Press "Enter" to skip to content

Тајните играчи од САД позади македонските „фејк њус“ велешки сајтови

Македонската таканаречена фејкњус индустрија од Велес имала и американски врски со познати конзервативни автори, а во моментов се води и меѓународно истражување за можни координирани меѓународни акции во медиумската пропаганда. Се истражува и што барала руска државјанка во Македонија непосредно пред изборите за претседател во САД во 2016. Не било кој, туку Ана Богачева, дел од обвинението на Роберт Милер во американската истрага. 

Автори: Сашка Цветковска, водечки репортер

Ко-автори: Аубри Белфорд, Крег Силверман и Џ. Лестер Федер.

Истражувањето спроведено од Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ Македонија заедно со партнерите ОССРП (OCCRP) и Базфед (Buzzfeed)  ја открива вистинската приказна позади таканаречената фејкњус фабрика од Велес која ги стресе и американските претседателски избори во 2016 година.

Една недела пред денот на изборите во САД во 2016 година, Базфеед откри дека во Велес се регистрирани повеќе од сто веб страници кои објавуваа лажни и вирални вести кои одеа насока на поддршка на  Доналд Трамп, тогаш кандидат, а денеска претседател на САД.

Медиумите низ светот се собраа во Велес да ја раскажат приказната за Велес и за таканаречените лажни вести кои ги правеа тинејџери од целиот свет. Многумина од нив со малку разбирање на англискиот јазик, но со успех во заработката на десетици илјади долари од дигитален маркетинг благодарение на виралноста на нивните често погрешни приказни за американската политика.

Браќата Арсови, Трајче (лево) и Пане , на едно од нивните чести луксузни патувања/Фото: Фејсбук

Партнерите сега откриваат дека политичката новинска индустрија не почнала спонтано од аполитични тинејџери, туку била лансирана од познат млад адвокат којшто славата ја стекнува со тоа што често ги брани македонските новинари во разни судски случаи. Неговото име е Трајче Арсов. Тој работел со американски партнери повеќе од шест месеци во периодот пред претседателските избори во САД. Еден од овие Американци е и Парис Вејд, кој во моментов се кандидира за државното Собрание во Невада. Арсов, исто така, ангажирал  и американски и британски автори да пишуваат за неговите сајтови, вклучувајќи најмалку двајца кои работат за десничарски конспиративни популистички веб медиуми како Gateway Pundit.

Ова истражување открива дека Македонија ја посетиле припадници на руските таканаречени трол-фабрики кои се дел од обвинението на специјалниот советник од САД, Роберт Мулер, кој го истражува наводното мешање во претседателските избори. Во Македонија дошле само три месеци пред креирањето на првите сајтови со таканаречени лажни вести фокусирани на американската политика во предизборието.

Новинарите од партнерските организации не најдоа доказ што го поврзува доаѓањето на Ана Богачева, тн. руски трол од обвиниението на Милер, со велешките веб страници. Арсов и другите поврзани со оваа операција негираат секаква поврзаност со било какви линкови со Русија.

Фотографија од пасошот на Ана Богачева, од архивата на македонската гранинча полиција зачувана при нејзиниот влез во земјава.

Двајца високи функционери во две институции кои се вклучени во меѓународната истрага потврдија дека во истрагата се вклучени и македонски разузнавачки и правосудни агенции кои соработуваат со правосудни органи и агенции од САД во најмалку две западно-европски држави. Целта е да се истражи дали можеби постојат евентуални врски со Русија.

Според македонските официјални лица вклучени во оваа истрага, имињата на Арсов и Богачева се меѓу дваесетина други кои се проверуваат во две посебни истраги кои имаат допирни точки една со друга.

Еден од надлежните лица во разговор со Базфед кажа дека „истрагата е во многу рана фаза и дека не мора да значи дека оние кои се нашле на листата за проверка направиле нешто нелегално“. Ниту еден од американските автори до објавувањето на ова истражување  не знаеше дали е дел од некаква истрага, а партнерите не можеа да потврдат ништо поврзано со нив.

Она што е јасно е дека моќните сили на Фејсбук, големите заработки од дигиталниот маркетинг и политичките спонзорства даваат шанси на глобални сојузи да го зголемат своето влијание преку ширење на лажни или полу вистинити вести во критични моменти како деновите пред изборите во САД.  

Нулта пациент – почетна точка

​Стереотипот за македонски објавувач на лажни вести е тинејџер од Велес кој слабо зборува англиски, не се грижи за новинарството ниту за политиката во САД, а пак врвно управува со техники за масовно плагирање и ширење на дезинформации по социјалните мрежи.

Трајче Арсов не е ниту една од овие работи. Но, тој е кумот на веб страниците од Македонија кои објавуваа содржини за политиките во САД.

​Арсов, кого пријателите го нарекуваат Тале, е 33 годишен адвокат од Скопје, кој потекнува од Велес. Арсов се декларира како либертаријанец на кој републиканските сенатори Ранд Пол и Тед Круз му се политички идоли.

Во изминатите десет години кога во Македонија владееше авторитативна – конзервативна влада, Арсов беше еден од ретките адвокати кои имаа волја да ги бранат независните новинари (во сплет на околности, Арсов бранеше и коавтор на оваа приказна, но откако се откри неговата вмешаност во сајтовите со лажните вести, неговиот ангажман е прекинат).

Архивирана веб страница од USA Politics Today, веб сајт воден од Тале Арсов и првиот и највлијателен веб сајт со лажни и препишани вести. Ноовинарите го користеа сервисот Web archive за да ги ресторираат одново избришаните содржини.

Со увид во домејните за регистрација на Македонските политички сајтови,откривме дека Арсов заедно со неговиот брат Панче, ги објавиле првите политички сајтови во Велес – USAPoliticsToday.com беше објавен на 23 септември 2015 година. Објавувањето на овој сајт во Велес предизвика големи реакции и брзо по тоа почнаа да се појавуваат слични сајтови. Со тек на времето Арсови направија своја империја од приближно дузина сајтови и поврзани Фејсбук страници кои имаа преку 2 милиони следбеници. Овие страници беа оперативни и објавуваа вести се до овој април кога Фејсбук конечно ги затвори.

Репортерите со Арсов се сретнаа некаде кон средината на мај во лобито на хотелот кој се наоѓа спроти спомен домот на Мајка Тереза, во центарот на Скопје.

На почетокот Арсов негираше било каква поврзаност со овие сајтови, но откако беше соочен со документи почна да се отвара. Во серија на интервјуа кои се одржуваа лично, преку апликацијата Whatsapp и телефонски, тој постепено откриваше детали околу организацијата, кои вклучуваа информации за соработници од Велика Британија и САД. Пред објавувањето на сторијата, новинарите дополнително ги потврдија овие информации.

Во разговорите со нашите репортери, Арсов негираше било каква поврзаност со пропагандната операција на Русија. Според него, се започнало во 2015 година, кога неговиот брат (Пане) му ја дал идејата. Со години Велес бил домаќин на мноштво сајтови кои објавуваа вирални стории за здрава храна, додатоци за исхрана, автомобили, мотори и други теми. Дел од локалците кои учествувале во ова направија мали богатства преку онлајн рекламните сервиси како Google AdSense (платформа за рекламирање на сајтови преку рекламите на Гугл). Арсов вели дека неговиот брат во тој момент бил невработен и живеел од помошта на неговите родители  и сакал дел да биде дел од акцијата. Пане, вели дека прв пат слуша за некаква истрага и дека тој не е вмешан во ништо нелегално.

Тале вели дека кусо време се обиделе да водат интернет сајт за автомобили, но многу брзо се увериле дека политичките портали особено оние кои се про-конзервативни многу подобро котираат.

„Ја следам македонската политика, политиката во САД и Русија“, вели Тале. „Си мислев – ок, би можел да почнеш со нешто поинакво, што не е здрава храна, автомобили, би можел да почнеш со политика“.

И покрај тоа што Тале за себе смета дека е либертаријанска десница тој вели дека неговиот прв обид на пазарот бил за текстови за либералите. Но, на Фејсбук, копирање и преработка на текстови за конзервативците била подобра бизнис идеја, вели тој.

„Ги дознавме имињата на групите во кои можеме да останеме подолго, каде нашите профили не ги отстранија, и беа поврзани со конзервативците, со Републиканците, со Трамп“, вели тој. „Најдовме над 100 групи на конзервативците, а имаше само десетина за либералите“.

Во интервјуто за нашите репортери, Арсов тврди дека неговите портали не објавувале лажни текстови, туку содржината во главно била преземена од мејнстрим конзервативни сајтови како Fox News, Breitbart, The Daily Caller, and the Washington Examiner.

„Јас сум против мејнстрим медиумите кои се пристрасни кон демократите“.

CNN и други, како и ABC се исто така пристрасни“, вели Арсов.

Проверката на архивираните текстови на сега затворените страници, покажува изобилие од  десничарски конспирации. Obama’s Ex-Boyfriend Reveals Shocking Truth That He Wants To Hide From America,  Putin to NWO Agents and Satan Worshipers: I’m Coming for You!, “HUGE Scandal – Chelsea isn’t Bill Clinton’s Daughter?

Најмалку во еден наврат, сајтот реобјавил и информации од сатиричниот веб сајт The Onion, и ја презентираше како вистинска сторија.

Бројни стории кои претходно беа објавени ја фаворизираа Русија иако Арсов во интервјуата неколкупати одрече дека неговиот „издавачки бизнис“ им било каква врска со Русија или било кој што би можел да работи како прокси за таа држава.

Како што вели тој ја објавувал таа содржина затоа што тие вести биле достапни и луѓето сакале да ги читаат.

Веб страната USA Politics Today многу брзо стана успешна. Во Велес се прошири информацијата дека браќата Арсови нашле нова тема од која се прават пари. Набрзо, другарите на Пане почнале да отвораат свои политички веб страници. Како што вели Арсов, веб страница отворил и Орце Станковски. Според изјавите на Тале, Станковски пред да влезе во „издавачкиот бизнис“поминал шест месеци работејќи на фарма за свињи.

Станковски ги направил страниците usapoliticsinsider.com и usadailypolitics.com. Други млади лица и тинејџери наскоро отворија свои сајтови за политиката на САД.

Станковски му ја спушти слушалката на нашиот репортер кога од него побаравме коментар за овој случај.

Меѓународни врски

Пролетта во 2016 година, Велес беше дом на таканаречената индустрија за политички веб страници ориентирани кон американските политики. За младите во една земја каде што просечниот приход е малку повеќе од 300 евра месечно, можноста да се заработат пари преку Google Adds Sense и други мрежи беше пресвртна точка.

Се купуваа нови коли и се трошеле пари по локалните барови. Додека Пане се расфрлал со пари низ градот, Тале тивко ги менаџирал сајтовите и градел стабилна инфраструктура за нови брендови. Профитите растеа, а браќата не губеа време за да ги трошат парите. Во 2016 година Пане и Тале двајцата посебно биле на патување во Тајланд. Фотографии од овие патувања браќата објавувале фотографии на социјалните мрежи.

До 2016 година Тале создал и нов контакт – тој вели дека започнал да се допишува на Фејсбук со Бен Голдман, американски писател и издавач кој заедно со неговиот партнер Парис Вејд, ја основале Liberty writers news, хипер партиски конзервативен сајт со седиште во САД. Оваа двојка ќе доживее слава кон крајот на 2016 година во ноември кога Вашингтон Пост ќе им направи профил портретирајќи ги како дезинформатори платеници кои се богателе преку ширење страв и гнев. Вејд денеска Републикански кандидат за државниот сенат на  Невада.

Арсов и Американците Голдман и Вејд, ги менуваа своите искази кога беа иницијално соочени со докази.

Кога нашиот репортер прв пат телефонски го контактираше Вејд, тој одговори: “Не знам ништо за врски со македонски издавачи“. Подоцна Голдман достави пишана изјава со која го призна партнерството со Арсов.

Арсов пак, првично рече дека за Голдман и Вејд дознал од профилот направен во Вашингтон Пост, а единствена врска меѓу нив било тоа што преземал неколку текстови од Алекс, братот на Парис Вејд. По двонеделни контакти и интервјуа, Арсов ја откри нивната екстензивна соработка. Тој рече дека Голдман го замолил да помогне да се запрат другите македонски издавачи бидејќи краделе многу текстови од Либерти Врајтерс. Арсов вели дека како адвокат им испраќал и писма на другите издавачи на сајтови од Велес. Како и да е, изјавата на Голдман го демантираше ова.

„Никогаш не сме барале правни услуги од него. Нашата релација беше строго новинар кон новинар“, рече Голдман.

И Арсов и Голдман рекоа дека врската започнала кога почнале да споделуваат содржина на своите Фејсбук страници, тие на нивните, Арсов на неговите. Оттаму, врската се продлабочувала. Периодот меѓу летото 2016 и јанауари 2017 година, Вејд напишал повеќе од 40 текстови за македонскиот сајт на Арсов USA PoliticsToday.  Неговиот брат Алекс за истиот сајт напишал најмалку 670 текстови користејќи го псевдонимот Александер Варен.

Освен овие контакти, Арсов исто така најмил и други американски пишувачи да работат за него. Тој вели дека сите други сопственици на сајтови од Велес правеле плагијати, односно копи – пејст од други текстови, додека тој сакал да избегне да ги крши правилата на Гугл, според кои оние што се рекламираат мора да објавуваат оригинална содржина.

„Никој, буквално никој во Велес не пишуваше свои текстови“, вели Арсов.

Друг Американец кој работел за Арсов е Џони Робертс. Тој вели дека бил најмен да пишува за USA Politics Today, откако ги исконтактирал администраторите на страницата и ги понудил своите услуги како автор.

„Испратив порака во која напишав дека имам години искуство со блогирање и одлучија да ми дадат шанса“, одговори Робертс на Фејсбук пораката испратена од нашиот новинар. Тој вели дека на почетокот  му било чудно што Арсов бил стациониран во Македонија, но дека многу не размислувал за тоа.

Друг автор од САД кој работел за Арсов е Алисија Пове, која вели дека аплицирала за работа и била во можност во текот на денот да пишува онолку текстови колку што таа сака. Таа не одговори на другите прашања кои и беа поставени преку месинџер апликацијата на Фејсбук.

Алисија Пове сега пишува за Gateway Pundit, веб страна која често објавува невистини и конспиративни теории.

Парис Вејд, конзервативеен либертаријанец. Кандидат за државното собрание во Невада и сопственик на конзервативна десничарска веб страница

Оливер Долиморе е британски автор кој исто така пишувал и за Арсов, но и за Gateway Pundit. Тој не одговори на прашањата кои му беа поставени преку Фејсбук и Твитер.

Точно и легитимно новинарство

Како што се наближувале изборите во 2016 година, Арсов и неговите партнери во Liberty Writers преку сајтовите и Фејсбук страниците кои ги работеле, продолжиле да продуцираат вирални, најчесто погрешни про Трамп вести.

Истата година на 3 ноември, Базфеед ја објави првата сторија за веб страниците од Велес. Само две недели подоцна, Трамп победи на изборите, а Вашингтон Пост го објави профилот за Голдман и Вејд. Двете стории беа вирални, но никој,  ама никој не знаеше дека Македонците и Американците со месеци работеле заедно.

Во крајна линија светското внимание кое беше насочено кон двете страни влијаеше лошо на нивниот бизнис и предизвика да почнат да ја губат работата.

Фејсбук, Гугл и другите платформи почнаа да попуштаат. Сајтовите од Велес беа отстранети од АдСенсе, а не многу подоцна почнаа да ги губат и Фејсбук страниците. Точно една година од денот на победата на Трамп на изборите, Вејд изјави дека нивните страници со повеќе од 1.8 милиони следбеници биле избришани.

Последователно на тоа, Вејд направи и видео во кое зборува за отстранувањето на страниците и бара донации за неговата политичка кампања.

Фејсбук страниците кои беа поврзани со веб сајтовите на Арсов со повеќе од два милиони фанови преживеаја подолго од оние на американските партнери.

Последниот удар за страниците на Арсов дојде на почетокот на април оваа година кога Фејсбук во еден ден ги отстрани сите.

Извор запознаен со отстранувања вели дека содржините се симнати, согласно насоките од Фејсбук да се тргнат од платформата сите финансиски мотивирани не автентични содржини.

Пред кратко време објави нови мерки кои се со цел да се намали опсегот  на страниците кои се управувани од странски издавачи, како оние во Велес.

Фејсбук продолжува да ги таргетира страниците на англиски јазик во Македонија, а власта има своја истрага за оние кои се одговорни за ширење лажни вести во време на претседателската кампања во САД.

Голдман и Вејд изјавија дека не биле свесни дека постои било каква официјална истрага поврзана со македонските сајтови и дека за тоа биле информирани преку медиумите.

Во изјавата која ја даде, Голдман рече „веруваме дека нашите активности и нашето известување беа точно и легитимно новинарство“.

Официјалните лица велат дека во истрагата се обидуваат да ги најдат клучните играчи кои стојат зад сајтовите и да откријат дали има вмешаност на странски фактори во креирањето на сајтовите и во целата операција.

Клинт Ватс, поранешен агент на ФБИ и автор на книгата  Messing With the Enemy: Surviving in a Social Media World of Hackers, Terrorists, Russians and Fake News,  рече дека истражителите  најверојатно се фокусирани да откријат дали постои руска врска со креирањето  и работата на овие страници. Како и дали содржината покажува некаков знак на координација и дали биле вклучени и пари исплаќани од странство.

„За мене најважно е: Од каде ги добиле парите за да почнат со работата? Знам дека веб страните најчесто не се многу скапи за да почнат со работа, но базичната инфраструктура како и знаењето за сето ова мора да дојде од некаде. Од каде дошла идејата да започнат со вакви сајтови и фокусот да биде на изборите во САД. Кој им дал ресурси и вештини за да го започнат ова“, вели Ватс.

„Не ја коментирам мојата работа“

Богдачева е една од 13те руски државјани обвинети за наводно мешање во изборите во САД февруари годинава, од страна на Мјулер.

Обвинението се фокусирало на улогата на „фабриката за нарушување на углед“ со седиште во Ст. Петерсбург. Станува збор за Агенција за истражување на интернетот, која што создавала онлајн пропагандни материјали и ширела пораки преку социјални мрежи со цел да му помогнат на Трамп до изборна победа над противкандидатката Хилари Клинтон.​

​​Во обвинението стои, дека Богдачева во минатото раководела со одделението за анализа на податоци во таа Агенција. Во соработка со друга вработена во Агенцијата, Богдачева наводно патувала низ соединетите држави во период од три недели, во етко на јуни 2014 година, создавајќи разузнавачки извештаи кои ги проследувала до претпоставените во Агенцијата.

Точно една година подоцна, Богачева допатувала во Македонија.

Документите за влез во државата, прибавени од Базфеед и ОССРП​ укажуваат дека Богачева престојувала во Македонија во средината на 2015. ​

На 26 јуни  2016 преминала во Грција, за што понатаму нема службени записи, ниту пак е познато како влегла во Македонија

​Богачева за своите патувања од Грција кон Австрија, па Италија објавувала постови на социјалната мрежа VKontakte, каде што, всушност, новинарите и видоа дека таа воопшто доаѓала овде.

​На новинарски прашања поставени преку „VKontakte​“ да ги објасни причините за посетата на Македонија во 2015, Богачева одби да одговара на прашања со коментар дека „не разговара за прашања поврзани со нејзината работа”. Во прашањето, новинарите не имплицираа дека таа била овде службено, туку самата Богачева тоа го кажа во нејзиниот одговор.

Новинарите не најдоа никаква врска меѓу Богачева и македонските сајтови.

Арсов останува на ставот дека првиот сајт бил негова идеја. Како и Вејд и Голдман, така и Арсов не знаел дека се води истрага за ова. Тој вели дека не е загрижен за тоа што истражителите може да најдат.

„Нема никаков криминал тука. Никој не може за ништо да ме обвини“, вели тој, додавајќи дека било каква истрага во Македонија е резултат на притисокот кој се правел од САД.

Арсов се уште ја има својата адвокатска канцеларија, но Фејсбук затвори многу од политичките страници во Велес.

„Кога Фејсбук страницата ти е затворена не можеш да работиш повеќе“, вели Арсов.

Кратко откако неговите страници беа отстранети, Арсов го гледал сослушувањето на Марк Цукенберг од страна на членовите на Конгресот. Во неколкучасовниот распит кој се случуваше среде скандалот со Кембриџ Аналитика, Цукерберг објаснуваше за полисата на компанијата за заштита на податоците. Арсов бил посебно заинтересиран за она што сенаторот Тед Круз го прашал Генералниот директор на Фејсбук. По сослушувањето, Арсов испратил мејл до канцеларијата на сенаторот Круз за да го осуди она што тој го нарекол како нефер цензура на конзервативните гласови на платформата.

„Јас сум сопственик на USA Politics Today. Конзервативните медиуми се мета на напади од Фејсбук. Бараме поддршка за да продолжиме вестите да ги шириме секаде“, пишува во мејлот на Арсов.

Од кабинетот на Круз не одговориле на мејлот. Арсов можеби е поддржувач, но тој не е нивни гласач.

АРХИВА 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.