Поранешниот разузнавач и актуелен советник на Премиерот, Зоран Верушевски, денеска се појави во Основниот кривичен суд во Скопје на ново рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување.
Се работи за прво рочиште за овој предмет по преземањето на предметите од страна на редовното обвинителство од СЈО, кој и понатаму е застапуван од обвинителот Артан Ајро, кој го водеше овој предмет и во СЈО.
Иако разузнавачите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК ги снимале тајно и на цедиња и УСБ му ги давале на Верушевски, на денешното кусо сведочење, тој ги негираше нивните тврдења. Рече дека не ги преземал бомбите, туку бомбите тие ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал.
„Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Се што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија“, тврдеше Верушевски денеска.
Вели, во 2010 ги добил првите информации за бомбите. На барање на обвинителот Ајро да посочи на што се сеќава, Верушевски рече дека убаво објаснил во исказот кој го дал по неговото апсење.
„До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“, се огради Верушевски.
Тој негираше дека некакви материјали му предал Ѓорѓи Лазаревски. Рече дека одговорноста за материјалите била на СДСМ.
„Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година“, тврди поранешниот разузнавач. „Документацијата беше цело време во партијата и со неа управуваше претседателот на партијата“.
Сведочењето на Верушевски не се совпаѓа со исказот на Лазаревски пак, кој сведочеше дека во 2010 година му предал копиран материјал на поранешниот прв човек на УБК.
„Година дена така, а потоа копиравме на мемори стик. Табелата со нелегални разговори стана со време преголема. Во ист ден вадевме, копиравме, изнесувавме. Верушевски го викавме селектор, бидејќи беше креативен во изборот на нелегалните прислушувани разговори. Мораше да крати. Верушевски селектираше што треба. На почеток копиравме од опозицијата на СДСМ. Но, дојдовме до сознанија дека многу функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се прислушуваат незаконски. Јанкулоска и Јанакиески беа најважните што ги вадевме“, посочи Лазаревски своевремено.
Зоран Верушевски беше причината за одлагањето на рочиштето при почетокот на септември бидејќи не се појави во судница, а судскиот доставувач не успеал да го пронајде за да му ја предаде поканата ниту дома ниту во Владата.
Во случајот „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.
Прислушувани, при објавувањето на „бомбите“, тврдеше Заев, биле над 20 илјади граѓани.
Името на Зоран Верушевски секогаш се наметнува кога се во прашање структурите во МВР, а од оваа дистанца, може да се заклучи дека улогата на Верушевски се менувала во блиското минато. Во 2015 година беше обвинет дека прави пуч на власта, а во 2017 година за малку ќе завршеше на чело на УБК по трет пат.
Во 2015 година, пред промената на власта, МВР раководено од Гордана Јанкулоска издаде соопштение во кое „се пофали“ дека „за прв пат во историјата на независна Македонија реализираше случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на вољата на граѓаните“ и предметот го нарече „Пуч“.
Во процесот обвинети беа лидерот на СДСМ Зоран Заев, во улога на опозиционер, како и Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР.
МВР ги сомничеше за употреба на незаконски средства на следење и шпиунирање со упатување на сериозни закани кон високи државни функционери кои сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.
Во 2017 година, Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинителниот акт за „Пуч“, со образложение дека фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт била во спротивност со доказите за истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.
Во 1998 година Верушевски станал за прв пат директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, но по промена на власта, тој бил разрешен.
Во 2002 година, по победата на СДСМ на Парламентарните избори, Верушевски по втор пат е назначен за директор на УБК. Претходно, во 2001 година при „Афера Прислушкување“, Верушевски успеал да обезбеди материјали со прислушкувани разговори кои подоцна му ги предаде на Бранко Црвенковски.
Верушевски во 2006 година официјално беше именуван за советник во македонската амбасада во Рим, како „советник одговорен за безбедносни прашања“, а замина по предлог и избор на тогашниот директор на Агенцијата, Лазе Китановски.
Неговото портфолио одреден период беше во сенка на неколкуте скандали поврзани со неговиот син Александар Верушевски, кој беше осудуван со затворска казна за обид за изнуда во струшко кафуле, а меѓу кривичните дела му се запишани и обид за убиство, газење човек со автомобил (службено возило на МВР) и поседување оружје.
За актуелната власт, Зоран Верушевски е врвен професионалец кој солидно ја владеел материјата безбедност и разузнавање.
Во 2017 година на големо се шпекулираше дека Верушевски ќе се врати на челната позиција во УБК, како дел од новото државно раководство, но подоцна стана личен советник за национална безбедност на Заев.