И покрај алармирањата од страна на јавноста, од самите ревизори и известувањата од медиумите, политичкиот пазар меѓу партиите во Собранието и понатаму останува главната блокада зошто се уште нема директор на Државниот завод за ревизија.
ИРЛ во октомври пишуваше дека реалните проблеми на Ревизија можат да настанат во ноември, а денес на прес-конференција околу 60 вработени од оваа институција алармираа дека се целосно блокирани со неисплатата на плати и годишната програма за работа за 2020 година.
„Доколку не дојде до брз итен избор на главен државен ревизор, ние се соочуваме со де факто законско престанување на нашата работа. Нема да можеме да ја реализираме тековната годишна програма за 2019 година. Не сме во можност да ги исплатиме нашите режиски трошоци, без струја и вода”, изјави Мијалче Дургутов, ревизор.
Тој потенцираше дека сите извештаи од октомври годинава се заглавени и не можат да се испратат на одговор до ревидираните субјекти бидејќи нема директор или заменик-директор кој може да стави овластен потпис на документите.
Комисија од ДЗР неодамна се сретна со претставници на Собранието и собраниската Комисија за именувања, како и со претседателот Талат Џафери. Алармирале дека со оглед на тоа што се закажани избори, а Собранието ќе треба да се распушти во февруари, именувањето на директор е итно прашање кое треба да се реши, особено што треба да има ревизија на изборната кампања.
Ревизорите во Собрание се појавиле со две опции како би се одглавила ситуацијата. Додека се чека партиите да се усогласат за избор: да се направат измени на законот со кој би се избрал времен директор со исти ингеренции од активните членови на заводот или генералниот секретар, односно друг раководител одговорен за финансии да добие ингеренции да може да потпишува за плати, сметки и остани трошоци.
Вчера пред Собранието се одржа и мал протест заради блокадата на институциите, меѓу кои и Државниот завод за ревизија. Неколку невладини побараа од Комисијата за избори и именувања итно да се состане, за да може до распуштањето на Собранието да се пополнат испразнетите места во сите институции.
Такво барање достави и Сојузот на синдикати кон крајот на октомври.
Освен Ревизија, заглавени се и Комисијата против дискриминација, Дирекцијата за лични податоци, Агенцијата за информации, Советот на МРТВ, Агенцијата за медиуми, граѓанската контрола на полицијата и други тела.
И сето ова бидејќи соодносот на пратеници во собраниската Комисија за именувања е предмет на политички математики. Дополнително, за власта е проблем што одлуките од оваа комисија не се во форма на извештај кој пратениците на пленарна седница би го одобриле или не, туку тие се фактички одлуки, кои на владејачкото мнозинство речиси сигурно не му одговараат.
Oтцепувањата на неколку пратеници од своите партии или пратенички групи, како на пример пратеникот Крсто Мукоски, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година откако гласаше за уставните измени и Фадил Зендели кој остана во БЕСА по раскарувањето на партијата, во овие математики придонесуваат само за уште поголем хаос во соодносот на пратеници во комисијата.
Во моментов претседател на Комисијата е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а од опозициската коалиција внатре има уште четири члена: Антонијо Милошоски, Димитар Стевананџија, Даниела Рангелова и Љупчо Димовски.
Од СДСМ и коалицијата членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Мухамед Зекири, Ивана Туфегџиќ, Костадин Костадинов и Артан Груби.
Крсто Мукоски е пратеник „одметнат“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а негов заменик е Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Фадил Зендели прво беше дел од владејачкото мнозинство а по поделбата на БЕСА и формирањето на „Алтернатива“ од страна на Африм Гаши, сега е во опозиција. А Гаши пак е негов заменик во Комисијата за именувања.
Следствено на ова, дел од пратениците бараа нова распределба во комисиите, нешто на што не се согласува опозицијата.
Мандатот на Главниот државен ревизор истече пред две години, а мандатот на заменикот пред речиси два месеци.