Што истражувавме во „Цената на правдата“
Основано во 1945 година, Вишото јавно обвинителство Скопје тивко и речиси невидливо носи една од најмоќните улоги во македонскиот правосуден систем – да одлучува за судбината на предметите кога тие стигнуваат до Апелацискиот суд, односно кога има жалба на одредена одлука на првостепените судови. Во апелациската судница, само 12 обвинители имаат моќ да ја потврдат или да ја избришат целата работа на своите колеги од пониските инстанции, со едно повлекување од жалба или обвинение.
ИРЛ ја разоткрива клучната институција во системската ранливост – Вишото јавно обвинителство кое оперира тивко и надвор од радарот на медиумите и граѓанските организации. Истражувањето „Цената на правдата“ ја отвора токму таа врата – барајќи одговори што се случува со предметите, но и со оние што ќе проговорат против системот.
Во институција стара повеќе од осум децении, каде што само неколкумина виши обвинители имаат моќ да одлучат дали една постапка ќе преживее или ќе исчезне во апелација, група жени од системот решаваат да проговорат. Наместо институционална заштита, изложени се на притисоци и прогон – не за злоупотреба на моќ, туку за откривање на вистината.
Истражувањето „Цената на правдата“ ја следи корупцијата која ја откриваат неколку храбри службенички, но и што се случува кога моќта ќе се соочи со кривичен прогон. Новинарите на ИРЛ работеа осум месеци да ги докажат пропустите и по првпат да ја исцртаат контурата на индустријата која профитира од заробеното судство. Преку конкретни судски постапки, сведоштва и исцрпно разгледување на јавните списи, првпат прикажуваме како механизмите на одговорност можат да се претворат во механизми на одмазда и механизми за заштита од прогон на подземјето, корумпираните политичари и олигархијата, како и сите луѓе од нивното опкружување. Овој криминално организиран систем се претвора во монструозна индустрија задолжена да ги линчува оние што ќе се осмелат да зборуваат: новинари, обвинителки, службенички.
Работата на ова истражување беше проследена со јавен линч и закани по физичкиот интегритет на вработените на ИРЛ. Во текот на 12-те месеци, колку што се подготвуваше истражувачкиот проект „Цената на правдата“, две новинарки на ИРЛ добија едномесечно физичко обезбедување по јавните закани од страна на лица засегнати од ова истражување. Овие моќни лица од јавниот живот, но и од подземјето, информациите за тоа дека ги истражуваат медиумите ги добиваа од вработени во судовите и обвинителствата и точно знаеја кои документи ги бараме. Токму ова доведе до јавен линч на медиумот и новинарите, сексуално вознемирување и закани.
Зошто е важно ова истражување
Интегритетот и професионалноста во правосудниот систем се основните мерки по кои се одредува дали ќе имаме здрава демократија и здрава економија и дали благосостојба ќе уживаат сите граѓани или само елитите.
Довербата во обвинителството и судството во Македонија со години се движи како тивка, но постојана сенка над јавниот простор. Анкетите редовно го потврдуваат тоа: истражувањата на „Транспаренси интернешнл“, извештаите на „Евробарометар“, како и мерењата на „Интернационалниот републикански институт“ покажуваат дека правосудството е меѓу институциите со најниско ниво на доверба во државата.
Во бројките секогаш има мала варијација, но приказната останува иста: мнозинството граѓани веруваат дека правдата не е еднакво достапна за сите и дека политичкото и олигархско влијание сè погласно пулсира низ судските ходници. По спектакуларните апсења, следуваат долги или, пак, никакви судења, а по гласните ветувања за реформи, следуваат тивки разочарувања. Во таа повторлива динамика, граѓаните учат да бидат внимателни со надежта. И токму затоа е потребен гласен граѓански отпор кој не бил можен без откривање и презентирање на злоупотребите пред граѓаните. Не претпоставени – туку потврдени со несоборливи докази.
Во синџирот на правдата најголемата моќ ја имаат обвинителите. Тие се првите што го активираат системот на правда, ги претвораат доказите во одговорност, ја штитат правичноста и ја балансираат моќта меѓу граѓанинот и државата. Тие ги застапуваат жртвите, имотот на граѓаните и нивните институции, бараат обесштетување и обезбедуваат општествената штета да биде признаена. Тие одредуваат дали доказите ќе доведат до судење или ќе „исчезнат“. Без вешти и непоткупливи обвинители, дури и најтешките злосторства би останале морално осудени – но правно несанкционирани.
1. Манипулација со приемот и роковите преку „исчезната“ службена трага: Со свесно отстранување на формалната трага за прием, извршено е незаконито постапување што, пак, овозможува манипулација на постапката. Во секоја институција првиот и единствен доказ дека нешто е примено е приемниот штембил. Надзорот утврдил дека на поштата од Апелацискиот суд немало приемен штембил, а датумот се бележел со ракопис. Тоа не е „ситен пропуст“ – тоа е начин да се контролира кога предмет „формално“ влегол во системот, што потоа влијае на рокови, итност и редослед. Дополнително, се отвара простор документите да се третираат како примени кога некому ќе му одговара. |
2. Намерно задржување на заведување за да се овозможи „местење“ на распределба: Преку систематско непочитување на правилата за заведување, извршени се неправилности што создаваат услови за манипулативна распределба. Правилата бараат предметите да се заведат истиот ден (или најдоцна следниот). Надзорот покажува дека предмети не се заведувале со денови, што според извештајот е прекршување на членови 22, 30 и 35 од Правилникот за внатрешно работење на обвинителствата. Кога заведувањето се „развлекува“, се создава практична можност да се избере „правиот“ момент, а со тоа и кој обвинител ќе го добие предметот. |
3. Притисок врз службата за концентрирање „жешки“ предмети кај обвинителот со Римско II: Преку неосновани и противречни повлекувања/откажувања, извршена е злоупотреба на обвинителската дискреција, што попречува судска контрола и резултира со неправедно затворање на предмети. Постојат силни индиции за незаконит притисок врз службата со цел насочување предмети – состојба која надзорот ја третира како кривично релевантна. Во предметот „Серта“ е наведено сведочење од службеничка дека шефот на ВЈО Скопје, Мустафа Хајлурахи, дал конкретна насока предметот да му се даде на обвинителот Јован Цветановски. Надзорот констатирал дека кај четири од 39 анализирани случаи се утврдило кривично дело непрофесионално и нестручно постапување на обвинител, што е основа за кривичен прогон. Кај сите овие четири случаи со кривични последици, обвинителот кој се откажувал од жалби или се повлекувал од обвинение – е Јован Цветановски. Дополнителни пропусти се констатирани и во другите 35 анализирани случаи. Kога вишиот обвинител се откажува од жалба или се повлекува од обвинение, апелација веќе нема што да расправа. Во „Поштенска банка“ откажувањето од жалбата на вишиот обвинител Јован Цветановски за надзорот е сомнително – не постоеле основани причини за предметот да се затвори. Во „Серта“ извештајот нотира дека Врховниот суд констатирал повреда што можела да се поправи ако не се откажел од жалба – што значи дека откажувањето директно ја заклучило вратата за корекција. |
4. Потенцијална злоупотреба на медиумски ресурси за јавен притисок и заплашување на обвинители/сведоци и новинари Кога обвинител отвора истраги што засегаат моќни лица, а паралелно се појавува координирана медиумска кампања со цел да се дискредитира неговиот интегритет, да се напаѓаат сведокот што пријавил неправилности, тоа е индиректно попречување на правдата. Доколку се утврди:
тогаш тоа може да се квалификува како:
|
Стории

Римско II
ИРЛ по првпат ја расклопува шемата по која обвинители ја манипулирале правдата во Македонија. Зад институционалната фасада се крие мрежа од луѓе во органите на прогонот. Откривме како се носат непрофесионални одлуки зад затворени врати, во кабинети и писарници, а играта се мести уште пред да почне.

Наместена правда
Пет службенички во Вишото јавно обвинителство Скопје, заглавени меѓу службената хиерархија и стравот. Две од нив решија да направат чекор што ретко кој го прави во ваков систем. Откриваат како се местеле предмети кај обвинител по наредба на шефот. Притисоците имале цел - контрола врз исходот на судски случаи.
Документарен филм
* Документарецот „Цената на правдата“ беше отстранет од YouTube по пријава за авторски права од Плусинфо и Лидер. Кратки исечоци од нивни видеа беа искористени во филмот за критика на медиумската пропаганда што работи во заштита на корумпирани моќници.
Одлуката ја донесе алгоритам, а не човек. ИРЛ поднесе контра барање за ревизија. Во меѓувреме добивме 90-дневна забрана за објавување на YouTube, па содржините ќе ги објавуваме на Facebook и Spotify.
Проектен тим
Проектен уредник: Сашка Цветковска, Бојан Стојановски
Новинари: Бојан Стојановски, Маја Јовановска, Сашка Цветковска
Видео тим: Владимир Владимиров, Сара Панковска, Горјан Атанасов, Трифун Ситниковски, Трајче Антоновски, Борис Ралев, Марко Рикалоски, Сашка Цветковска
Веб дизајн: Елена Митревска Цуцковска
Графика: Лука Блажев
Комуникации: Деница Чадиковска













