Press "Enter" to skip to content

Неделен преглед на “Рекет”: Сите приказни од судницата

Следењето на случајот “Рекет” во медиумите се третира повеќе естрадно, отколку политички иако ги отвара можеби најгорките општествени прашања, а тие се врските помеѓу политиката, правосудниот систем, бизнисот, медиумите и организираниот криминал.

Тој со себе повлече обвинувања на адреса на високи партиски и државни функционери, пратеници, крупни имиња од бизнисот, изнудувачи, криминалци, обвинители. Репортерот на ИРЛ – Деница Чадиковска ги следеше сите судења за  овој случај кои што започнаа минатиот понеделник. Заедно со тимот, на граѓаните решивме да им ги пренесеме овие судења репортажно, аналитички и едноставно и добро напишано. Ако немате време да отворате по десетици веб страници за да ја разберете вистинската слика за поважните општествени случувања, прочитајте го пакетот од трите кратки приказни од судницата.

03 декември, прво рочиште за случајот “Рекет”

Започна судењето за случајот наречен “Рекет”.  Полна судница, инекции дијазепам, барање за оштета од 1,5 милион евра од еден не толку омилен бизнисмен – Јордан Камчев. Чувме драматични говори на Катица Јанева, Вилма Рускоска и Бојан Јовановски. Еден молчелив обвинет призна вина  – Зоран Милевски Кичеец.

Граѓаните се навикнати да гледаат репортери и камери пред Судот, особено по 2016 година кога се отворија многу високопрофилни случаи по формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Ова утро беше такво. Повеќе од 40-тина новинари и 30-тина снматели и фоторепортери се затрчаа кон полициското комбе кое требаше да ја донесе ѕвездата на судењето. Од него излезе поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Но, тоа не беше човекот кој што го чекаат, туку жената која им ги приреди судските незгоди нему и на дузина високи функционери – поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева. Во 10 часот треба да започне судењето за таканаречениот случај “Рекет” каде што таа, естрадната ѕвезда и сопственик на телевизија Бојан Јовановски и поранешен соработник на Јордан Камчев и вработен во Орка Холдинг – Зоран Милевски Кичеец се обвинети.

(кликнете на линкот долу за да ја прочитате првата приказна од судницата)

Репортажа од судницата: Сè што не прочитавте за “Рекет” во морето од инстант вести

04 декември, изрекување на првата пресуда

Во 12:00 часот петнаесетина камермани и фоторепортери подготвено чекаат да го почнат преносот во живо од читање на пресудата. Интересот е помал од оној за вчерашното судење, а присутните се преполовени. На обвинителната клупа се наредени адвокатите на Милески. Од спротивната страна, обвинителката Вилма Русковска чека сама. Седната е на работ на својата клупа и задлабочено разговара со Александар Новаковски, еден од адвокатите на Кичеец.

Зоран Милески влегува во судницата, а веднаш по него и судијката Васка Николовска – Масевска. Вревата од присутните се стишува и настанува молк. Судијката ги повикува сите да станат. Обвинетиот Милески не покажува никаква експресија на лицето. Само црвенилото на лицето ја издава неговата напнатост. Но, можеби и поради бројните камери кои се вперени во него и чекаат да ја „уловат“ неговата реакција.

(кликнете на линкот долу за да ја прочитате втората приказна од судницата)

Тајниот план на Груевски за македонски офшор се правел со лондонска фирма која перела пари за Иран

06 декември, второ рочиште за “Рекет”

Од повиканите сведоци, присутен беше само Јордан Камчев. Неговата сопруга, Ана Камчева не се појави поради, како што тврди Камчев, покачена температура. Судијката Васка Николовска-Масевска го повика сведокот да пристапи пред Судот. Обвинетиот Бојан Јовановски побара глас за да се пожали за својата здравствена состојба. Судијката нервозно и отсечно му одговори дека добиле медицинска документација од болницата „8 Септември“ и повеќе нема потреба да се разговара за неговата здравствена состојба. Додека Јовановски инсистираше дека е обесправен, Камчев трпеливо, па дури  и задоволно чекаше да започне неговото сведоштво кое подоцна ќе се претвори во вистински медиумски спектакл. Јовановски бара да се одложи судењето повикувајќи се на неговата болест. Додека тој објаснува, Камчев се смешка од столчето резервирано за сведоците на Вилма Рускоска.

Јордан Камчев, смирен и сталожен, во темно сина ролка и костум внимателно одбрани, во комбинација со уредно измазнетата коса, остави впечаток дека се подготвувал долго и грижливо за настапот кој што следува. Исправено и одважно застана пред присутните во судницата. Човекот за кого се очекуваше дека еден ден ќе седне на обвинителната клупа, влезе во судницата како сведок на обвинителството.

(кликнете на линкот долу за да ја прочитате третета приказна од судницата)

Репортажа од судницата: Сиромавиот милионер

Поврзани приказни: Наивните бизнисмени и рекетот

Едниот е почесен конзул на Србија во земјава, другиот чека одобрение да стане на Бугарија. Првиот царува во градежниот бизнис, вториот е кралот на офшорите. И двајцата беа функционери на СДСМ, а потоа миленици на Никола Груевски. И двајцата беа осомничени во финансиски афери, но никогаш не поминаа ни ден во затвор. И сега се повторно заедно како дел од најголемата политичка афера „Рекет“. Но, од контроверзни ликови двоецот Силјан Мицевски и Јордан Камчев добија улога на чесни и наивни бизнисмени кои „наседнале“ на интригите на Боки 13. Мицевски бил измамен и дал пари за непостоечки проект, Камчев е жртва на уцени и изнуда.

Пратеничкиот имунитет не ја штити Ременски од кривична одговорност

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »