Press "Enter" to skip to content

Владата најде начин како да им дава пари на приватните телевизии, се планира Фонд за медиуми

Владата загoвара формирање на Фонд за медиуми преку кој би се финансирале телевизиите и радијата. Според информациите на ИРЛ речиси два месеца се договараат формите како би одела оваа поддршка. Локалните и регионалните медиуми бараат парите да им се доделат ним, со оглед на лошата финансиска состојба во која се наоѓаат, но од Владата инсистираат во поделбата на колачот да учествуваат и националните телевизии. Намерата ја потврди и министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, кој вели дека Владата е расположена да им помогне на медиумите доколку тоа го побараат од неа.

Пишуваат:  Маја Јовановска, Александра Денковска

ИРЛ обезбеди електронски преписки помеѓу сопственици во локалните и регионалните телевизии и радијата кои веќе дебатираат за најдобрите модели за ваквата поддршка. Ни потврдија дека на тема „Фонд за медиуми“ имало средба со министерот Поповски, која се одржала на крајот на јануари.

Од Здружението на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот на етика прв пат разбрале дека владата размислува за државно финансирање на телевизиите и радијата на средба која ја свикал Поповски на 11 фебруари.

Од овие еснафски здруженија велат дека биле повикани да разговараат општо за состојбите во медиумите, а на крајот министерот ги прашал за мислење за субвенции во националните, локалните и регионалните електронски медиуми. Но, нивните впечатоци биле дека министерот само го опипувал пулсот на здруженијата. Тие биле изненадени што Поповски повторно ја споменува оваа тема, а нивните стравови лежат во праксите на корупција на медиумите од претходната власт.

Роберт Поповски – министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност

Министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски идејата за фондот ја претставува како добра волја на Владата да им се помогне на телевизиите, со оглед дека субвенции побараа и добија и весниците.

„Владата дава простор доколку има иницијативи од телевизиите и новинарските здруженија да ги разгледа и отворени сме да им помогнеме доколку од нас побараат помош“, изјави за ИРЛ Роберт Поповски.

Поповски додава дека критериумите и начинот на распределба на парите од Фондот, Владата остава да ги договорат новинарските здруженија. И тврди дека не е точно дека веќе се договараат детали.

Но, со оглед дека Фондот подолго се „крчка“, дел од сопствениците на локалните медиуми сфатиле дека тоа е договорена работа, па до Агенцијата за медиуми една гостиварска телевизија на 18 фебруари испратила допис и бара да и’ се исплатат пари.

Сопствениците на локалните телевизии инсистираат парите од фондот да бидат наменети за развој на медиумите кои се во лоша финансиска ситуација, а тоа се локалните и регионалните телевизи. Но, Поповски инсистирал дека пари мора да има и за националните телевизии.

Според информациите на ИРЛ, на 1 март во Струмица ќе се одржи првата официјална дебата на која ќе учествува и министерот Роберт Поповски и на која ќе се отвори прашањето за потребата од формирање и начинот на распределба на парите од Фондот за медиуми.

Младен Чадиковски, Марина Тунева, Тамара Чаусидис, Ѕвездан Георгиевски

Еснафските здруженија и Синдикатот против кеш пари од буџетот

Ставот на ЗНМ е дека во телевизиите не треба да влегуваат кеш пари од буџетот поради лошите пракси од минатото.

„Принципелно сме против кеш пари во медиумите, особено имајќи на ум што направи претходната влада и како овој систем го злоупотреби за корупција на медиумите и нивно сведување на владина/партиска пропаганда. Но, за овој фонд немаме инфорамции како би се правел конкретно, откако ќе ги чуеме сите засегнати страни, вклучувајќи ги и колегите од телевизиитте, со органите на ЗНМ ќе градиме став. Не би имале ништо против, ако станува збор за непарична помош во смисла на одредени даночни ослободувања, бенефиции за вработените,  или ослободувања од други давачки кон државата и останатите владини агенции со кои сега непотребно се обременети електронските медиуми. На тој начин медиумите, барем оние кои се во потешка ситуација, меѓу кои особено локалните и регионалните, би можеле полесно да функционираат“, вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Слично размислуваат и од Синдикатот на новинари и медиумски работници.

„Немам доволно информации за она што го подготвува Владата. Начелно разговаравме со Роберт Поповски за нивната евентуална поддршка на телевизиите. Она што лично сакам да го кажам е дека ставот ќе го произнесеме по добивање на конкретни информации, но во секој случај акцентот на Синдикатот ќе биде врз почитувањето на правата на вработените“, ни изјави Ѕвездан Георгиевски В.Д. претседател на ССНМ.

Извршната директорка Марина Тунева вели дека СЕММ останува на ставот дека „вложувањето“ јавни пари во медиумите, особено преку политичкото рекламирање, не само што може да создаде ограничување на слободата на изразување на самите медиуми, туку и да генерира штети врз јавниот интерес.

„Сите сме свесни за последиците од долгогодишната условеност на медиумите токму поради таквите „инвестиции“. Така се искреира еден цел нов свет и релации на клиентелизам и ‘послушност’ во различни насоки: медиуми – власт, медиуми – сопственици, медиуми – центри на моќ, итн. Што се однесува до креирањето фонд за медиумите, Советот за етика во медиумите е вклучен во процесот на консултации кој што се води со медиумската заедница, при што нашите залагања се таквата поддршка да биде во облик на олеснувања за електронските медиуми, било да се даночни или некаков вид на индиректни субвенции. Особено се залагаме поддршката да се насочи кон медиумите на регионално и локално ниво и кон оние кои се соочуваат со потешкотии во функционирањето“, изјави Тунева.

Поранешната претседателка на ССНМ, Тамара Чаусидис, вели дека не може и не сака да верува дека партијата која своевремено се фалеше дека заради неа во 2016 е повлечен  Законот за рекламирање кој го нарече „луда политика за поткупување заради замолчување“, партија што меѓу другото на избори ветуваше нула толеранција за владини пари во медиуми, две и пол години подоцна размислува за „сервисирање“ на медиумите, главно истите оние пред кои и протести организираше и си дозволуваше да ги нарекува политички непријатели.

„Позицијата на медиумите, а тука пред се мислам на големите национални телевизии не би да ја коментирам – тие од секогаш, ама од секогаш бараат пари од секаде, само не од оние за кои работат – публиката и јавноста, оти таквите пари најтешко се добиваат. Да се биде комерцијален медиум значи да се работи според правилата на пазарот. Нема тука никаква филозофија. Пазарот мора да профункционира и на него ќе опстанат најдобрите. А ако власта сака навистина нешто да смени, да направи дисконтинуитет од секашните клиентелистички релации со газите на медиумите – нека вложи пари, но во локални јавни телевизии и радија што ќе се финансираат од општинскиот буџет со однапред утврден процент (да не зависат од партијата на власт) и кои ќе функционираат во интерес на јавноста,  која има право да биде информирана од добро платени, професионални новинари, а не од економски робови на локалните кабадахии“, смета Чаусидис.

Во моментов во земјава има вкупно 123 радиодифузери, од кои 53 телевизии и 70 радија. Од телевизиите, 13 емитуваат програма на државно, 20 на регионално и 20 се локални телевизии. Од радијата, 3 емитуваат се национални, 17 регионално и 50 на локално ниво.

Сите овие ќе треба да добијат пари од Фондот за медиуми. Меѓу нив и националните Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат.

Европска федерација: Не се проблем субвенциите, но тие мора да се под граѓанска контрола

ИРЛ побара став и од Европската федерација на новинари за намерата на оваа власт повторно во име на реклами и кампањи да се даваат пари на електронските медиуми, што по Пржинскиот договор во 2015 беше строго забрането. Се досега, кога СДСМ и ДУИ ја подотвораат вратата за владини пари во телевизиите.

„Европската федерација на новинари генерално не е против државни субвенции во медиумите. Но, големо НО, целиот процес од почеток до крај, од дискусија за потребата од субвенции до крајното решение мора да биде целосно транспарентна. Давањето на субвенции мора да биде според стриктни и објективни критериуми кои ќе придонесат за подобрување на положбата на новинарите, зголемување на платите, бројот на новинари, социјален дијалог. Исто така, начинот на доделување на субвенциите мора да биде целосно независен и под граѓанска контрола“, изјави Рикардо Гутиерез генерален секретар на Европската федерација на новинари.

Владата се премисли – нема пари за реклами, но ќе има Фонд за медиуми

Само неколку месеци по доаѓањето на власт, Владата на прес конференција обелодени скандалозно трошење на пари во медиумите од власта на Груевски. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски објави дека од 2008 до 2015 година биле потрошени 38 милиони евра – пари на граѓаните за кампањи и пропаганда во електронските и печатени медиуми во Македонија.

На истата прес конференција Бошњаковски потсети дека новата македонска влада целосно ја прекина оваа негативна појава и, како што изјави тој, повеќе нема да постојат ниту реклами ниту плаќања на медиуми за маркетинг активности.

Како ќе се делат парите од Фондот за медиуми и дали повторно најголемите и највлијателните, националните телевизии ќе добиваат и најмногу пари допрва ќе се преговара и разговара.