Press "Enter" to skip to content

Управните одбори нема да бараат одговорност од директорите за случаите на непотизам

Антикорупциската комисија е осамена во борбата со непотизмот. Нема поддршка од владините функционери кои се именувани во Управните и Надзорните одбори на државните фирми. Во ниту една институција во која беа утврдени роднинско – пријателски вработувања нема да бараат одговорност од директорите. Ваков одговор добиле антикорупционерите од Управните и Надзорните одбори во МЕПСО, ЕЛЕМ АД Аеродроми, Централен регистар, Совет на јавни обвинители и други.

Директорите од кои нема да се бара одговорност се поранешниот генерален директор на МЕПСО –  Сашо Василевски, екс директорот на ЕЛЕМ – Драган Миновски, првиот човек на АЕРОДРОМИ – Виктор Петрушевски, на АД за стопанисување со станбен и деловен простор- Кристијан Трајковски, претседателот на Совет на јавни обвинители – Коле Штерјев, директорката на Централен регистар – Марија Бошковска Јанковска и директорката на ДУД „Мирка Гинова“ – Елена Спасеновска.

Антикорупциската комисија отвори повеќе предмети за непотизам. По утврдување на постоење конфликт на интерес, комисијата испратила иницијативи до надлежните органи во јавните претпријатија да утврдат одговорност кај директорите. Но, во ниту една институција не нашле незаконско и несовесно работење на директорите.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска рече дека тие ќе бараат детални информации за тоа на кој начин надлежните не утврдиле одговорност.

„Со оглед на тоа што симптоматично беше одговорено од управните и надзорните одбори, бараме од истите да не известат преку записници за седнициите кои ги одржале и начинот на кој не ја утврдиле одговорноста кај директорите. По добивање на тие информации ќе го известиме Собранието како инстиуција надлежна да ја следи нашата работа“, вели Ивановска.

Поточно, пет Управни и Надзорни одбори одговориле дека не утврдиле одговорност кај директорите, а во една институција  Управниот одбор се прогласил за ненадлежен и нема да започне постапка за утврдување одговорност. Советот на јавни обвинители, пак, ја известил Комисијата дека по ниеден законски основ немало елементи за поведување постапка на одговорност.

Членовите на Управните одбори ја надгледуваат работата на директорот и мора да дадат согласност за сите негови одлуки. Надзорниот одбор, пак, ја надгледува работата на Управниот одбор, како и неговото финансиско работење.

Последните скандали  со вработувањата на ќерки, синови, братучеди и пријатели на избрани и именувани функционери во државните фирми на власта и донесоа силни критики за непотизам.  Именувањата на лица во надзорните  и управни одбори, како примерот со младата и неискусна членка Зајкова Моника од коалициониот партнер ЛДП која стана член на надзорниот одбор на Државната лотарија, ги покрена прашањата за продолжување на партизацијата на државата за којашто нивните претходници ВМРО-ДПМНЕ беа силно китикувани.

ЕУ бара власта да не меша партија со агенција за вработување

Иако во планот 3-6-9 владата првично вети дека  ќе воведе транспарентни и конкуретни постапки за избор на членови на управни и надзорни одбори во контекст на реформите и деполитизација на администрацијата. Тоа не се случи, а првично амбициозниот реформски план 3-6-9 претрпе уште две верзии. Во ниту една од нив повеќе не се зборуваше за систем на заслуги и транспарентна постапка за избор на овие позиции.

Европската комисија во својот  последен извештај за прв пат бара од владата да биде транспарентна и да го почитува системот на заслуги во вработувања, а Комисијата ги споменала токму назначувањата на високите позиции во институциите и компаниите на владата.

„Критериумите за назначуање на високи менаџерски функции во институциите и претпријатијата и другите државни орани не се јасно регулирани и нема транспаретност на процесот. Владата мора да води по пример и да спречи регрутирање кое не е базиранно на мерит,“ пишува во извештајот.

Европската комисија во последниот извештај за прв пат споменува и враќање на доверба во институциите, а тоа враќање го врзува директно со деполитизација на администрацијата и форсирање на системот на заслуги.

Поврзани стории

Функционерите на СДСМ не го фермаат мислењето на Антикорупциска комисија

Објавена црната листа со 18 вработувања кои Антикорупциска ќе ги истражува

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »