Press "Enter" to skip to content

Министерството за здравство со најмногу тендери, а најмала отчетност и транспарентност во 2018 година

Половично исполнување на критериумите за транспаретност, отчетност и интегритет при јавните набавки во 2018 година исполниле министерствата, владините секретаријати и Собранието, покажува најновото рангирање на 21 институција, објавено од Центарот за граѓански комуникации.

Институциите просечно исполниле 55.2 % од максимално можни 100 % од критериумите во целиот циклус на јавните набавки, што пак споредено со претходните години е мало подобрување.

Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, институциите се уште имаат простор за подобрување на транспаретноста, особено бидејќи им е понудено истражување за самоевалуација.

„Истражувањето е замислено (помеѓу другото) и како список на параметри за самоевалуација на институциите за нивно постојано подобрување. Оние институции кои од почетокот, пред две години, го сфатија овој инструмент како алатка за подобрување, преземаа мерки и навистина се подобрија. Нивниот пример треба да го следат и другите“, потенцира тој.

На врвот од рангирањето по основ на транспарентност, отчетност и интегритет се Министерствата за економија и Министерството за одбрана, а на дното Министерствата за здравство и Министерството за образование и наука.

Токму Министерството за здравство пак, потрошило најмногу пари за јавни набавки, односно 39 милиони евра, додека пак, Министерство за економија, како прворангирана за јавни набавки потрошило „само“ 334.000 евра.

„Најмногу институции се рангирани во  “ограниченото“ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, со исполнување на критериумите меѓу 40 % и 60 % од можни 100 %“, се наведува во анализата.

Истражувањето укажува и дека пораснала концентрацијата на фирмите на тендери, односно дека кај пет институции,  уделот на еден носител на набавка во вкупната вредност на тендерите е повисок од 40 %, што се смета како праг за концентрација.

За разлика од лани, кога само кај две институции една поединечна фирма имала договор за јавна набавка поголем од прагот од 40 %, во 2018 година ова било случај кај дури пет институции.

Министерството за животна средина на пример, во 2018 година има склучено три поединечни договори со фирмата „ЖИКОЛ“ (Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица), кои изнесуваат 71% од вкупната вредност на склучените договори на министерството за 2018 година.

Други слични примери се Министерството за локална самоуправа (56 отсто), Секретаријатот за законодавство (50 отсто), Министерството за информатичко општество и администрација (48 отсто) и Секретаријатот за европски прашања (43 отсто).

Иако е зголемен просечниот број на понуди по тендер , кај анализираните 21 институција, нема подобрување во последните две години. Како и во 2017, така и во 2018 година, просечниот број понуди по тендер на опфатените институции изнесува 3,1.

Министерството за труд и социјална политика добивало најмногу понуди за своите набавки.

А само две институции ги објавиле известувањата за склучени договори на своите веб страници, иако 86 отсто од институциите го објавуваат годишниот план за јавни набавки.

Владата во јули 2019 година им наложи на министерствата да ги објавуваат овие информации на нивните веб-страни, што останува предизвик за другите институции да го направат истото. Половина од нив пак, ги објавиле огласите за јавните набавки.

Годишните планови во просек се реализирале 65 %, најниската реализација на една институција изнесува 32 % (Министерството за образование и наука), а највисоката 92 % (Министерството за економија).

Анализата покажува, вели Филков, раст на транспарентноста во јавните набавки, но мора да се подобрат отчетноста и интегритетот при набавките.

„Кај транспарентноста, на пример, институциите треба да ги објавуваат на своите веб-страници плановите за јавни набавки, известувањата за склучен договори, како и самите договори и анексите. Оние, пак, којшто тоа го сториле за една година, не треба да забораваат истото да го прават секоја наредна година. Кај другите аспекти, станува збор за перформанси во јавните набавки, коишто се сплет на позитивни активности што придонесуваат кон поголема конкуренција, помалку договори во четири очи, помалку анекси, помалку жалби од фирмите итн“, вели Филков.

За јавни набавки во 2018 година, институциите заедно потрошиле 124 милиони евра.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »