Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) Дали може Камчев од жртва да стане обвинет во „Рекет“

Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески за ИРЛ изјави дека обвинителството не постапува селективно кон ниту едно лице за кое има индиции или докази дека е инволвирано во случајот „Рекет“.  Во тоа, вели јавноста ќе се увери во текот на судската постапка, кога ќе бидат презентирани сите докази.

„Јавноста ќе може тогаш комплетно да процени преку вас медиумите дали ние определени работи сме ги испитале или не сме ги испитале докрај, кои се нашите докази во делот на предлагањето на одредена одлука и дали селективно сме постапувале кон одредени лица. Навистина овој предмет доби малку повеќе медиумски простор и најотворено да кажам имаше многу шпекулации. Но, јас очекувам дека во текот на судењето јавноста ќе се увери дали ние сме работеле доволно за да го истражиме предметот и дали селективно сме се однесувале кон определени сторители или кон определени дејствија за тој настан“, рече Јовески.

Во случајот „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски, Зоран Милески – Кичеец и Катица Јанева, а сведок и оштетен е бизнисменот Јордан Камчев од кого биле изнудени 1,5 милион евра. Денеска на распит беше повикана судијката Весна Димишкова, а нејзиното име се споменува во снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ од разговор меѓу Јовановски и Камчев. Судењето за овој предмет треба да почне на 3 декември.

Обвинителот Јовески објаснува дека согласно законот може да се случи пресврт и сведокот да стане осомничен и обвинет.

„Законски е можно такво нешто, некој сведок во одреден период, потоа да стане осомничено и обвинето лице. Сега јас конкретно на имиња не се задржувам, но законот ја допушта таквата можност. Да се смени неговото својство и таму има постапка како тоа се прави, што со дотогаш прибраните докази и слично“ – изјави Јовески.

Обвинителката Вилма Русковска освен за изнудата на пари од Камчев, отвори истрага и за измама, перење пари и помагање во овие кривични дела против Бојан Јовановски, против татко му Миле Јовановски, Јасна Мандиќ и нејзината асистентка, како и против потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ Фросина Ташевска-Ременски.

Поврзани стории

(ВИДЕО) Јовески за ИРЛ: Не се мешаме во работата на судиите, Русковска беше разочарана

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »