Колективната радост поради победата на ракометниот клуб „Вардар“ многу бргу се претвори во колективна хистерија. Веселбата уште еднаш ни покажа колку се опасни цивилизациските разлики меѓу нас кои сакаме отворено и европско општество и зачмаените корумпирани газди во медиумите и политиката. За ова не се виновни фановите или ракометарите или обичните граѓани.
Известувањето за спортскиот успех на „Вардар“ имаше естраден карактер и личеше на вулгарно реалити шоу. Сите национални телевизии имаа отворена програма во живо и учествуваа во билдањето на еуфоријата која бргу прерасна во непотребна хистерија. На ова се надоврзаа и политичарите. Градоначалникот на град Скопје од СДСМ, чија што работа е често критикувана во јавноста, побрза да ќари позитивен пиар па ја финансираше грандиозната прослава која допринесе за билдање на тензијата.
Медиумите поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, а финансирани од Виктор Орбан водат вистинска дигитална војна опасно манипулирајќи со извртени факти и огромна доза говор на омраза на етничка и идеолошка основа. Ефикасно мршојадски одработија за недржавотворната агенда на политичката партија, бидејќи, да не се залажуваме, такви кои промовираат омраза и поделби и етнички тензии за својот личен интерес, не им мислат добро на граѓаните.
Од аеродромот кон пречекот, радосните фанови беа мавани од гранки на вториот кат од автобусот на ЈСП со отворен кров, а при проаѓање под подвозници лежеа на земја. Кога не спасуваа живи глави, пиеја и лудуваа. Сето ова беше пренесувано во живо и без престан, а на многу од телевизиите и порталите без новинар кој би не водел низ настанот и би му дал перспектива. Оној кој тврди дека ова е известување од јавен интерес, има тешка задача да ја брани таа позиција.
На повеќето од телевизиите, експерти од спортот, но и разни лица кои не припаѓаат на никаква стручна јавност, на големо ја коментираа големата победа. Отприлика толку. Со навистина ретки исклучоци, не видовме ни многу анализи и не прочитавме многу информации за инвестициите на државата во спортот. Медиумите не покренаа голема дебата за тоа дали ракометот е нашиот спорт од национален интерес и што треба да се промени и системски и стратешки ако навистина сакаме да се афиримираме преку општествени вредности како спортот и културата. Камоли да видевме длабински и многустрано разработено известување за тоа дали и колку се промовира спортот како вредност во образованието, што е со натпреварите во ракомет на општинстко ниво, ги стимулираме ли младите таленти и така натаму и така натаму. Приказните што не ги направме се многу повеќе од оние што ги направивме како медиуми.
Останува да видиме дали некој ќе се загрижи за ова расфрлање со парите на граѓаните на премиерот Зоран Заев и градоначалникот Петре Шилегов и што ќе решат 700, 000 евра во ракометот на контото на приватен клуб ако навистина не лажеме кога велиме дека се стремиме кон општество во кое што ќе се натпреваруваат идеите, а не шерифите.