Репортажа од судницата: Сè што не прочитавте за “Рекет” во морето од инстант вести
03.12.2019
Започна судењето за случајот наречен “Рекет”. Полна судница, инекции дијазепам, барање за оштета од 1,5 милион евра од еден не толку омилен бизнисмен – Јордан Камчев. Чувме драматични говори на Катица Јанева, Вилма Рускоска и Бојан Јовановски. Еден молчелив обвинет призна вина – Зоран Милевски Кичеец. ИРЛ ви ја пренесува атмосферата од судницата.
09:30
Граѓаните се навикнати да гледаат репортери и камери пред Судот, особено по 2016 година кога се отворија многу високопрофилни случаи по формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Ова утро беше такво. Повеќе од 40-тина новинари и 30-тина снматели и фоторепортери се затрчаа кон полициското комбе кое требаше да ја донесе ѕвездата на судењето. Од него излезе поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Но, тоа не беше човекот кој што го чекаат, туку жената која им ги приреди судските незгоди нему и на дузина високи функционери – поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева. Во 10 часот треба да започне судењето за таканаречениот случај “Рекет” каде што таа, естрадната ѕвезда и сопственик на телевизија Бојан Јовановски и поранешен соработник на Јордан Камчев и вработен во Орка Холдинг – Зоран Милевски Кичеец се обвинети.
Миле Јанакиески излегува од полициското комбе пред Судот
10:00
Пристигнува и Јанева со едно исто такво полициско комбе. Насмеана и исправена стои на чело во ходникот на Судот во мешаницата од новинари, претставници на амбасади и граѓански организации и адвокати. Речиси и нема трага од онаа навидум поразена жена која си го крие лицето од камерите кога пред десетина дена беше спроведена во куќен притвор. Оваа Јанева личи на онаа од 2015 година која што гордо стоеше пред јавноста со ветувања за безмилосна борба со корупцијата, за на крај да заврши како обвинета за злоупотреба на службената должност како шефица на СЈО или обвинителството што донесе надеж дека правда можеби ќе има.
“Не ги избегнува погледите на новинарите. Интересно. Напротив гледа во сите нас”, колегите репортери го споделуваат неизбежниот впечаток за ликот на старото-новата Јанева.
Катица Јанева во холот пред Судницата
Тука, во ходникот е и третообвинетиот Милески – затскриен во аголот на просторијата, молкум чекаше со изглед на лицето кој оддаваше загриженост.
Зоран Милески влегува во Судницата
Половина час подоцна присутните влегоа во Судницата. На обвинителната клупа седнаа Јанева и Милески заедно со нивните адвокати и адвокатите на Јовановски. Се чека на Бојан Јовановски. Информациите од Судот се дека тој се уште не е спроведен од притворното одделение во Шутка. Во просторијата влезе шефицата на Јавното Обвинителство Вилма Русковска и со насмевка ги поздрави новинарите.
“Никогаш не сум ја видела посвечена. Дотерана, сигурна во себе, дури и не поздравува. За разлика од некогаш, кога беше обвинителка во времето на другата власт. Интересно”, вели колешка, а другите се надоврзуваат со коментари за нејзиниот изглед.
Во меѓувреме, од екипите кои чекаат надвор, бидејќи новинарите така се делат на судењата, јавуваат дека надвор има и болничко возило. Бргу се подгреваат шпекулациите дека Јовановски можеби нема да дојде или дека дошол, но со болничкото комбе.
Амбулантно возило пред Судот
11:00
Во 11 часот, во црн долг капут, црни очила и лисици на рацете пристигнува Бојан Јовановски. По час доцнење судењето може да започне. Јовановски не изгледа добро. Со второобвинетата Јанева, ниту се поздравија, ниту разменија поглед. Јовановски беше облечен во скромна и еднолична облека, црна колку и неговите подочници. Ни трага од скапите додатоци кои обично се дел од неговиот ексцентричен стил. Започна судењето и судијката Васка Николовска – Масевска им го прочита обвинението на тројцата обвинети и на присутните. По обвинението судијката се пофали дека е задоволна што новинарите се присутни и побара од адвокатите на обвинетите да бидат што е можно поконкретни и попрецизни.
“Не сакам да се остави впечаток дека некој сака да го одолговекува ова судење”, рече судијката Николовска – Масевска.
До судот било доставено и медицинско известување дека Јовановски е тешко контактибилен, а затворскиот доктор тврдел дека тој не е во состојба да го следи судењето и неговата состојба во одредени моменти била животно загрозувачка. Јовановски побара збор за да каже дека не се чувствува добро.
„Не се чувствувам добро, утрово повраќав можеби 10 пати. Затворскиот доктор рече дека не сум во состојба да го следам судењето, но јас сам инсистирав да дојдам, иако не сум во свесна и рационална состојба“, изјави Јовановски.
Обвинителката Вилма Рускоска по изјавата на Јовановски и се обрати на судијката и напомена дека доколку докторите од болницата „8 Септември“ потврдиле дека обвинетиот е во добра здравствена состојба, сигурна е дека е така.
„Ниеден доктор не би ја ризикувал својата лиценца и работа и сметам дека само сакаат да одолговлекуваат“, гневно одговори Русковска.
Судијката Николовска одлучи Јовановски повторно да биде прегледан од медицинските лица кои ќе установат во каква здравствена состојба е и дали е во можност да продолжи со судењето. Четириесет минути подоцна, прегледот заврши и докторот констатираше дека е во состојба да го следи судењето. Покачениот притисок и болките во стомакот, докторот ги припиша на стресните околности.
“Му дадовме дијазепам. Сметам дека е во состојба активно да учествува во судењето”, рече докторот Михаил Донев.
12:30
Мина и кратката пауза. Сите се повторно во судницата. Збор побара полномошникот на контроверзниот бизнисмен Орце Камчев и го информираше судот дека Камчев бара оштета од Јовановски и Јанева во висина од 1,5 милиони евра. Судијката и даде збор на обвинителката Русковска која одговори дека за кривичните дела во овој случај не може да има оштетен, туку само сведок.
Кога судењето започна Јовановски згрбавен и со наведната глава, непрекинато кашлаше, привлекувајќи го вниманието на присутните. Судијката му даде збор на Јовановски, а тој тетеравејќи се се исправи и за малку не падна. Уште еднаш повтори дека е во лоша здравствена состојба и не е во можност да го следи судењето. Николовска категорично му одговори дека докторот го констатирал спротивното и доколку состојбата му се влоши, тука е медицинскиот персонал кој може да ургира. Откако барањето за прекин на судењето се отфрли, Јовановски се исправи и повеќе не кашлаше.
Видео блок на ИРЛ од судењето.
Воведно обраќање прва имаше обвинителката Русковска. Зборуваше со висок тон и сигурен глас, како ова да се нејзините 5 минути. Го започна обраќањето, потсетувајќи ги присутните дека еднаш, не многу одамна, Јанева и нејзиниот тим беа споредувани со „Чарлиевите Ангели“.
„Имаше еден филм Чарлиевите ангели. Имаше една госпоѓа Катица Јанева која влезе во тој филм, мислејќи дека никој ништо не и може. Но, влезе во мрежата на само прогласената естрадна ѕвезда Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Свесно и со умисла му изнесувала детали од постапките кои се воделе во специјалното обвинителството, а биле службена тајна. Обвинителството ќе докаже дека таа делото го сторила од алчност и со тоа се посрамоти не само себе, туку и целото јавно обвинителство и ја предаде довербата на народот,“ изјави Русковска.
За третообвинетиот, Милевски, таа додаде дека не е изговор дека тој му помогнал на Камчев затоа што го чувствувал како брат.
„Ќе слушнете дека Кичевскиот му помогнал на Орце Камчев затоа што го чувствува како брат, а не заборави да ја земе торбата со 1 милион евра. И ако е за брат, многу е“, рече Русковска и додаде дека вистинските жртви во случајот се граѓаните.
По воведното обраќање на главната обвинителка се огласи Бојан Јовановски. Се исправи и театрално изјави дека ќе стои до последната капка крв.
13:15
„Како што неколку пати напоменав, јас не се чувствувам добро. Жалам што сум во ваква здравствена состојба и не можам да го дадам своето воведно обраќање. Не се чувствувам виновно, рече Јовановски и повторно седна на своето место.
Но, по воведното обраќање на својот адвокат Сашо Дуковски, Јовановски повторно зема збор.
„Јас живеев за денот кога ќе можам да зборувам јавно, бидејќи сум мета на јавен линч 5 месеци. На јавната обвинителка не и е прв пат да етикетира. Оваа само прогласена естрадна ѕвезда, не планира да докажува ништо. Преку овој предмет се водат валкани политички битки кои завршуваат на моите плеќи. Оваа јавна обвинителка вели дека Катица мене ми давала службени информации, а таа гостуваше во 1ТВ и мене ме информираше за многу кривично правни настани кои ги води. Колку што сум седел со Катица во ресторан, толку сум седел и со Вилма,“ изјави Јовановски.
Јовановски додаде дека вештачењето од надзорната камера во домот на неговите родители ќе покаже кој и каде заминува со „Луј Витон“ торбата со 1,5 милиони евра.
Катица Јанева во своето воведно обраќање изјави дека не се чувствува ни малку виновна и е уверена дека Јавното Обвинителство нема никакви докази.
„Јас, Катица Јанева, само ќе потенцирам дека во изминатите 4 години се изложив себе и моето семејство на огромен ризик. Но, не се жалам. Одам со крената глава и можам секого да го погледнам во очи.“
Јанева им порача на судиите дека се надева оти нема да се уплашат од заканувачките пораки на Русковска дека ќе им ги „истресе гаќите“.
Кога се чинеше дека рочиштето не може да стане подраматично и неочекувано, третообвинетиот Зоран Милески Кичеец се изјасни за виновен, по што за него ќе биде отворен нов предмет, а пресуда ќе се донесе утре напладне.
„Се чувствувам виновен“, изјави Милевски и ги остави подзинати присутните во судницата.
Судењето ќе продолжи утре. Јовановски ќе остане во Шутка, додека Милески и Јанева се вратија дома, каде што отслужуваат куќен притвор. Утре во Судот ќе се чуе и пресудата за Зоран Милески Кичеец.
Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.
Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.
Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.
Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.
Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.
Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.
Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.
Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.
Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.
Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ.
Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.
Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.
Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.
„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата.
На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.
Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.
Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.
Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.
„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот.
Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.
Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука.
Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.
„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје.
Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:
„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот.
Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.
„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот.
Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.
Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.
Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.
Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.
„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.
На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.
„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.
Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.
„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот.
Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности.
Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.
Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.
На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.
Ѓорѓи Лазов и фирмата „СОС Обезбедување“ биле дел од истрага на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата во предметот „Синџир“ за даночно затајување. Ѓорѓи Лазов призна вина заедно со уште три лица. На 14 мај 2024 година е осуден на условна казна, објави порталот „Призма“.
На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.
„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот.
Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.
„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.
На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.
За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.
„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.
Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.
Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.