Претседателот Стево Пендаровски најави дека ќе донесе нова одлука за вонредна состојба за наредните 30 дена. Тоа нема да биде продолжување на кризната состојба која завршува денеска бидејќи во моментов нема таква можност затоа што Собранието не работи.
„Јасно е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација, Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредната ситуација. Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, тоа значи дека тие се сè уште со валиден мандат, а Собранието сепак не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето на ваква одлука само застоа што имаме ситуација без преседан во која е далеку поважно да ги сочуваме животите на луѓето отколку да се криеме зад правни толкувања“, рече Пендаровски по завршување на седницата на Советот за безбедност.
На седницата не дојдоа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче. Тие од денеска се во домашна изолација, по информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, со кој вчера имаа состанок во општинската зграда, е позитивен на ковид-19. Освен нив, во изолација се и министерот за образование, Арбер Адеми, и државниот секретар во Министерството за здравстви Владимир Милошев, кои исто така беа на средбата со кризниот штаб во Куманово.
„На состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитуваа протоколите за заштита и носеа заштитна опрема. Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација“.
„Владата на Република Северна Македонија беше подготвена за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација. Работата на Владата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот“, соопштија од Владата.
Министерот Филипче на социјалните мрежи напиша дека до добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останува во изолација. Тој најави дека прес конференциите додека е во изолација ќе ги одржува од неговиот дом.
„Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата“, напиша Филипче.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска на својот Фејсбук профил напиша дека одлучил да не присуствува на состанокот на Советот за безбедност и да се изолира до вторник.
„По позитивната потврда за Ковид-19 на градоначалникот на Куманово, а поради тоа што вчера имавме состанок во Општинскиот штаб во Куманово, и покрај тоа што цело време бев со лична заштитна маска и ракавици за кои епидемиолозите сметаат дека се доволни за заштита, решив денеска да не одам на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот и да се изолирам до вторник кога тестирањето треба да се направи според протоколите,“ напиша Османи.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, утрово објави дека тестот што му бил направен на коронавирус е позитивен, односно дека е еден од 40-те жители на Куманово на кои им е дијагностициран вирусот. Освен Димитриевски, од кризниот штаб во Куманово заболени се уште девет лица.
„Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против оваа заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца. Нема простор за паника, ОШЗС ќе продолжи со својата работа во борба против Короната по препораките на епидемиолозите и стручните лица“, напиша Димитриевски на Фејсбук профилот.
Од минатата недела во домашна изолација се и лидерите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, по контакт со заболен новинар од корона вирус.