Press "Enter" to skip to content

Пратеничкиот имунитет не ја штити Ременски од кривична одговорност

Актуелната пратеничка и потпретседателка во Собранието на Република Северна Македонија, Фросина Ременски е една од осомничените во рамките на новата истрага поврзана со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, отворена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во истрагата во која се опфатени пет физички лица и едно правно, како што соопшти обвинителот Љубомир Јовески, е и Ременски, а се сомничат за перење пари, измама и помагање.

Меѓу нив, само пратеничката ужива имунитет загарантиран со Уставот.

Меѓутоа ако материјалниот или суштинскиот имунитет ја штитат Ременски во рамките на слободата на говор внатре во Собранието, процедуралниот имунитет не ја штити пратеничката од кривична одговорност доколку биде утврдено дека сторила кривично дело.

„Овој вид имунитет не значи дека против пратеникот не може да биде покрената постапка за утврдување на кривична одговорност, или пак дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело“, се вели во Уставот.

Процедуралниот имунитет всушност значи дека пратеникот не може да биде притворен без одобрение на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од минимум пет години.

Во новата истрага која ја објави Обвинителството, стои дека покрај Јовановски како осомничен за „измама“ и „перење пари“, останатите, меѓу кои и „функционерот“ во истрагата, се осомничени дека помагале при извршувањето на измамата.

„Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, стои во соопштението од Обвинителството.

Ако во обзир се земе улогата на Ременски во новата истрага како помагател во измамата, Кривичниот законик, односно член 24 пропишува дека помагателот ќе се казни како самиот да го сторил делото или поблаго.

Кривичен законик, член 42
Кривичен законик, член 42

Јовановски за кривичното дело „измама“ се сомничи за казниво дело за кое е предвидена затворска казна од една до 10 години.

Ова значи дека и пратеничката Ременски подлежи на истата одговорност како и Јовановски, меѓутоа зависно од нејзината инволвираност и околностите во истрагата, зависи и казната.

Пратеничкиот имунитет предвидува автоматски престанок само ако пратеникот е затечен во вршење на дело за кое е предвидено казна затвор од најмалку пет години, меѓутоа Обвинителството за неа денес побара само мерки за претпазливост.

Зависно од исказот кај судија на претходна постапка, околностите може да се сменат, а во таков случај, пратениците ќе треба да решаваат за одземање на нејзиниот имунитет.

Одговарајќи на прашањата од ИРЛ дали партијата би гласала за одземање на имунитетот на пратеничката, од СДСМ велат дека немаат намера на каков било начин да влијаат врз исходот на истрагата и евентуалните обвиненија, а доколку биде докажана вина, ќе постапат согласно статутот на партијата.

Ременски веќе даде исказ на 4 септември каде беше речиси повеќе од два часа, а тогаш во изјава за медиумите рече дека била повикана како лице од кое се земаат одредени известувања да даде одговор за се што е поврзано со случајот „Рекет” како и со Меѓународниот сојуз.

„Сите прашања поврзани со Меѓународниот сојузи и облигационите односи што ги има со лица и фирми, јас немам лично присуство, во контекст на она што беше побарано да го дадам како одговор на одредени прашања јас го одговорив“, изјави Ременски.

За тоа што се случувало во Меѓународниот сојуз рече дека ќе остави на надлежните органи, а за односот со Јовановски изјави дека само другарувале.

Премиерот на државата и лидер на СДСМ од каде што Ременски е актуелна во политиката, рече дека таа ќе биде времено санкционирана се додека не се утврди нејзината вина.

„Кога некое лице ќе биде осомничено или обвинeто во тој случај ја применуваме мерката на санкции која значи времено отстранување на тоа лице за да ја докаже својата невиност“, изјави Заев денес на прес-конференција прашан за одговорноста на пратеничката.

Во мај годинава, Централниот одбор на СДСМ ,а разреши Ременски од потпретседателското место во партијата заедно со другите петмина: Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Дамјан Манчевски, Благој Бочварски и Петре Шилегов.

*Изјава на Фросина Ременски дадена на 4.септември по исказот за т.н случај „Рекет“  

Кога сте веќе тука, прочитајте:

Нова истрага за Бојан Јовановски, вмешан и функционер

Заев најави кревање на паричнот лимит за станување ДДВ обврзник

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »