Press "Enter" to skip to content

Новинарските здруженија загрижени околу дел од мерките на Владата за борба со дезинформациите

Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска со соопштенија реагираа на вчерашната прес-конференција на премиерот Зоран Заев на кој тој презентираше низа мерки со кои Владата ќе се бори со дезинформациите и лажните вести.

Здруженијата велат дека со внимание ги следат чекорите на Владата и дека дел од мерките се загрижувачки за слободата на говорот и медиумите.

Од ССНМ велат дека слободата на говорот и работењето на медиумите во слободно опкружување и без притисоци мораат да бидат загарантирани во секој случај и при спроведување на каквa било акциска борба против лажните вести и дезинформациите

„Имено, прашањето на лажните вести не е само политичко прашање и прашање на демократскиот капацитет на една земја, туку првенствено е прашање на медиумската писменост. Медиумската писменост зависи од квалитетот на медиумите, односно квалитетот на новинарските и уредничките кадри. Најавеното пропагандистичко-нормативно санкционирање на лажните вести не е гаранција за успешно справување со нив. Конечно, и многу поразвиени земји од нашата не успеале премногу во оваа битка. Значи, неопходни се суштински реформи во медиумската сфера, со кои ќе се обезбеди опстанокот на квалитетните медиуми, кои ќе бидат гаранција за точна и правовремена информација“, велат од ССНМ.

Од ЗНМ велат дека нивната првичната оценка содржи точки поради која здружението изразува загриженост. Од здружението предупредуваат дека во насока на исклучување на сомнежи за злоупотреба на обврската на Владата да ја гарантира слободата на изразување, од исклучителна важност е процесот на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток.

Со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, реагираат од ЗНМ.

Од ЗНМ предупредуваат дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата.

Поврзани вести:

Тајните играчи од САД позади македонските „фејк њус“ велешки сајтови

Додека сте на нашата страница, можете да го прочитате истражувањето на ИРЛ поврзано со слободата на медиумите:

Владата најде начин како да им дава пари на приватните телевизии, се планира Фонд за медиуми

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »