Press "Enter" to skip to content

Политичкиот пазар во Собрание го кочи функционирањето на неколку државни институции

Надворешната политика изминативе месеци го диктира темпото на активности на домашните политичари, па секојдневно граѓаните од медиумите се бомбардирани за „датумот“. Но во позадина на фамозниот датум, кој го окупира вниманието во јавниот дискурс, во моментов има неколку државни агенции или комисии кои буквално се заглавени поради неуспешниот политички пазар на власта и опозицијата.

Државниот завод за ревизија нема ниту директор ниту заменик-директор, Дирекцијата за заштита на личните податоци исто така, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер не функционира повеќе од една година, МРТ и понатаму функцинира „по старо“ бидејќи не е именуван нов Програмски совет, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација нема членови.

И сето ова бидејќи соодносот на пратеници во собраниската Комисија за именувања е предмет на политички математики. Дополнително, за власта е проблем што одлуките од оваа комисија не се во форма на извештај кој пратениците на пленарна седница би го одобриле или не, туку тие се фактички одлуки, кои на владејачкото мнозинство речиси сигурно не му одговараат.

Собраниски извори за ИРЛ тврдат дека проблемот е настанат уште во 2017 година кога на опозицијата и е дадена да ја води оваа комисија, а со поголема цел, да профункционира Собранието.

Сега сите се под благ притисок на меѓународната заедница да се побрза со именувањата во неколку агенции и државни комисии, но никој не знае како ќе се одблокира работата на Комисијата.

А пак отцепувањата на неколку пратеници од своите партии или пратенички групи, како на пример пратеникот Крсто Мукоски, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година откако гласаше за уставните измени и Фадил Зендели кој остана во БЕСА по раскарувањето на партијата, во овие математики придонесуваат само за уште поголем хаос во соодносот на пратеници во комисијата.

Во моментов претседател на Комисијата е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а од опозициската коалиција внатре има уште четири члена: Антонијо Милошоски, Димитар Стевананџија, Даниела Рангелова и Љупчо Димовски.

Од СДСМ и коалицијата членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Мухамед Зекири, Ивана Туфегџиќ, Костадин Костадинов и Артан Груби.

Крсто Мукоски е пратеник „одметнат“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а негов заменик е Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Фадил Зендели прво беше дел од владејачкото мнозинство а по поделбата на БЕСА и формирањето на „Алтернатива“ од страна на Африм Гаши, сега е во опозиција. А Гаши пак е негов заменик во Комисијата за именувања.

Следствено на ова, дел од пратениците бараа нова распределба во комисиите, нешто на што не се согласува опозицијата.

Претседателот на Комисијата, Илија Димовски, за ИРЛ изрази надеж дека барем до крајот на неделава ќе постигнат договор со владејачкото мнозинство за да бидат избрани директор и заменик-директор на Државниот завод за ревизија, како една од најважните точки, а следствено на тоа да се договорат и по другите точки.

Илија Димовски

„Јас имав обид да ја забрзам работата на комисијата, но последните две седници кои ги закажав во септември со сите точки по кои треба да донесеме одлука, беа побарани да се одложат прво од Муковски па од Зекири. Немаме договор но од некаде мораме да почнеме така што се надевам дека до крајот на неделава ќе се договориме барем за Државниот завод за ревизија“, вели Димовски.

Мухамед Зекири

Но за оваа ситуација која ги блокира именувањата во неколку важни државни тела, Зекири обвинува дека кај опозицијата немало слух.

„Проблемот е што и да се свикаат седници, немаме договор. Се губи време и вака и така. Ова е неприродна ситуација оти за прв пат опозицијата ја води оваа комисија за жал. А тие немаат слух. Треба да се направи нова распределба на пратеници за да се откочат процесите“, вели Зекири за ИРЛ.

Клучни се гласовите на Мукоски и Зендели. Ако владејачкото мнозинство не може да го убеди Мукоски да ги поддржи нивните предлози, а тој не гласа „против“ матичната партија, клучот лежи во гласот на Зендели. Тој пак, за ИРЛ вели не сака да сноси одговорност за пазарот на двете најголеми партии.

Фадил Зендели

„Таму имаат проблем ВМРО и СДСМ. Ме консултираат само кога им треба услуга, а за овие тела немаат договор. Кога не им реба глас, не ме викаат. И двете страни имаат свои кандидати, јас немам таму луѓе кои ги предлагам и зошто јас да застанам меѓу нив? Зошто јас да бидам одговорен што не функционира Комисијата?“, одговара Зендели на прашањата од ИРЛ зошо не ги поддржува предлозите ако ја има улогата на клучен играч.

 

Државниот завод за ревизија во моментов функционира без проблем. Но, за отприлика месец до два, доколку не биде избран директор или негов заменик, административните процеси можат да западнат во хаос.

Потписот на првиот ревизор не е потребен за извештаите на Државната ревизија, така што до крајот на годината, според годишната програма се ќе се одвива нормално, но администрацијата, ако не добие овластен потпишувач, вработените може да не земат плата.

„Ние се уште функционираме без проблем. Но потребен е раководен субјект за потпис на сите финансиски плаќања, документи и одобрувања кои се бараат од Државната ревизија. Сега функционираме нормално, но сериозен проблем може да настане за отприлика 60 дена“, вели Александар Поповски, кој ја врши улогата на генерален секретар во Ревизија, ургирајќи во име на професионалното работење, што побрзо да биде избран директор и негов заменик од страна на Собранието.

Во МРТ и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) се уште се нема помрднато ништо во реформите. Изборот на новите раководни тела на МРТ и на АВМУ треба да бидат спроведени според новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги, кој беше донесен кон крајот на минатата година. Новиот Програмски совет на МРТ и Советот на АВМУ треба да изберат нови директори на позициите кои со години ги држат Марјан Цветковски, односно Зоран Трајчевски, кои во јавноста важат за луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

За МРТ, која се најде како црна дамка во европските извештаи, собраниската комисија се уште ги нема интервјуирано кандидатите.

На конкурсот за седум места во новиот состав на Советот на АВМУ пријавени се 28 кандидати, а за Програмскиот совет на МРТ, за 13 места, пријавени се 19 кандидати.

Во Дирекцијата за заштита на личните податоци пак, ако сакате да пријавите повреда на правото на заштита на личните податоци, повратниот одговор ќе го чекате се додека Собранието не утврди директор и во ова тело…бидејќи нема кој да стави потпис.

Кога сте веќе тука, прочитајте:

Пропадна продажбата на 1 ТВ , инвеститорот се повлекува

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »