Press "Enter" to skip to content

Фениксот се издигна од обвинителските фиоки со прашина да ги прикрие гревовите на корумпираното правосудство

Обвинителот Љубомир Лапе, некогаш дел од расформираното СЈО, на прес-конференција порача дека истрагата за Скопје 2014 е жива. Отчетноста на обвинителството и грижата за јавниот интерес доаѓа во период кога институцијата одмолче клучни општествени случувања кои засегаат функционери од извршната власт и судството. Впечатокот е дека намерата е да се создаде привид дека нешто се работи на полето на справувањето со корупцијата иако во реалноста правосудниот систем  со децении прикрива криминали и им помага на криминалците од висок профил да се спасат од кривичен прогон. Од последните актуелни случаи, такви се Рамиз Мерко и Сашо Мијалков – лица од црната листа на САД на кои судии и обвинители им чуваат предмети во фиока со цел да ги заштитат од прогон.

Известуваат: Бојан Стојановски и Александра Денковска Гоцевска

Корупцијата поврзана со мегаломанскиот проект„Скопје 2014“ – белег на владеењето на Никола Груевски, веќе стана  подзаборавен проблем. Руинираните фасади на скапите барокни згради се показател колку лошо и неквалитетно се градеше идејата на бегалецот Никола Груевски за ребрендирање на главниот град. Згаснатото Специјално јавно обвинителство отвори истрага пресоблекувањето на Скопје во барок и поставувањето на споменици во 2016 – година кога тимот обвинители имаше неприкосновена доверба во јавноста. По седум години истрагата на пропаднатото СЈО за спомениците од проектот Скопје 2014 се разбуди со ново кодно име „Феникс“ наречена по митската птица која ја одликува бесмртност.

Пред јавноста истрагата беше помпезно презентирана во манирот на згаснатото СЈО. Но, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со медиумите комуницира  во пишана форма. И тоа ретко. Дел од комуникациските експерти и новинарите, презентацијата на денешната истрага, проследена со протечени информации од акцијата за апсење на полицијата синоќа, ја окарактеризираа како спин и замајување на јавноста, а техниката на темпирање и споделување со јавноста потсетува на Никола Груевски предводено од ВМРО – ДПМНЕ. Обвинителството го задржа принципот на комуникација во пишана форма, кога САД официјално соопшти дека градоначалникот на Струга е ставен на црна листа поради сериозни сомнежи за корупција, влијание врз судот и обвинителите. Ако американската дипломатија виде коруптивност кај Мерко, обвинителството не препозна негово влијание иако против струшкиот градоначалник има шест активни истраги без никаков епилог.

„Скопје 2014“ во пепел, фениксот разбуден по 7 години 

По првичните половични информации, дека е уапсен поранешниот градоначалник на Општина Центар  поради истрага поврзана со изградбата на контроверзниот проект „Скопје 2014“, во петокот на пладне обвинителството на прес-конференција сподели детали за истрагата. Причина за ваков начин на комуникација со јавноста, биле шпекулациите кои се појавиле со апсењето на лица инволвирани во кривично правни настани поврзани со злоупотреба на службена положба и перење пари. Заслугите за заживување на оваа истрага одат на контото на Ислам Абази – шеф на Обвинителстовото за гонење организиран криминал и корупција, чиј избор беше остро критикуван од амбасадата на САД.

„Станува збор за еден сложен предмет, на кој јас како обвинител интензивно работев подолг временски период. По назначувањето на основниот јавен обвинител на ОЈО ГОКК Ислам Абази постојано сме во координација во врска со овој предмет. Преземавме низадополнителни истражителни дејствија и добвиме вредни докази преку барања за меѓународна правна помош, така што овој предмет доби одредена динамика“, рече обвинителот Љубомир Лапе.  

Поранешниот премиер во бегство Никола Груевски, ексминистрите за финансии и култура Зоран Ставрески и Елизабета Канческа – Милевска, поранешните градоначалници на Општина Центар Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова, како и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев заедно со уште девет лица се осомничени за злоупотреба на службена должност и перење пари. Во истрагата се вклучени и седум компании од кои три се фирми регистрирани во Италија, а едно од физичките лица опфатени во истрагата е државјанин на Италија. Истрагата за набавката на 11 споменици меѓу кои и Воинот на коњ поставен на плоштадот „Македонија“ кои биле опфатени во проектот Скопје 2014 е со кодно име „Феникс“.

Како што објасни на вчерашната прес-конференција обвинителот Љубомир Лапе кој сега е дел од редовното обвинителство, спомениците во Македонија имале многу висока тендерска цена, додека во Италија цената била исклучително ниска. Плаќањето било преку Општина Центар до леарница во Италија за што им помагал осомничениот италијански државјанин. Потоа, низ офшор компании тој ги перел парите од Македонија и ги враќал назад во фирмите, чии управители се осомничени. Тие ги подигале парите и ги предавале на едно место.

За истрагата која се уште е во тек се барала меѓународна правна помош од пет странски држави, а во текот на вчерашниот ден судија на претходна постапка изрекол мерки притвор во траење од 30 дена за осомничените за перење пари и мерка куќен притвор за осомничените за злоупотреба на службена должност.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто одлучиле да одржат прес-конференција сега кога истрагата е се уште во тек, обвинителот Лапе рече дека тоа е најдобар начин за спречување на шпекулациите.

„Имавме сомневања дека ќе ја напуштат државата. Не биравме ние кога ќе ја почнеме постапката, но кога бев известен дека еден од осомничените ја напушта Република Северна Македонија ја инициравме целата акција. Против четири лица веќе се постапува“, кажа обвинителот Љубомир Лапе.

Истрагата во 2016 година ја отвори Специјалното јавно обвинителство, а по згаснувањето на СЈО случајот го презема Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Предметите на СЈО по влезот во оваа институција фаќаа прашина, а дел од нив завршија со скандалозни одлуки, како одлуката на обвинителката Лиле Стефанова која на Сашо Мијалков и Јордан Камчев им дозволи да си ја купат слободата во спорна спогодба за случајот „Империја“.

Здравев е уапсен вчера на граничниот премин Табановце, а Тодоровиќ на скопскиот Аеродром, на враќање од Загреб. Против ексградоначалникот Владимир Тодоровиќ, кој е сопственик и на ланецот маркети „Тинекс“, не се предложени мерки за замрзнување на имот. Вакви мерки се бараат за фирмите кои биле поврзани со перење пари. Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, кога се набавувале 11 споменици дел од „Скопје 2014“. Обвинителот Лапе кажа дека не постои можност за застарување на делото.

Очаен пиар обид да се заживее пеплосаната доверба во обвинителството 

Новинарите и комуниколозите кои ги контактираше ИРЛ се согласни дека вчерашното излагање на обвинителството наликува на смислена акција во ПР кујна, која потсетува на режимот на Никола Груевски. Периодот на скандали проследени со критики за контролирано и неефикасно правосудство и тенденциозно долги и неефикасни истраги, нема да ги покрие објавувањето на подзаборавена истрага. Новинарот Жарко Настоски посочи дека денешната прес-конференција е јалова демонстрација на моќ во ситуација кога секојдневно извираат нови и нови скандали во власта, што всушност е израз на немоќ.

„Што друго освен немоќта, ако сте социјалдемократска влада, би ве натерало да посегнете по излижаните методи на М. Протоѓер и лошо да ги копирате? Како и во времето на Груевски, и во времето на Ковачевски тие празни егзибиции не постигнуваат ништо, освен што го засилуваат впечатокот во јавноста дека полицијата и власта се импотентни манипулатори кои немаат никаква намера да се борат против криминалот, во кој и самите се вмешани. Странците, кои деновиве испратија впечатливи пораки за борбата против криминалот и корупцијата, но и чесните граѓани, колку што останаа во земјава, не можете да ги прелажете со пропагандни апсења. Очекувавме конечно да видиме како „паѓа“ Мерко и бројните слични, а не баш сега подзаборавен вмровски градоначалник, обвинет пред пет или шест години“, вели новинарот Настоски. 

Комуникологот Петар Арсовски во објавување на истрага почната пред повеќе од пет години препознава техника за дефокусирање која ја применуваше владата на претходниот премиер Никола Груевски.

„Честа е таа техника со темпирање на некој процес или настан кој можеби бил актуелен или можеби секако би се случувал, но самото темпирање да се подеси така за да се покрие негативен аудиум во јавноста и тоа е техника која ја користат сите политички партии. Ние во моментов немаме точни информации дали обвинителство тоа секако го направило или не затоа што најчесто во обвинителството тие предмети се случуваат многу споро. Не знам дали е возможно да се темпира на начин на кој што ние мислиме. Но можеби предметот бил подготвен од порано, а тие сега го пуштиле во оптег. Тоа е можно, но секако треба обвинителството да има ѓаволски добро објаснување зошто предмет стар пет години не бил порано процесиран, а особено зошто се процесира баш сега. Тоа е баш чудна коинциденција“, вели Арсовски.

Црна листа на САД, милионски бизниси на внукот на Ахмети, критики од амбасади до правосудството

Градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко и цело негово семејство се ставени на црна листа на Соединетите Американски држави. Мерко е член на ДУИ која дваесетина години е на власт и партија за која само Антикорупциската комисија процесуора случаи за корупција.

Внукот на лидерот на ДУИ, Дрин Ахмети на само 24 години во партнерство со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај пред неколку дена соопшти дека го купуваат трговскиот центар „Соравија“ со 20 милиони евра долг. Обвинителството засега нема оформено предмет по допрен глас иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека обвинителството има основ да истражува и да задолжи надлежни институции да преземат активности како на пример – финансиската полиција или МВР.

Инертното и заспано правосудство со сите државни инститиуии задолжени да обезбедат правна сигурност на граѓаните се мета на критика од дипломатите во земјава. Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју кое оваа недела го даде за емисијата „Дипломатија и бизнис “ која се емитува на јавниот сервис ги праша македонските политичари каде се милијардите што даночните обврзници на ЕУ ги дале во Македонија за спроведување на реформи и обуки и зошто ништо досега не е направено, а Македонија стои во место.
Сите овие настани се случија изминатите десетина дена и за нив ниту една институција не одржа прес-конференција. Се одважија одделни политичари да коментираат на овие теми откако им беа поставени новинарски прашања.

Судскиот совет продолжува да го штити судијата кој чувеше предмет на Мијлаков во фиока

Повеќе од  половина година помина откако е изготвен извештајот на Судскиот совет за случајот во кој апелациониот судија Енвер Беџети девет месеци неоправдано го чуваше во фиока предметот „Таргет-Тврдина“ во кој е обвинет поранешен директор на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање. Од декември наваму точката требаше да биде ставена на неколку седници, но ниту еднаш не се расправаше за неа. Секогаш имаше некоја пречка – дали тоа беше незаконско разрешување на претходниот претседател на Советот Весна Дамева или пак оставките на други членови. Овој пат причината беше немање кворум. Членката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, која ја следела седницата приклучена на вибер, исчезнала и службите не можеле да ја добијат на телефон.

Со утврдување на евентуална одговорност кај апелациониот судија Беџети, тој нема да може да се кандидира за судија во Врховниот суд.

 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »