На 16 март 2025 година, Македонија беше потресена од најсмртоносната трагедија во својата понова историја. Пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани однесе 63 животи и повреди повеќе од 200 луѓе. Размерите на трагедијата отворија итни прашања за одговорноста, институционалниот неуспех и корупцијата. Иако пожарот доминираше во јавниот фокус, официјалната истрага изостави клучни поединци чии пропусти му овозможиле на ноќниот клуб да функционира нелегално.
Што открија истражувањата на ИРЛ за пожарот во „Пулс“?
Документарниот филм „Кочани – Нашиот морален компромис“ откри злоупотреба на службената положба, поткуп и пропусти на Јавното обвинителство при гонењето на лица кои овозможиле дивиот ноќен клуб „Пулс“ да функционира нелегално. |
Во првото обвинение беа опфатени 35 луѓе и три фирми, но ИРЛ откри дека двајца даночни инспектори не беа гонети, иако обвинителите имале цврсти докази против нив. Инспекторите биле доушници на газдите на Пулс, а за возврат добивале скапи подароци. Еден од нив е Драган Паунов – Дацо, брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска. ИРЛ откри дека дузина инспектори, началници и полицајци им дојавувале на газдите на Пулс за можни контроли. По објавувањето на истражувањето, беа уапсени двајцата даночни инспектори, а под истрага се и 9 други службеници. |
Второто истражување отвори сомнежи за официјалните причини за смртта на загинатите во пожарот. Официјалната истрага тврдеше дека жртвите починале од задушување со јаглерод моноксид. Но обдукциските извештаи покажаа дека кај ниту една жртва нема фатални нивоа на CO. Доказите до кои дојде ИРЛ, а кои ги имало и Обвинителството, укажуваат на друга причина за смрт кај поголемиот дел од починатите. Во „Пулс“ горел полиуретански сунѓер кој ослободува цијанид - смртоносен гас. Но во истрагата не било испитано присуството на цијанид во крвта на жртвите. |
По пожарот ИРЛ откри дека Кочани имал Локален совет за превенција, во кој членувале градоначалници, судии, полиција, пратеници и обвинители. Советот требало да детектира сигурносни ризици, како што е небезбедна дискотека. Но кога ги контактиравме членовите, некои не знаеја дека членуваат , други рекоа дека советот е „про-форма“. Еден од нив е и обвинителот Борче Јанев, кој го потпиша обвинителниот акт против 35-те обвинети. Никој не се сеќава дека се разговарало за дискотеката „Пулс“, каде постојано имало безбедносни проблеми и нарушувања на јавниот ред и мир. |
Две недели по пожарот, ИРЛ иницираше повик за акција за итна собраниска надзорна расправа која ќе ги расветли околностите за настанување на пожарот. Над 5.000 граѓани одговорија на повикот и испратија меилови до 20 пратеници од изборната единица каде се случи трагедијата. Шест месеци подоцна, се формираше собраниска анкетна комисија за системските пропусти што доведоа до трагедиите во Кочани, модуларната во Тетово и автобуските несреќи. Но, оваа комисија до денес се нема состанато. |






















