Press "Enter" to skip to content

Службеничка од пошта ги штитела централите на ЕСМ од пепел, „пеплосан“ државниот буџет

Земјите ширум светот по пандемијата се соочија со нова криза – енергетската. Таа најсилно го погоди стандардот на сиромашните држави. Македонија не беше исклучок. Нејзините граѓани и денеска се соочуваат со последиците од вртоглавиот раст на основните животни трошоци предизвикан од растот на цените на енергенсите. Но, она што за едни претставувало криза, за други претставувало предност. ИРЛ открива како јавни службеници во кризата виделе можност за профит преку сомнителни набавки за потребите на термоелектраните на јаглен во Битола и Осломеј. 

Известуваат:Маја Јовановска и Бојан Стојановски/Редактура:Иван Блажевски/Илустрација: Лука Блажев

Кариерата на велешанката Маја Јорданова им се спротиставува на сите стереотипи за македонскиот јавен службеник: Мрзелив, неспособен и недоволно вреден за приватниот сектор.

Од денот на нејзиното вработување во декември 2020 година во А.Д. Пошта таа напредувала три пати. Нејзините дневни обврски во државното претпријатие вклучувале разнесување на пошта, работа на шалтер и најпосле – канцелариска работа како соработник за услуги од платен промет и банкарски услуги. Но, таа е и поприлично богата. Во овие три години станала милионер.

Но, тоа не се должи на брзиот напредок во ова државно претпријатие кое работи со загуба и каде нејзината месечна плата се движи помеѓу 400 и 500 евра. Јорданова од 2017 година води и успешен бизнис како увозник на специјални хемикалии кои се користат при производството на струја од јаглен, а помагаат да се ублажат и штетите од аерозагадувањето. Преку нејзината компанија „Браинкоде“ таа набави адитиви против создавање згура и троска во енергетските капацитети РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј кои произведуваат струја преку согорување нискокалоричен јаглен.  

Енергетската криза донесе нов предизвик – да се стават во полн капацитет половина век старите термоцентрали на јаглен РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј во Кичево. Овие два комбинати работат преку согорување увозен нискокалорочен лигнит кој се меша со мазут. Таквиот процес доведува до испади во блоковите, а клучно е што негативно влијае и на животната средина и воздухот.

Енергетска стабилност преку стари централи

За да се ублажи проблемот со испадите, државното претпријатие Електрани на Северна Македонија (А.Д. ЕСМ) во 2023 година одлучи за првпат да набави специјален адитив против создавање на згура и троска во котлите во Битола и Кичево. На тој начин требало да ги подобри и еколошките перформанси на централите кои преку комбинираниот процес на согорување јаглен и мазут го загадуваат воздухот. 

На два посебни тендери кои беа распишани во различни месеци, како единствен понудувач се јавила дотогаш непознатата домашна фирма регистрирана во Скопје по име „Браинкоде“. Пред да влезе во игра за милионски тендери таа работела со трговија на канцелариски материјали. Во 2022 година започнува да соработува со државната ЕСМ кога за 20 илјади евра им продава навртки.

Меѓутоа во јануари 2023 година „Браинкоде“ се пререгистрирала, па од трговија со канцелариски материјали станала фирма за увоз на големо на хемиски производи. Во текот на октомври, ноември и декември истата година таа добила три тендери од ЕСМ за набавка на адитиви од Италија – сите заедно околу 6,5 милиони евра.

Првите сомнежи дека зад овие тендери можеби се крие евентуална злоупотреба ги отвори самата тендерска документација за нив. Таа предвидува за набавките да може да се натпреваруваат и фирми што немаат претходно искуство во трговијата со хемиски производи.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации во Скопје, чијшто фокус на работа се јавните набавки, коментираше за ИРЛ дека во овој случај критериумите за учество во јавната набавка се чини дека биле прилагодени за „Браинкоде“ да може да влезе во друштвото на компании кои соработуваат со ЕСМ, иако нема искуство во бизнисот со хемиски производи.

„Доколку овие факти ги поврземе со пререгистацијата што фирмата ‘Браинкоде’ ја направила во јануари можеме да се сомневаме дека условите во тендерската документација се прилагодени на оваа фирма, односно овозможено ѝ е без претходно искуство во областа да го добие тендерот“, вели Факиќ. 

Различни цени за адитивот

Истражувањето на ИРЛ се фокусираше во две насоки: Во првата баравме конкретни докази кои упатуваат на евентуална злоупотреба на државниот буџет на Македонија. Втората насока беше да откриеме дали високопозиционирани лица во власта можеби ѝ овозможиле на Маја Јорданова да добие пристап до милионските тендери на ЕСМ.

Повеќе од два месеца ИРЛ заедно со партнерски организации од Европа, дел од Меѓународниот проект за меѓународно истражување на случаи за организиран криминал и корупција (OCCRP), се обидуваше да дознае која е пазарната цена на купените хемикалии. Иницијалниот сомнеж дојде од компании од регионот кои ни посочија дека цената на продадените адитиви е енормно повисока од пазарната. 

„Браинкоде“ производот го купила од италијанската фирма „Аквафлекс“ од Милано. Сакавме да знаеме по која цена и колкава е потенцијалната заработка од двата тендера.

Од А.Д. ЕСМ објаснуваа дека пред тендерите го истражувале пазарот во соседството. Врз основа на искуства собрани од термоцентрали во регионот ја формирале и цената која потоа требало да се плати за адитивот. 

Но, наша партнерска организација од Италија испрати барање за понуда до „Аквафлекс“ за истите хемиски производи кои се дел од договорот меѓу „Браинкоде“ и ЕСМ. Побаравме понуда со цени по килограм за двата адитиви набавени за ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола.

Документите до кои дојде ИРЛ покажаа дека „Браинкоде“ на ЕСМ му ги продала адитивите по многу повисоки цени од оние кои се нудат на пазарот.

За адитивот со сериски број RPT 601 набавен за РЕК Битола, „Аквафлекс“ на нашата партнерска организација од Италија ѝ понуди цена од 5,03 евра по килограм. ЕСМ го платила по 18,57 евра за килограм. Разликата во цената за целата набавена количина од 190 тони е 2,6 милиони евра.

Цени на адитивот RTP 601 за ИРЛ и продажна цена за ЕСМ

За адитивот со сериски број RPT 602 набавен за ТЕЦ Осломеј „Аквафлекс“ понуди цена од 5,57 евра по килограм. ЕСМ го платила 16,26 евра по килограм. Разликата во цената за целата набавена количина од 120 тони е 1,3 милиони евра.

Цени на адитивот RTP 602 за ИРЛ и продажна цена за ЕСМ

Доколку државната компанија ЕСМ ги набавела овие адитиви по цената којашто преку своите партнери од Италија ја доби ИРЛ, ќе се потрошеле речиси четири милиони евра помалку. 

Откако ја добивме ваквата пресметка испративме прашања до Маја Јорданова од „Браинкоде“ за да ни објасни како била формирана конечната цена во договорите за набавките на ЕСМ.

  „Цената е реална“, рече Јорданова за ИРЛ и додаде дека станува збор за квалитетен адитив, за многу сложен систем и софтвер за инсталација.Тврдеше дека не се можни толкави разлики во цените. Дури нѐ повика да направиме увид во документите од тендерската документација во нејзината компанија.

Но, нашиот обид во следните денови да договориме средба со неа остана безуспешен. Наместо средба со Јорданова, нѐ контактираше адвокат кој бил ангажиран да ја застапува фирмата „Браинкоде“ и преку кој понатаму треба да оди секоја комуникација.

ЕСМ: На цената влијаеја пумпите и сензорите потребни за адитивот

Кусото објаснување на сопственичката на „Браинкоде“ дека софтверот и потребните пумпи за аплицирање на адитивиот влијаеле на конечната цена на тендерот, се повтори генерално и во одговорот што до ИРЛ го испрати и ЕСМ.

И од државните електрани посочија дека токму на цената влијаеле системот за дозирање и мониторинг. Дел од прашањата ИРЛ ги испрати директно до директорот на ЕСМ Васко Стефанов, но тој одлучи комуникацијата да се одвива преку прес – службата на државната компанија.

„Системот е составен од пумпи за дозирање и пумпи за претовар, контролер, сензори за движење на јагленот по траките, вентили и систем од цевки преку кој се аплицира адитивот, како и софтвер и инсталирање на системот,“ пишуваше во одговорот кој ни го испратија од ЕСМ.

По ова, ИРЛ провери колку би чинел ваквиот систем за двете термоелектрани РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Стапивме во контакт со македонска компанија која е во бизнисот со хемиски производи.

Таа, водејќи се од техничката спецификација во тендерите за адитивите, побара понуда од фирми производители од регионот. Според понудата што ја доби, а во која освен целиот систем за аплицирање на адитивот е пресметана изведба и работна рака, оваа дополнителна услуга и опрема би чинела најмногу по 19.000 евра за секоја од двете термоцентрали.

Новинарот Влатко Стојановски кој известува за случаи на корупција при некои од јавните набавки во државните енергетски компании вели дека овој сектор повеќе од една деценија го следат обвинувања за наместени тендери, лошо менаџирање и бројни истраги за корупција. Но, тие во земја со кревко владеење на правото каква што е Македонија најчесто не добиваат правни разрешници поради политички и бизнис влијанија врз правосудните институции. 

Според Стојановски, случајот со набавката на адитивите е сомнителен. Тој смета дека со вакви цени не било испочитувано главното начело на економичност при трошењето на јавни средства, а тоа е спротивно на регулативите за реализација на јавни набавки.

„Често гледаме како тендерската документација и техничките спецификации се приспособуваат на однапред определена фирма што треба да ја добие зделката за да се исклучи потенцијалната конкуренција преку ограничувачки фактори, со цел да не ја помати утврдената шема“, вели Стојановски. 

Во двете набавки на адитиви фирмата „Браинкоде“ била единствен понудувач.

Пари, партија и пријатели

Откако ги добивме овие информации ја продолживме потрагата – да откриeме како Маја Јорданова добила пристап во привилегираното друштво на компании кои со години добиваат милионски тендери од ЕСМ. Во државни електрани, раководниот кадар или клучните директорски позиции се црпат од партиите кои се на власт. 

Потрагата нѐ однесе кон директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. На таа позиција дошол во 2017 година кога се промени централната власт. Стојановиќ е пријател со директорот на ЕСМ, Васко Стефанов. И двајцата се од Неготино и биле поставени на клучни позиции во енергетиката по предлог на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).   

Директорот на ЕСМ Васко Стефанов и директорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ фотографирани на семејна прослава/Фото: Фејсбук

ИРЛ преку првото истражување со наслов „Службеничка од Пошта добила бизнис од Електрани вреден 7 милиони евра“, веќе откри дека Маја Јорданова сопственичката на „Браинкоде“ на социјалната мрежа Фејсбук споделувала постови со промотивни активности на СДСМ, партија која до парламентарните избори на 8 мај беше на власт.

Објави на Фејсбук профилот на Маја Јорданова за активности на СДСМ. Јорданова во меѓувреме направи рестрикции на својот профил и објавите повеќе не се јавни.

Дополнително ИРЛ откри дека конекциите на Јорданова со електроенергетскиот сектор не се само преку „Браинкоде“, туку таа и фамилијарно е поврзана со луѓе кои биле на високи позиции токму во државната ЕСМ за која таа набави адитиви.

На прашањето за политичките конекции со СДСМ и сомнежите што произлегуваат од блиските роднински врски со луѓе кои биле во врвот на Електрани, пред три месеци Маја Јорданова за ИРЛ одговори:

„Со ова прашање Вие го загрозувате моето право на приватност и заштитата на личните податоци кои се загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на личните податоци.“

Понатамошната истрага на ИРЛ покажа дека со италијанската фабрика „Аквалфлекс“ бизнис – релации имал директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Тоа се случувало во времето кога бил сопственик и застапник на фирми чија дејност била трговија сo хемиски производи. Заедничката фотографија на Стојановиќ и сопственикот на италијанската „Аквафлекс“, Армандо Дито, до која дојде ИРЛ, укажува дека двајцата биле деловни пријатели повеќе од една деценија.

„Селфи“ на директорот на ТЕЦ Неготино (лево) и сопственикот на „Аквафлекс“ од Италија Армандо Дито

Во првиот телефонски контакт со Стојановиќ во март оваа година тој за ИРЛ рече дека не се сеќава, но можеби ги познава сопствениците на „Аквафлекс“. Кога му кажавме која е темата што ја истражуваме, побара тој да не се доведува во корелација со тендерите за адитивот. Но, само неколку минути по разговорот замоли да се сретне со новинарите на ИРЛ. Истиот ден пристигна во Скопје од Неготино, каде што живее.

На средбата со двајца новинари тој се обиде со неетички предлози да издејствува неговото име да не се споменува во сторијата.

Кога го соочивме со заедничката фотографија со Армандо Дито, Стојановиќ одлучи да одговори писмено на прашањата на ИРЛ.

„Сум присуствувал на голем број симпозиуми од сферата на хемиската индустрија на која присуствувале сопственици на врвни компании, нивните вработени и голем број други стручни лица од областа на хемиската индустрија“, ни одговори тој неколку денови по средбата.

Тврдеше и дека не бил информиран за тендерите за адитивите кои ги доби фирмата „Браинкоде“.

Но, во договорот склучен со ЕСМ, ИРЛ увиде дека сопственичката Маја Јорданова навела петмина експерти – инженери кои ќе бидат задолжени за реализирање на договорот. Тројца се вработени во „Аквафлекс“, а двајца работат во ТЕЦ Неготино, каде Стојановиќ е директор. Со оглед дека станува збор за ангажман надвор од државната институција во која работат, тие имале обврска да го известат менаџерот на компанијата кој треба да им потпише дозвола за таквиот дополнителен ангажман. Стојановиќ не беше прецизен при одговорот на прашањето дали некој од вработените побарал од него ваква дозвола.

„Во делот на хонорарни/дополнителни aнгажмани на вработените надвор од институцијата во која се вработени, не може да даваме информација поради заштита на правата на работниците согласно законската регулатива на Република Северна Македонија,“ наведе Стојановиќ во писмен одговор до ИРЛ.

„Хемискиот“ бизнис на Стојановиќ

Во официјалната биографија на Стојановиќ од веб – страницата на ТЕЦ Неготино пишува дека пред да биде назначен за директор на централата имал 16 годишно искуство како претприемач и менаџер во дејностите трговија на стоки на големо во државата и во странство, како и во производство и трговија на земјоделски производи. Но, значаен дел од неговата биографија недостига – тоа е дека речиси една деценија раководел и бил ко-сопственик на компанија чија дејност била трговија со хемиски производи.

Кариерата во приватниот сектор Небојша Стојановиќ ја минува како застапник на домашни и странски компании кои тргуваат со хемиски производи. Така веројатно стапува во контакт и со италијанските бизнисмени од „Аквафлекс“.

Во 2011 година Стојановиќ формирал сопствена фирма „Грин стар енд“ која на почетокот се занимавала со трговија со храна и пијалоци. Слично како и „Браинкоде“ на Маја Јорданова која од компанија за канцелариски материјали ја пререгистрирала во фирма за увоз на големо на хемиски препарати, така и Стојановиќ ја пререгистрирал дејноста на компанијата од трговија со храна во трговија на големо со хемиски производи. ИРЛ поседува докази за деловни контакти на Стојановиќ со раководството на „Аквафлекс“, како и со инженерите од италијанската фирма кои потоа биле ангажирани од страна на фирмата „Браинкоде“ за вградување на системот за адитиви во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.

Стојановиќ во неговата фирма „Грин стар енд“ фигурирал до 2018 година, кога според законот, како именуван функционер (директор на ТЕЦ Неготино) повеќе не смеел да поседува сопствена фирма, па го продал својот удел во неа. Компанијата потоа згаснала во 2021 година.

Стојановиќ во изминатите седум години не бил медиумски експониран како менаџер на термоелектраната во Неготино. Таа е ретко во функција поради скапиот енергенс што го користи – мазутот.

Сепак, во фокусот на новинарските известувања бил во 2022 година. Тогаш компанијата „Хем – алијанс“ од Неготино каде како сопственик се јавува неговиот татко Мирко Стојановиќ, а управителка е сопругата на Небојша, Милица Стојановиќ, како единствен понудувач добила тендер од РЕК Битола. Вредноста изнесувала 630.000 евра за набавка на хемикалија за спречување на појава на прашина од пепелта при согорувањето на јагленот.

Тогаш опозициската ВМРО – ДПМНЕ го обвини за судир на интереси. Но, раководството на РЕК Битола и нејзиниот директор Пеце Матевски се правдаа дека постапката била законска. Додека ИРЛ ја пишуваше оваа сторија, Матевски на почетокот на јуни 2024 сè уште беше на таа позиција.

На прашањата на ИРЛ за делувањето на семејната фирма, Стојановиќ ни одговори дека таа застапувала три, како што рече, највисоко рангирани глобални компании во хемиската индустрија, но меѓу нив не е италијанската „Аквафлекс“.

Од РЕК Битола тврдат дека порано немале никаква соработка со „Аквафлекс“. Набавката на адитивите им бил прв договор. Од ЕСМ ни соопштија дека системот заедно со адитивите од Италија кон крајот на февруари биле ставени во фаза на „пробна работа“. На 11 март повторно се случи хаварија во РЕК Битола. Поради пукната цевка повторно привремено беше запрено производството на струја. Хаварија имаше и на крајот на мај кога од системот неколку дена беа исклучени сите три блока на централата. За оваа година ЕСМ досега нема план за повторно купување на адитиви кои ќе ги штитат старите котли на термоелектраните.

Понудата на „Браинкоде“ за набавка на овие адитиви против згура и троска во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј е единствена и немала конкуренција од други компании кои имаат децениско искуство во овој бизнис. Државната компанија А.Д. ЕСМ минатата година склучила 907 договори за јавни набавки во вредност од 148 милиони евра. Од нив дури 373 договори во вредност од 76 милиони евра се склучени во тендерски постапки во кои учествувал по само еден понудувач или половината тендери се доделени без да се создаде можност за конкуренција, што отвара сомнежи за корупција. 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.