толеранција кон критиките, на тој начин ќе се почитува слободата на изразување“, пишува во извештајот.
Во однос на МРТВ, Комисијата вели дека државата треба да направи постојани напори за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис како и нејзина финансиска одржливост.

„Направени се измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и неговата имплементација ќе бара силна политичка посветеност за да се гарантира професионализам, почитување на принципот на транспарентност.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »